Паганскиот ритуал „Џоломари“ е отсликан во книга
Книгата со фотографии „Џоломарите“ од Сашко Илов, Цветанка Темкова Илова и Гоце Давидов е објавена двојазично, на македонски и на англиски јазик, во издание на „Арс либрис“, дел од „Арс ламина – публикации“.
Книгата е фотораскажување за паганскиот ритуал џоломари, кој има повеќевековна традиција што секоја Василица се одржува во селото Бегниште, Кавадаречко. Фотографиите ги покажуваат бегнишките џоломари, нè носат во средиштето на настанот, се чувствува џоломарската атмосфера, но најмногу од сè, ги канат посетителите да го доживеат поредокот на светскиот хаос, кој настапува заради крајот на годината, помрачувањето на светот и на умот, времето на смртта на Старата година и воспоставувањето на космосот, на поредокот и раѓањето на Новата година, создавањето на новата светлина од искрите на коледарскиот оган и победата над смртта, појаснуваат од „Арс ламина – публикации“.
Авторот Сашко Илов – Дете е професор по филозофија, долгогодишен ликовен уметник и фотограф. Живее и работи во Флорида, САД, каде што е редовен учесник на тамошните фотоизложби. Член е на повеќе меѓународни здруженија на уметнички фотографи.
Цветанка Темкова Илова – Цеци е ликовна уметница и реставратор со долгогодишно искуство како уметник, фотограф, но и реставратор на повеќе археолошки локалитети. Живее и работи во Флорида, САД, каде што е наставничка по ликовно, а во слободното време твори во своето студио. Гоце Давидов е академски вајар, кој предава вајарство во Рига, Летонија.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 114, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30 јануари 2022)