Паѓање на ѕидот

Живеев на Маријахилферштрасе, која само неколку денови по падот на ѕидот беше преплавена со автомобили, главно трабанти и варбурзи со таблички од поранешните држави на КК-монархијата. Од замаглените стакла на автомобилите ѕиркаа главите на ненаспаните дечиња, кои во рацете држеа шишенца со кока-кола како крст фатен во студените јануарски води за време на Богојавлението. Тоа беше пред триесет години.

Во таа година (1989), на власт во Русија е Михаил Горбачов, на почеток на кариерата периферен член на Политбирото, задолжен за во тоа време неатрактивното и спахиски организираното земјоделие, потоа творец на перестројката, наводно западен човек што евтино го дозволил соединувањето на двете германски држави, блоковски спротивставени, за што е награден со Нобелова награда. Руските трупи се повлекоа од Авганистан по десет години непотребно војување. Војната им ја наметна САД, со т.н. опасност од исламизација на Русија, преку соседните муслимански држави. Американаците не го срушија СССР воено, туку економски, во трката во наоружувањето.

Истата година, Џорџ Буш (1989) стана претседател на САД, што коинцидира со колапсот на СССР и започнатата војна во Персискиот Залив. Негов лојален европски партнер во Европа беше Хелмут Кол, германски обединител, втор по Бизмарк, кој својот план за обединување на двете Германии не ги претстави на своите европски сојузници, пред сè, на железната леди Маргарет Тачер и на францускиот претседател Франсоа Митеран, кои секој од свои причини беа против обедувањето на двете Германии.
Во Србија се устоличува банкарот Слободан Милошевиќ, по тешкиот дуел со Иван Стамбилиќ. Отворен беше патот кон јакнењето на национализмите. Ситуацијата на Косово кулминираше (600 години од Косовската битка). Единствената партија се растури дури две години по падот на ѕидот.

Новоформираните партии продолжија со копирање на методите од претходниот систем. И тоа не само кај нас. Дипломатијата беше вовлечена во започнатите интензивни дезинтергациски процеси во поранешната Југославија. Национализмите испливаа. Се чувствуваше опасност од предвиливата војна. Во тоа време Југославија имаше подобар статус во однос на Европската комисија, отколку што сега имаат државите кандидати на ЕУ. Беше на прагот на членство во ЦЕФТА, доби кредит од 100 милиони долари од ЕФТА за развој на мали и средни претпријатија, се отвори тунелот Караванки. Се наѕираше и инвестициски бран. Уште во 1985 година се сметаше дека идните членки ќе бидат Шпанија, Португалија и Југославија, со забелешка дека диктаторските режими треба да се сменат. На Шпанија и на Португалија тоа им успеа.
Политиката на неврзаност беше во период на стагнација по смртта на лидерот (1980). Подемот не го искористивме, како, на пример, Австрија како неутрална држава. Во мојот конечен извештај за работењето на високопозиционирано место во Амбасадата на Југославија во Виена, на крајот на 1991 година, напишав дека Австрија во наредните сто години ќе профитира од падот на Берлинскиот ѕид. Тоа се оствари. Нивното влијание, покрај на Средна и Источна Европа, се прошири преку Босфор.
Државите од подоцна промовираната „Вишеградска четворка“ беа на работ на економската беда. Излозите на продавниците во Прага, Варшава, Будимпешта и Братислава беа аранжирани со пирамиди од рибји конзерви, а луѓето униформирани во евтина одежда. Исто беше и во Софија и Букурешт. По само 30 години, овие држави се веќе петнаесетина години во ЕУ и НАТО. Падот на Берлинскиот ѕид беше само прва фаза во нивната демократска преродба. Првпат се почувствуваа како граѓани.

А каде сме ние по 30 години?

Падот на Берлинскиот ѕид нè затече. Политички, по инерција, продолжи со доминација на истата методологија на владеење, сега во повеќепартиски карамелизирана обланда. Економски сакавме веднаш да го имитираме западниот систем што доведе до појава на либерална хегемонија во најпримитивна пљачкашка форма, чие вистинско име е системот на спроведената приватизација што ги создаде првите „ин витро“ капиталисти. И ние имавме сопствени ѕидови, кои како познати неимари сами ги подигнувавме, ама и кои ни беа наметнати од страна на ЕУ (Лисабонска декларација, Агенда 2000), блокади од Грција и недефинирани односи со соседите. Од поставените ѕидови, замаскираните опасности за загрозување на нашиот суверенитет, не би можеле да се справиме без помошта на САД. Со потпишување на Преспанскиот договор се крунисува добронамерната политика на САД кон РСМ. Договорот за пријателство со Бугарија, пак, има друга димензија, која спаѓа во категорија на подигнување сопствени ѕидови во главите на партиските лидери кај нас. Вратата на ЕУ ни е отворена. Наша задача е само да не ја затвораме. Модалитетите, предложени од францускиот претседател Макрон, можат да бидат само стимулативни. Тој догодина нема да ја посети РСМ, туку во рамките на посетата на регионот ќе допатува и во Скопје или Охрид.

Илузија на Западот беше верувањето дека доколку Истокот се промени, тоа нема да има консеквенции на Западот (Иван Крастев, интервју во виенскиот „Профил“ од 3 ноември). И Запад претрпи промени. Макрон предвидува нови. Тие ќе зависат и од интензитетот на промените на Исток. Таа посета ќе има ефект само доколку се исполнат познатите забелешки за кои и врапците знаат. Модели „а ла Мал шенген“ се надминати. Тие носат политички поени на предлагачот и често се мотивирани од замаглување на домашната ситуација. Членството во каква-таква ЦЕФТА, чии принципи често се кршат, ја апсолвира потребата од „мали шенгени“. Имитациите често се штетни, особено ако целта е единствено декларативна, а не се спроведува. Ние треба единствено да ги рушиме постојните ѕидови, подигнати меѓу етничките заедници, меѓу недефинираните партиски идеологии, разединетите интелектуалци, загрижените чувари на македонската кауза, меѓу младите што сега не мора да ги прескокнуваат ѕидовите, туку со „Визер“ ја напуштаат државата. Ако се споредиме со државите од Средна Европа, во кои социјализмот падна по падот на Берлинскиот ѕид, ние уште ги чистиме нашите дворови од социјалистичкиот шут што остана и не е однесен на соодветна депонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот