Падот на цените на светските берзи негативно влијае и врз нашите идни пензионери

скопје луѓе пензионери клупа плоштад
Пензионери во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Поврзаноста на нашите идни пензионери со индексите на светски берзи „лежи“ во вложувањата на задолжителните пензиски фондови во акции во странски компании и во странски отворени фондови.

Веста за новата мутација на коронавирусот, наречена „омикрон“, ги потресе светските берзи. Инвеститорите се загрижени од најавите дека вирусот може многу брзо да се шири, како и од тоа дека вакцините ќе треба да се приспособат на новата мутација, поради што се намали побарувачката за акции и нивната вредност отиде надолу.
Поврзаноста на нашите идни пензионери со индексите на светски берзи „лежи“ во вложувањата на задолжителните пензиски фондови во акции во странски компании и во странски отворени фондови.

„Слободен печат“ ги разгледа извештаите за тоа какви се инвестициските портфолија на задолжителните пензиски фондови, односно колку тие вложуваат во странство.

„КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд“ заклучно со 31.12.2020 година во акции и во удели во странски инвестициски фондови има 26,97 проценти.

„Сава отворен задолжителен пензиски фонд“, во акции, во други должнички хартии од вредност и во отворени инвестициски фондови во странство има 24,5 проценти од портфолиото.

„Триглав задолжителен пензиски фонд“, пак, во ваквите форми на вложувања во странство има 29 проценти од портфолиото.

Најголем дел од расположливите пари, приватните пензиските фондови всушност ги пласираат во хартии од вредност што ги издава државата, така што тие се еден солиден финансиер на домашната економија. „Сава отворен задолжителен пензиски фонд“ во обврзници од Владата, или во акции гарантирани од банки, има 57,08 проценти од своето портфолио, „КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд“ во домашни обврзници има 62,4 проценти, а „Триглав задолжителен пензиски фонд“ во обврзници од Владата вложил 46,3 проценти од парите.

Со вложување пари, било да се во домашни, или во странски акции, или пак, во обврзници, или фондови, се оплодуваат парите од делот од пензискиот придонес што оди во приватните пензиски фондови.

Стапката на пензискиот придонес е 18,8 проценти, а речиси една третина од тој износ оди во приватниот пензиски фонд, кој е задолжителен за сите нововработени од 1 јануари 2003 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот