Падна системот!

александар шољаковски
Александар Шољаковски, Фото: Архива

Кога ќе ги сoтераат до ѕидот, тие го имаат главниот адут: падна системот! Тоа е нешто како виша сила, неусовршеност на системот во однос на неговото величество шалтерот, персонифициран во шалтерскиот службеник.

Никаде малиот човек не е толку голем како зад шалтерот и толку мал како пред него. (Матија Бечковиќ).

 

Премиерот Заев во предизборен занес, што ли, објави дека се подготвува сосема нов приод во пристапноста до документите, уверенијата, дозволите, потврдите, изводите и до сите документи кои граѓаните ги бараат и добиваат од државните органи, установи, министерства и управи. Нема веќе чекање пред шалтери! Сè ќе било на – клик со маусот! За пет минути. Нема  веќе чекање и шетање по шалтери. Истовремено  власта го намали работното време на администрацијата.

Значи, нешто се спрема! Ако Заев мисли дека ќе успее во оваа своја мисија, гадно се прелажал. Попрво ќе направиме канализација низ селата и градовите, ќе влеземе во ЕУ, трошоците за изборни кампањи ќе станат транспарентни, потеклото на имотот ќе се прикажува и покажува, Али Ахмети ќе го сменат во ДУИ, Вардар ќе стане пловен, стандардот ќе ни рипне… но никој нема да го елиминира најсилното средство за држење на народот под присила – шалтерот. Тоа генијално средство за држење на популацијата под контрола и во понизност е неуништливо. Шалтерот ги преживеал сите народни и ненародни режими, сите окупации и ропства, сите револуции, па немало да го преживее и Заев!? Ќе се организира бирократска интифада, ама тоа негово КЛИК нема да помине. И, ако помине ќе помине по волја и во форма на шалтерот! Само преку шалтер!

Шалтерот е генијалното место за дрилање на граѓанската покорност: чекај малку, има смена, колегата е во тоалет, немаш платено такса, кој неписмен го пополнил формуларот, си требало да дојдеш уште вчера, имаме пауза за појадок, камо ти печат, чиј е потписот, имаш ли полномошно, оди на другиот шалтер прво тие да ти одобрат, сега се менува смената, и ние сме луѓе кафе да се напиеме… Нивната фантазија е бескрајна. Колку што им е здодевна работата, толку креативноста во изнаоѓањето модели да ве заебаваат до бескрај, им работи беспрекорно.

Дека не заостануваат зад времето покажува нивната инвенција. Тие му доакаа на модерното време. Кога ќе ги сотераат до ѕидот тие го имаат главниот адут: ПАДНА СИСТЕМОТ! Пред ова и боговите замолчуваат. Тоа е нешто како виша сила, неминовност, неусовршеност на системот во однос на неговото величество шалтерот, персонифициран во шалтерскиот службеник.

Шалтерот има и своја одбранбена стратегија. Едно што прорезот помеѓу вас и службеникот е тесен, па не можете да го фатите за гуша при поривот што сигурно го добивате, дупката е најчесто и заштитена со некоја одбранбена направија (ме уби провев). Сега полека се елиминираат тие бариери. Шалтерите се отвораат. Во времето на Груевски на шалтерите се ставаа  црвени и зелени тастери на кои со притискање се определувате дали сте задоволни со услугата на службата. Најчесто не функционираа (проверено) и ги снема (ги краделе странките, што ли?).

Шалтерот е место каде што ситната бирократија во име на крупната прави се за да ве понижи, порази, изнервира и со тоа да ви даде до знаење кој е тука газдата!

Сте се запрашале ли зошто, после толку време, со сета таа техника и логистика вадењето лична карта е толку трауматична постапка? Затоа што  бирократите со тоа си ја подигаат својата цена или…? Зошто и во оваа ковид-криза не може да се направи ред со вакцините? Да нема турканици, на пример. Веројатно тогаш и повеќе луѓе ќе се вакцинираат! Знаете ли дека некои градоначалници за време на изборите, и со месеци пред нив, не потпишуваат никакви решенија, дури ни оние најредовни, а кои ја поминале процедурата? Да можел да ги види нашите шалтери и малтретирањата пред нив и Кафка би се откажал од своите дела  за бирократијата. Би му изгледале тривијални.

– Се извинувам, сакам да се пожалам на работата на шалтерските службеници.

– А, тоа не е тука, одете на шалтер 14!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот