Падна прво признание за „измама“ со пари од европските фондови

Фото: Фејсбук

Првообвинетата во случајот познат како злоупотреба на пари од европските фондови, поранешна директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Лидија Димова, како и третообвинетата Ана Павлиду на денешното судско рочиште се изјаснија за невини за делата „злоупотреба на службената положба и овластувањето“, „несовесно работење во службата“ и „измама“ што им се ставаат на товар. Второобвинетиот Александар Гочев, кој се товари за кривично дело „измама“, пак, се изјасни за виновен, по што судијката Фанка Јанчулева Михаиловска ги раздвои двете постапки.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, лани, поднесе обвините против поранешната директорка на Агенцијата Димова, како и тогашните надворешен соработник Гочев и благајничка во Агенцијата Павлиду. Тие се товарат за злоупотреба на европски пари, а според проценките на Обвинителството, штетата изнесува 19,945.731 денари или околу 320.000 евра.

Според обвинителството, Димова работела спротивно на Законот за јавни набавки и на Законот за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност при склучување на договори со соработници, експерти и обучувачи.

– Не почитувајќи ги начелата на законитост, еднаквост и јавност, без да објави јавен конкурс, не постапила совесно, стручно и непристрасно и ги дискриминирала потенцијалните кандидати, овозможувајќи повластување на повеќе надворешни лица со кои склучила поединечни договори и ги ангажирала како соработници, експерти, обучувачи и др – соопштија тогаш од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Воедно, како што објаснија оттаму, таа спротивно на водичот на Европската комисија и на планот за јавни набавки пет пати во 2018 година при користењето на европските пари работела спротивно на начелата за економичност, ефикасност и ефективност, односно, не објавувала огласи за јавни набавки, не ги почитувала општите правила и не спровела постапки за јавни набавки, туку склучувајќи договори со четири правни лица овозможувахќи им на истите да се стекнат со имотна корист.

Обвинителството нотирало и неправилности во трошењето на парите за службени патувања.

– Во исто време, првообвинетата постапила спротивно и на Уредбата за изменување на Уредбата за издатоци за службени патувања и селидби во странство и спротивно на одредбите од подзаконските акти со кои е прецизирано работењето на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност – се велеше во соопштението.

Поради тоа, на обвинетиот соработник, од страна на благајничката, му биле исплатени речиси еден милион денари или околу 15.300 евра за службени патувања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот