Падна ли Бахмут, битката кај Кана во 2023?

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Додека римските легии, убедени дека ја имаат победата, во бранови со тешка пешадија ја распарчувале првата линија на одбрана на Ханибал, тој извел маневар на т.н. двоен опфат. На тој начин, додека Римјаните почнале да слават, Ханибал успеал да ги обиколи и да ги стави во опкружување. Потоа следува еден од најтешките порази на римската војска.

Викендов падна Бахмут. Меѓутоа, додека руските сили главно славеа, во саботата навечер и во неделата наутро, почна процесот на украинското опкружување. До каде и колку ќе биде успешно ќе треба да видиме. Сирски, украински командант на силите задолжени за Бахмут, вечерта во неделата изјави дека украинските сили што наводно се повлекле од градот, а руските сили го заземаа, почнаа опкружување преку заземање на предградието на градот и на теренот што надвишува, доаѓајќи или обидувајќи се да дојдат до подобра позиција. Колку и да изгледа далеку и архаично, Бахмут потсетува на една стара и мошне ценета битка од времето на Римјаните, позната како битката кај Кана.

Станува збор за битка што се одиграла на 2 август 216 година пред нашата ера за време на Втората пунска војна помеѓу Римската република и Картагина во близина на античкото село на Кана во Апулија, југоисточна Италија. На една страна биле Картагинците предводени од Ханибал, а на другата страна римските сили и сојузниците предводени од Луциус Аемилиус Паулус и Гај Терентиј Варо. Оваа битка во повеќето воени училишта се смета за еден од најголемите тактички подвизи во воената историја и еден од најлошите порази во римската историја. По тешките порази кај Требија (218 пр.н.е.) и кај езерото Трасимена (217 пр.н.е.), Римјаните формирале ударна група што требало да му го зададе одлучувачкиот удар на Ханибал во Кана. Со приближно 86.000 римски и сојузнички војници Римјаните го нападнале Ханибал, преку подлабока формација потпирајќи се на масовноста во арсенал и во човечки капитал или, што би рекле постарите воени мудреци, во жива сил. Додека римските легии, убедени дека ја имаат победата, во бранови со тешка пешадија ја распарчувале првата линија на одбрана на Ханибал, тој извел маневар на т.н. двоен опфат. На тој начин, додека Римјаните почнале да слават, Ханибал успеал да ги обиколи и да ги стави во опкружување. Потоа следува еден од најтешките порази на римската војска.

Истовремено, додека информациите за Бахмут сè уште треба да се проверат детално, пропагандата на двете страни е на „сто“. Гласноговорниците на двете страни, секој со свои анализи за исходот и за значењето на Бахмут. Бидејќи многу говоревме за тоа, денес тоа нема да го правиме. Само накратко ќе сумираме дека за Украина Бахмут е оперативно запречување кое има за цел да ја запре руската сила, но и да ја истошти пред големата контраофанзива. За Русија, пак, Бахмут треба да биде почеток за целосно заземање на Донбас. Русите ова го сметаат за победа која исто така треба да им го отвори патот кон побрз продор кон запад. Дали ќе успеат во тоа ќе треба да видиме што и колку од тоа што украинската воена мудрост го замислила ќе успее да реализира. Интересно е што „Вагнер“ официјално најави повлекување од Бахмут, сметајќи дека нивната работа таму е завршена откако наводно, како што тие се фалат, им го освоија Бахмут на вооружените сили на Русија, па сега тие треба да го чуваат. „Вагнер“, пак, се спрема за нови жаришта во светот меѓу кои најбитно, барем засега, е Судан. Место за кое пред некоја седмица споменавме дека е изворот кој ја гаси жедта на Русија и ѝ помага да ги заобиколи ефектите од санкциите, преку корупцијата на ресурсите и на властите во Судан и преку кеширање од златото во Судан кое се изнесува преку Сирија. Сепак, како што многу анализи ги величаат причините за битката за Бахмут, има и такви што сметаат дека тоа е стратешка грешка и за едните и за другите. Најголеми противници или критичари за руските напори во Бахмут од руска страна се припадниците на „Вагнер“ или на оние што се блиски до ним.

Според многумина, Бахмут стана гробница на најелитните сили на „Вагнер“. Критиките околу позициите на Украина во Бахмут и одлуката за упорна одбрана на градот што наводно крахира (наводно, ако двојното опкружување исто како она на Ханибал е успешно), можеби ќе останат неоправдани, а целата ситуација да се претвори во успех. Останува да видиме овие денови дали навистина двојното опкружување ќе вроди плод или пак руската линија на одбраната ќе остане непрекината, а сонот за опкружување нереализиран.

Истовремено, додека оперативните надмудрувања на теренот, за жал за сметка на голем број жртви, вклучително и цивили, загуба и огромна штета во материјално-техничка смисла, и се натпреваруваат кој е во подобра позиција, мошне битна кампања поведе украинскиот претседател. Прво во арапскиот свет беше примен од кралството на Саудиска Арабија, а за викендот се виде и со претседателот на САД, Бајден. Во тој напор, дипломатска кампања за да ја осигури континуираната помош, Зеленски најверојатно се доближи до сигурна испорака на Ф-16 авиони што ја вознемирија Русија. Лавров го повика Западот добро да размисли за овие потези бидејќи тоа, како што подвлече тој, таквата одлука и реализирањето на истото може да има невидени последици за Западот. Зеленски, пак, вети дека авионите нема да ги користи за офанзивни дејства надвор од територијата на Украина. Со други зборови, нема да ја напаѓа Русија. Дополнително, во знак на голем стратег што ја знае вредноста на добрата стратешка комуникација, Зеленски на враќање од авион прати порака до украинскиот народ, но и до светот дека поддршката за Украина е забетонирана. Тоа, како што меѓу другото нагласи, значи поддршка за целосно ослободување на Украина.

Ваквите ставови значат дека сме биле во право кога во неколку наврати рековме дека војната нема да заврши така лесно и толку бргу, иако тоа е добро за човештвото и пред се е хумано, но очигледно е неприфатливо за Украина, која се мачи со силите на нејзината привремено запоседната територија од страна на руските сили. Дополнително, наративот на светско рамниште само се засилува, наместо да води кон разрешување на постојниот конфликт. Поради тоа постои опасност од распламтување на нови жаришта, кои веќе искрат.

Самитот Г-7 и предупредувањата што беа упатени до Кина го разгневија змејот. Во размена на остри зборови, дипломатите се користат со персонификации, хиперболи, но и со речник кој е на работ да проработи оружјето. Западната коалиција за време на самитот Г-7 не им се обрати само на Кинезите, туку и на Иран. Иран, според Г-7 земјите, мора да престане со поддршката на агресивната војна која ја води Русија. Од друга страна, операционализацијата на поддршката во Украина почнува да добива поинаков шмек. Украина полека, но сигурно гради капацитет на комбинирано вооружување со што се стекнува со можност да изведува здружено тактички операции не само на интерродовско рамниште, туку и на интервидовско. Покрај ветувањето за авионите Ф-16, борбените возила и оклопните транспортери веќе не се само скапи превозни средства. Тие се повеќе се испорачуваат со софистицирани системи кои имаат моќ на мултипликација. Колку сето тоа ќе биде поддржано од квалитетна жива сила, човечки потенцијал (во смисла на можност за употреба и одржување) треба да видиме. Последното се доведува во врска со оправданоста за операциите околу Бахмут од причина што токму трошењето на можеби најскапата работа, човечкиот потенцијал, е нешто што најтешко може да се надомести. Да не се разбереме лошо, не дека Украина нема население кое може да се бори. Таа има потенцијал. Ама за борба не е доволно да се има потенцијал. Потребно е знаење, вештина и најважно од сè – морал што генерира капацитет. Кога кон тоа ќе се додаде намерата, тогаш веќе е нешто друго.

Подготовката, со други зборови, е на три страни. Материјално-техничка, тоа е опремувањето кое е поддржано од Запад и тоа сериозно. Морално-психолошка подготовка, тоа е патриотизам и индоктринација за сакање на татковината. Тоа, со одредени маргинални исклучоци, исто така добро им оди на Украинците. Но, едно нешто што е проблематично е вакуумот во градењето обучена сила која ќе ја води борбата за ослободување. Тоа, драги мои, не се прави преку ноќ и можеби е најдобра лекција која Европа мора да ја извлече од Украина. Градењето на капацитетите во одбраната не е  економска (профит-ориентирана) анализа на трошок и учинок. Туку е повеќе од тоа и се базира не на фингирани процени на заканите и на безбедноста, само да не се навреди некој или заради политичка коректност, туку врз презентирање на реалноста каква што е. Само така градењето на капацитетите за време на мир ќе ги даде потребните резултати во случај на војна. Оттука, ако „битката за Кана“ во 2023 почна, треба да видиме дали тоа е почетокот на долго најавуваната офанзива, или пак е уште еден обид за пропаганда со цел да се прикрие вистината како што, на пример, проруските профили ги обвинуваат Украинците за тоа дека ја кријат смртта на Залужни, кој од непроверени извори, ако не е мртов, најверојатно е во тешка состојба.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот