Падна договор: Нова депонија за Гостивар за пет години

Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари веднаш ќе ја потпише градежната дозвола за да почне имплементацијата на брзите мерки за санација и подобрување на депонијата.

Да се подобри вкупната состојба на депонијата Русино, а нова локација на идната регионална депонија да биде најдена во рок од пет години, е заклучокот од состанокот на претставници на граѓанската иницијатива „Стоп Русино – чист Гостивар“, кои заедно со гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари се сретнаа со министерот за животна средина Насер Нуредини.

Според договорот, градоначалникот Таравари веднаш ќе ја потпише градежната дозвола за да почне имплементацијата на брзите мерки за санација и подобрување на депонијата.

Првобитно, планот на Владата беше Русино да биде регионална депонија за целиот Полошки регион за наредните 10 години. На овој план се спротивставија граѓанските активисти на „Стоп Русино“ со став дека нема да дозволат депонијата да го труе цел Гостивар уште цела деценија. Тие во своите барања наведоа дека нема да прифатат ниту Русино да биде депонија за цел Полог.

Регионалниот план за управување со отпад во Полошкиот Регион, дополнет со план за изнаоѓање на нова локација во рок од пет години, треба да биде одобрен од сите општини во Регионот, соопштија по средбата од Министерството за животна средина.

„Владата и МЖСПП се целосно подготвени за воспоставување интегриран регионален систем за управување со отпад во Полошкиот регион, и тоа како резултат на сериозна и напорна работа на многу експерти, стручни лица и институции на локално и национално ниво, со вложени големи финансиски средства. Тој процес е веќе во сериозна фаза на реализација“, информираше  Нуредини.

На средбата присуствуваа и претставници на швајцарската влада, која го финансира проектот за депонија Русино и проектот за воспоставување на Интегриран регионален систем за управување со отпад во Полошкиот регион, како и претставници на политичките партии.

Средбата доаѓа два месеца откако поголем број жители на Гостивар, револтирани што локалната депонија во месноста Русино постојано чади и го загадува воздухот во поширокиот регион на западен Полог, се организираа преку социјални мрежи и почнаа со протести, блокирајќи го влезот на депонијата за камиони што носат смет од Гостивар, но и од девет други полошки општини. Во текот на блокадите на „Стоп Русино“ не се случуваше палење на депонијата, а измерените вредности на загадувачките честички во воздухот во Гостивар се вратија во нормала.

Нуредини оценил дека постои недоволна и несоодветна информираност на населението за активностите за надминување на состојбите со Русино и дека тоа е една од причините за револтот што резултираше со блокади и протести. Тој најави итни мерки за решавање на проблемот: набавка на контејнери за сите општини од Полошкиот регион и санација на локацијата во Русино, односно помош за Општина Гостивар за справување со проблемот со кој се соочуваат локалните жители – изградба на систем за третман на исцедокот, односно изведба на канал, резервоар и пумпа што ќе го враќа исцедокот во депонија, куќарка за вработените, вага за мерење на возила и пат кој води кон нестандардната депонијата со поставување ограда по должината на патот за да се спречи нелегално фрлање отпад покрај патот. Министерот Нуредини најави и чистење на постојните 74 диви депонии и сметишта во регионот.

Депонијата Русино се наоѓа во непосредна близина на Гостивар, сместена на поголема надморска височина, и според локалното население, нејзината локација е несоодветна. Таа честопати беше палена и чадот со денови го „обвиткуваше“ целиот регион.

Проблемот со Русино дополнително е усложнет поради тоа што гостиварскиот градоначалник е од редовите на опозициската Алијанса на Албанците, додека ресорот животна средина е во рацете на ДУИ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот