ПАЦИЕНТИТЕ ВО ЌОШ: Или ќе извадат здравствени книшки или ќе останат без лекови

Пациентите кои ги изгубиле здравствените книшки ќе мора да си извадат нови ако сакаат да си подигнат рецепт. Ова е последица на инсистирањето на Фондот за здравство, издадените рецепти за лекови да се запишуваат и во книшката како и во хартиен дневник. Лекарите поделени, едни не го почитуваат барањето на ФЗО, а други постапуваат по него, бидејќи се плашат од драгонските казни. Во секој случај, стапот е по грбот пациентите, бидејќи ако лекот не им е напишан во книшка ќе ги вратат од аптека.

Лекарите сметаат дека со новиот Правилник од ФЗОМ, ќе треба рецептите да ги запишуваат на четири места што, е дополнително губење време.

-Ние не сме администрација, лекари сме. Ист лек треба да запишеме на четири места, во здравствената книшка, во картонот на пациентот и во електронскиот систем(дневник) на Мој Термин, а сега и во хартиениот дневник. Имаме пациенти, хронични, многу болни со по десетици лекови и сето тоа треба да се запише на повеќе места. Па, болниот ќе падне и ќе колабира додека чека – вели Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари.

Таа бара ФЗО да ја повлече одлуката и за тоа да ги информира со нов допис.

Лекарите на социјалните мрежи ги информираат своите матични пациенти, доколку ги изгубиле книшките, да извадат нови.

-Со писмен допис ни е повторно наложено да пишуваме во хартиените здравствени легитимации т. н. книшки. Доколку немате книшка, набавете итно и заверете си ја веднаш, бидејќи без неа не смееме да ви препишеме рецепти. За сите застои и гужви во иднина, предизвикани од овој уназадувачки и нерационален потег, однапред ве известувам да се жалите во институциите, не кај нас во ординации – вели матичниот лекар Ненад Лазаров.

Со ова, според лекарите, хроничниот рецепт губи смисла.

-Пациенти со 10 кутии лекови месечно, за 6 месеци терапија, треба цел ден во книшка да пишувам, ќе ја пополнам цела книшка – вели матичен лекар.

Според неофицијални информации, овие контролни механизми на кои ФЗО инсистира се воведуваат заради укинување на квотите на лекови во аптеките. Укинувањето на квотите во сите аптеки во државата се очекува да стартува од почетокот на наредниот месец или најдоцна од ноември. По укинувањето на квотите, лекови на рецепт ќе се подигаат само со документ за лична идентификација, но тоа нема да мора да биде лично.

Пред неколку години кога почна електронизацијата на јавното здравство се воведе електорската картичка, но таа не профункфионира. Во последниве години на лекар се одеше без здравствена легитимација, а рецептите се подигнуваат без никаков документ. Дури и министрите велеа дека за да добиеме здравствена услуга доволно е само да се има лична карта. Извори од Лекарската комора велат дека на заеднички состанок со ФЗО било кажано дека ова ќе важи три месеци, а дека потоа ќе почне да фунционира електронскиот рецепт.

За последните новини „Слободен печат“ побара објаснување од ФЗО, но одговор до објавување на текстот не добивме. Кога ќе го добиеме одговорот ќе го објавиме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот