Пациентите со пцовки и напади, лекарите исплашени за својот живот

Вербални и физички напади речиси секојдневно се случуваат по болницата, а вработените исплашени за својот живот не сакаат да работат во амбулантите, вели Иван Спировски, директор на болницата Св. Наум Охридски, каде ноќеска имаше инцидент во кој алкохолизирани пациенти физички нападнале вработени.

Еден од напаѓачите имал исекотина на раката и со придружба од други двајца дошол да побара помош. Спировски вели дека дежурните лекари веднаш пружиле помош, а од што не биле задоволни напаѓачите не може да каже.

-И порано имаше инциденти, но во последниве неколку месеци речиси секојдневно пациентите вербално ги напаѓаат лекарите. Доаѓаат со барања сакам ова, сакам тоа и кога вие објаснувате дека нема потреба од такво нешто веднаш почнуваат со пцовки и навреди. Персоналот се плаши, велат не сакам да работам во амбуланта – вели Спировски.

Во болницата има обезбедување. До четири часот обезбедувањето го покриваат вработените, а попладне и во ноќните часови има по еден човек преку агенција за обезбедување.

-Најлошо е кога доаѓаат во толпа десетина луѓе, тогаш не можете никако да ги сопрете. Размислуваме што да направи за да ја подобриме безбедноста, да се стави уште една врата или да се ангажира повеќе обезбедување. Но секако важно е да се влијае на менталитетот на луѓето, треба да сфатат дека некогаш мора да се почека за да се добие здравствена услуга, секаде во светот се чека, а од никаква помош не е тоа што ќе го навредуваат лекарот или некој друг од персоналот – вели Спировски.

Поради неколкуте инциденти Лекарската комора утре ќе има итна средба со министрите за здравство и за внатрешни работи  Венко Филипче и Оливер Спасовски.

Ова е четврти напад на медицински персонал изминатава недела, откако претходно во Тетово беше претепан лекар до бессознание, а во Кавадарци и Драчево беа нападнати медицински сестри.

Здравствените работници бараат поголема трпеливост кај луѓето и пациентите, но и поголема заштита од државата и построги санции за насилниците. Најстрашен беше инцидентот што се случи на Клиниката за абдоменална хирургија пред неколку години, кога роднина на пациент пукаше во лекар.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот