Па, и не е лоша идеја

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Не се отфрла директен договор со талибанците за доставување на помошта до оние на кои им е неопходна, но во ситуација кога со години се водат процеси за проневера на европските фондови во некои членки на ЕУ, може ли да се поверува дека таквиот систем ќе профункционира со најтоталитарниот режим во светот, кој дојде на власт на местото на најкорумпираниот државен апарат?!

Кога Махатма Ганди ја посетил Британија во 1931 година, на провокативното прашање од еден англиски новинар кои се неговите впечатоци за западната цивилизација, наводно дал брилијантен одговор: „Па и не е лоша идеја“. Велам наводно, зашто оваа изјава на Ганди првпат е раскажана во 1967 година, 19 години по неговата смрт, но тоа не ја намалува брилијантноста во неколку збора да се концентрира впечатокот на Индијците за британските колонизатори, од кои стекнаа независност по макотрпен период на ненасилен отпор.

Вредностите што талибанците повторно ќе настојуваат да ги наметнат во Авганистан се далеку од цивилизациски за да се коментираат воопшто, иако и тие за некои екстремисти далеку на запад не делуваат како лоша идеја.

Лоша идеја не беа ни обидите на окупаторите на Авганистан, на чело со САД, да се обидат да воспостават систем на почитување на основните човекови права, како предуслов за развој на демократија, но тоа не мрдна ни педа напред од идеја, која ги привлече оние што сега се прогласени за предавници, стравуваат од одмазнички ликвидации и очајно настојуваат да избегаат од новата сурова реалност. Наместо човекови права, случајно или не, им наметнаа корупција, а сега ги оставија во немилост.

Европските земји едногласно изразуваат загриженост за судбината на Авганистанците. Но, откако ситуацијата ескалираше во хуманитарна криза, во која е нужно да им се помогне на луѓето чии животи се во опасност, Европа повторно се подели, како и при бегалскиот бран од 2015 година. Германија на чело со канцеларката Ангела Меркел тогаш беше единствената земја што широко ги отвори своите порти и прими близу милион имигранти и бегалци. Храбриот потег на канцеларката имаше висока политичка цена. Рејтингот на владејачките демохристијани нагло падна, а во Дрезден и во други градови почнаа масовни антиимигрантски маршеви. Унгарија на чело со Виктор Орбан, пак, реагираше дијаметрално спротивно – крена огради и ги затвори границите. Земјите што беа најсилно изложени на огромниот бран имигранти, Грција и Италија, повикаа на солидарност и Брисел прифати распределување на товарот, што предизвика голема криза во Европската Унија, бидејќи некои членки, пред се Унгарија и Полска, категорично се заканија дека нема да примат ниту еден мигрант.

Кога бранот стивна и помина, функционерите во Брисел најавија изградба на систем за поефикасна дистрибуција на азилантите за да го дочекаат поспремни следниот бран. Шест години подоцна, нема ни систем ни единство ни договор за квотите за прием на бегалци изготвени лани од Европската комисија.

Ете, ЕУ и деновиве ќе дискутира дали да се направи надворешен бедем, преку финансирање на трети земји за да ги прифатат најголемиот дел од бегалците. Тоа што во 2016 година беше договорено со Турција – за финансиска поддршка од неколку милијарди евра да ги запре мигрантите на своја територија – сега може да се направи со Пакистан, Таџикистан и Иран, но преговорите ќе бидат многу тешки, бидејќи на овие земји што се директно загрозени од новите талибански власти покрај себе најмалку им е потребен товарот и од милиони бегалци во својот двор. Лани Пакистан веќе прими повеќе од 1,4 милион бегалци.

Некои членки реагираа импулсно и се решија за еднострани мерки. Грција веќе крена ограда и постави уреди за набљудување на 40 километри од копнената граница кон Турција.

Европа е во расчекор и за начините како да им се помогне на цивилите во Авганистан. Додека САД и Обединетото Кралство, кое да потсетиме веќе не е дел од ЕУ, најавуваат економски санкции за талибанците, Унијата предлага зголемување на хуманитарната помош за Авганистанците, која практично и не може да биде дистрибуирана до целта без да помине низ прстите на новите власти, кои сега имаат речиси се, освен кеш и увозни производи. Не се отфрла ни директен договор со талибанците за доставување на помошта до оние на кои им е неопходна, но во ситуација кога со години се водат процеси за проневера на европските фондови во некои членки како Унгарија или Чешка, може ли да се поверува дека таквиот систем ќе профункционира со најтоталитарниот режим во светот, кој дојде на власт на местото на најкорумпираниот државен апарат?!

Наспроти се, западната цивилизација, верувајте, не е лоша идеја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот