Оживува стариот проект за нафтоводот Бургас- Александруполи, но без Русија

Фото Архива

Бугарија ѝ предложила на Грција да се активира стариот проект за транспорт на нафта од грчкиот град Александруполи до бугарскиот град Бургас, но без вклученост на Русија, објави грчкиот весник „Икономикос Тахидромос”, а дека се водат разговори, потврдил и министерот за енергетика на Грција.

„Икономикос Тахидромос” во текстот под наслов „Обид за заживување на нафтоводот Бургас- Александруполи”, пишува дека Грција и Бугарија „го вадат од фиока стариот проект, секако без вклученост на Русија”.

Министерот за животна средина и енергетика на Грција Костас Скрекас во изјава за весникот потврдува дека постојат разговори меѓу Атина и Софија.

Конкретниот проект ни го предложи Бугарија и сме во разговори. Транспортот на нафта ќе се врши од точката на нафтоводот во Александруполи и количините ќе се префрлаат во Бургас, рекол Скрекас .

За оживување на инвестицискиот план стар 14 години тогаш на релација Русија – Грција – Бугарија, а сега со перспектива да биде само меѓу Атина и Софија, говорел бугарскиот министер за енергетика Росен Христов на енергетската конференција што во вторникот се одржа во Атина

Христов нагласил дека е обновена дискусијата за нафтоводот Бургас- Александруполи паралелно со дискусијата за меѓусебното поврзување на грчките со бугарските пристаништа.

Претседателот на Бугарија Румен Радев на конференцијата посветена на регионалните процеси во регионот на Црното Море, коментираше дека Бугарија треба да го врати планот за изградба на нафтовод од Бургас до Александруполи, а причината се високите такси што Турција ги наметна за бродови и танкери кои поминуваат низ Босфорот и Дарданелите, што не дозволува Бугарија да добие евтини залихи на гориво.

Идејата за нафтоводот Бургас- Александруполи беше предложена од претходниот претседател на Бугарија, Георги Парванов, уште во 2008 година, но беше запрена од првата Влада на премиерот Бојко Борисов во 2010 година како неисплатлива за Софија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот