Овни на трло, овни од трло

Додека Бугарија на патот на Северна Македонија кон Европската Унија ѝ поставува уценувачки рампи околу идентитетот, а премиерот Зоран Заев лизга во проблематични компромиси, и додека политичарите на Босна и Херцеговина заради обезбедување на сопствените позиции не дозволуваат да се создаде нормален соживот на трите етнички заедници, Србија и Црна Гора поради историја влегоа во остар дипломатски клинч, кој заврши со протерување на амбасадорот

Колку пати ќе се потврди злокобната судбина на Западниот Балкан, кој поседува преголемо количество историја по жител? До кога спорните толкувања на одредени настани ќе ја одредуваат сегашноста и меѓународните односи?

Додека Бугарија на патот на Северна Македонија кон Европската Унија ѝ поставува уценувачки рампи околу идентитетот, а премиерот Зоран Заев лизга во проблематични компромиси, и додека политичарите на Босна и Херцеговина заради обезбедување на сопствените позиции не дозволуваат да се создаде нормален соживот на трите етнички заедници, Србија и Црна Гора поради историја влегоа во остар дипломатски клинч, кој заврши со протерување на амбасадорот.

Наместо толкувањето на спорната историја да им биде препуштена на историчарите, се покажа дека Битката за Мојковац и Собранието во Подгорица – два настана од пред еден век – драматично го уриваат и онака нискиот рејтинг на односи помеѓу Србија и Црна Гора.

Во текот на Битката за Мојковац во јануари 1916 година, Санџачката војска на Кралството Црна Гора успешно ја запре австроунгарската офанзива, со што беше овозможено повлекувањето на војската на Кралството Србија кон Јадранско Море.

Кон крајот на ноември 1918 година, одржано е Собранието во Подгорица со чии одлуки кралот Никола Први од династијата Петровиќ се заменува со династијата Караѓорѓевиќ, Црна Гора се обединува со Кралството Србија, па заедно влегуваат во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците.

Од тој момент Црна Гора е трајно поделена помеѓу „бјелашите“, кои се залагаа за безусловно соединување со Србија, и „зеленашите“, кои беа за условно соединување, за потоа да говорат за „српска окупација“.

Еднострани толкувања

Толку за историјата, која не се исели од секојдневниот живот, конфронтирајќи ги и денес протагонистите на „великосрпските“ амбиции на Белград со суверенистите, кои инсистираат на полн национален, државен и историски идентитет на Црна Гора. Несомнено сложената историска ситуација, двете спротивставени страни се обидуваат да ја употребат за да наметнат сопствено и еднострано толкување на настаните.

– Собранието во Подгорица од 1918 година беше големо предавство на Црна Гора и секој што повикува на прослава на тој ден, повикува да се слави предавството и пропаста на Црна Гора – оцени пред две години претседателот Мило Ѓукановиќ.

Амбасадорот на Република Србија во Црна Гора, Владимир Божовиќ, можеби добил, а можеби и не добил инструкции на таа тема да ја отвори изложбата под назив „Парламентаризмот во Црна Гора и деновите на обединувањето“ и да искаже поинакво мислење.

– Големата и славна Битка кај Мојковац, како пример за христољубива жртва за својот ближен и за слободата, беше вовед во ослободувањето на Црна Гора и Собранието во Подгорица, како слободен израз на народна волја за обединување со братска Србија.

Преостра одлука

Бидејќи со оваа изјава го „понижи“ најголемото законодавно тело на Црна Гора,  парламентот, кој на 29 ноември во 2018 година ја усвои Резолуцијата за поништување на историското Собрание во Подгорица, го прогласи амбасадорот за персона нон грата и му наложи да ја напушти Црна Гора.

Белград веднаш возврати со реципрочна мерка, па црногорскиот амбасадор Тарзан Милошевиќ со официјална нота беше известен дека треба да ја напушти Србија.

Амбасадорот Божовиќ, роден во Никшиќ, полицаец по професионална вокација и случаен дипломат, мораше да знае дека со оцените на Собранието во Подгорица се движи по минско поле. Мораше да знае и што значи барањето Србија да се замеша во составувањето на новата црногорска влада, која мандатарот Здравко Кривокапиќ ја претставува денеска.

Зборовите на амбасадорот се комбинација на вкалкулирана поддршка на просрпските сили во Црна Гора, кои во соработка со Српската православна црква ја соборија три децении долгата власт на Демократската партија на социјалистите (ДПС) на претседателот Ѓукановиќ од една страна, а потполно отсуство на дипломатски такт, од другата страна.

Во исто време, одлуката за протерувањето на амбасадорот, која ја донесе власта на заминување, делува претерано, дури и одмазднички. Спорните ситуации од овој интензитет вообичаено се решаваат со дипломатски ноти, во кои се предупредува на несоодветните изјави. Прогласувањето на персона нон грата е предвидено за многу посериозни кршења на дипломатскиот кодекс и конвенција.

Фактот дека одлуката е донесена четири дена пред изборот на новата влада, навестува дека е во функција на внатрешнополитички пресметки и продлабочувањето на поделбите. Личи на последен здив на власта предводена од ДПС.

Драматиката на Вучиќ

Дипломатското вжештување веднаш доведе до мобилизација на национализмот по целиот регион, кој ја следи оваа несреќна епизода. „Браво Ѓетиќи! Само Олуја“ е една од пораките што загрепскиот весник „Вечерњи лист“ ја пренесе на своите страници, нудејќи рецепт за пресметка со Србите во Црна Гора.

Зошто во историскиот спор на двете секуларни држави се вмеша и владиката будимљанско-никшиќски Јоаникие? Првосвештениот даде сосема политизирана изјава дека протерувањето на амбасадорот Божовиќ е одраз на злокобна волја на црногорската власт на заминување „За да помеѓу браќата од православна вера се посее што е можно повеќе отров и братска омраза“.

Инцидентот е предимензиониран. Зошто претседателот Александар Вучиќ со призвук на драматика закажа итен состанок со претседателката на владата и со министерот за надворешни работи? Испадна дека тоа го направил за да поентира на претходната одлука: премиерката и министерот го „послушаа“ Вучиќ и се откажаа од протерувањето на црногорскиот амбасадор.

– Сметам дека односите со соседите се многу побитни од конвенции. Не треба да се однесуваме како два овна во трло – со ова претседателот стави белградска точка на ситуацијата и за тоа беше пофален од комесарот за проширување на ЕУ.

Инцидентот е потврда на лошите односи помеѓу Белград и Подгорица, но судејќи по сè она што можевме да видиме, релативно брзо ќе биде надминат кога владата на Кривокапиќ ќе ја укине одлуката за протерувањето на амбасадорот Божовиќ.

Војните од 90-тите и старите тензии се префрлаат на теренот на сеќавањата, на теренот на историјата, предупредувајќи дека степенот на покачени емоции лесно може да биде вовед во нови конфликти, вели историчарката Дубравка Стојановиќ. Зошто сето ова беше потребно?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот