Овие витамини и минерали не треба да се земаат заедно

Фото: Профимедиа

Од колаген во прав и пробиотици до пренатални витамини и кантарион, продажбата на суплементи вртоглаво расте. Всушност, според податоците на Националната анкета за здравјето и исхраната во 2018 година, се проценува дека 57 отсто од Американците постари од 20 години земаат најмалку еден додаток во исхраната, а најпопуларни се мултивитамините, витаминот Д и омега-3 масните киселини.

Без разлика дали секојдневно земате мултивитамини за да го подобрите целокупното здравје или се потпирате на билни додатоци за да ја надополните исхраната, важно е да бидете свесни за можните интеракции.

Витамините се органски соединенија кои во мали количини се неопходни за нормален метаболизам. Земањето на некои витамини заедно може да влијае на нивната апсорпција во телото – понекогаш го влошува, а понекогаш го подобрува дејството.

Освен тоа, некои витамини може да ја попречат делотворноста на лековите, па дури и да ги влошат несаканите ефекти. А еве што треба да знаете за употребата на витамински додатоци и прифатлива комбинација на витамини и минерали, пренесува „Нова.рс“.

Кои суплементи не треба да ги земате заедно?

„Многу е важно да ја прочитате етикетата и предложениот протокол за суплементација за секој додаток што го земате. На пример, некои додатоци треба да се земаат со храна, некои може да се земаат секојдневно, повеќепати на ден или на неделно ниво. Ако не сте сигурни за дозата, обратете се кај вашиот лекар“, советува Џена Лит, диететичарка во болницата Ленокс Хил во Њујорк.

Во секој случај, треба да избегнувате одредени комбинации.

Магнезиум и калциум

Иако овие два минерали дејствуваат заедно, тие мора да бидат во рамнотежа за да бидат делотворни. Додека магнезиумот помага во апсорпцијата на калциумот, премногу калциум всушност може да има спротивен ефект, спречувајќи ја апсорпцијата на магнезиумот. Истражувањата покажуваат дека соодносот на калциум и магнезиум над 2:1 е поврзан со зголемен ризик од метаболички, воспалителни и кардиоваскуларни нарушувања. За да бидете сигурни дека го добивате точниот сооднос, консултирајте се со вашиот лекар или стоматолог.

Железо и зелен чај

Не е добра идеја да земате додатоци на железо (или да јадете храна богата со железо) истовремено со зелениот чај. Тоа е затоа што главната состојка во зелениот чај, епигалокатехин галат (EGCG), се врзува за железото и ја намалува неговата апсорпција.

Истражување од 2016 година го поврзало пиењето големи количини зелен чај со развојот на анемија поради недостаток на железото. Зелениот чај сепак има здравствени придобивки, затоа слободно пијте го – само правете го тоа умерено и почекајте два часа по земањето суплемент на железо.

Витамин Ц и Б12

Не се препорачува да се земаат витамин Ц и витамин Б12 истовремено, додава Лит. Тоа е затоа што високите дози на витамин Ц може да го намалат количеството на витамин Б12 што телото го апсорбира и метаболизира, вели докторката. Задолжително земајте го витаминот Ц најмалку два часа по витаминот Б12. Така можете да го избегнете недостатокот на Б12.

Витамини растворливи во масти и вода

„Некои комбинации треба да се избегнуваат, дури и ако сами по себе не се проблематични. На пример, иако е безбедно да се зема витамин Д со витамин Б12, тоа не се препорачува. Тоа е затоа што витаминот Д се раствора во мастите, кои подобро се апсорбираат со храната, додека Б12 е витамин растворлив во вода кој треба да се зема на празен желудник. Истото важи и за витаминот Ц и витаминот Д – тие треба да се земаат во различно време“, вели Вирџилио Санчез, лекар за семејна медицина во Мајами.

Слично на тоа, витамини растворливи во вода, кои не се складираат во телото, како што се витамин Ц, витамини Б, вклучувајќи тиамин (Б1), рибофлавин (Б2), ниацин (Б3), пантотенска киселина (Б5), пиридоксин (Б6), биотин (Б7), фолати/фолна киселина (Б9) и кобаламин (Б12) – бараат од телото да ја апсорбира и користи водата, вели д-р Ормонд. Најдобро е да ги земате без храна со чаша вода.

Кои витамини треба да се земаат заедно?

Генерално, витамините растворливи во вода може да се земаат заедно без храна, а витамините растворливи во масти може да се земаат заедно со храна која содржи здрави масти. Следниве комбинации на додатоци всушност може да бидат поефикасни отколку кога се земаат поединечно:

1. Витамин Д, витамин К2 и други витамини растворливи во масти

„Витаминот Д и витаминот К (особено К2) меѓусебно се надополнуваат“, вели доктор Санчез.

Витаминот К1 или филокинон е присутен во темно лиснато зеленило, додека витаминот К2 (менакинони) се наоѓа во ферментираната храна и во храната од животинско потекло. Истражувањата покажуваат дека два витамини растворливи во масти (витамин Д и витамин К2) работат заедно за да се осигура дека калциумот се апсорбира во коските, наместо да се таложи во артериите.

Витамините растворливи во масти, како што се А, Д, Е и К, може да се земаат истовремено.

Според Шон Ормонд, доктор од Аризона, витамините растворливи во масти се складираат во црниот дроб, мастите и мускулите на телото и треба да се земаат со маснотии од оброците.

2. Магнезиум и витамин Д3

Дејството на овие два витамини се подобрува кога се земаат заедно, вели д-р Лит.

Истражувањето од 2018 година објавено во „Американскиот весник за клиничка исхрана“ (The American Journal of Clinical Nutrition) покажува дека без доволно магнезиум е нарушена синтезата на витаминотД и метаболизмот во телото. Со други зборови, магнезиумот е потребен за да се претвори витаминот Д во форма што телото може да ја користи.

3. Бакар и цинк

Кога станува збор за комбинирање на бакар со цинк, се е во рамнотежата. Цинкот ја попречува апсорпцијата на бакар, но земањето премногу цинк може да предизвика дури и недостаток на бакар. Ако земате цинк, се советува да земете и додаток на бакар од 2 мг за да ја поддржите рамнотежата на овие два минерали во телото.

4. Омега-3 и витамин Е

Земањето на овие два додатоци заедно може да го подобри здравјето на срцето. Омега-3 масните киселини се есенцијални масти кои можат да штитат од медицински состојби како што се висок крвен притисок, болести на срцето и мозочен удар.

Витаминот Е е важна хранлива материја со антиоксидативни својства која го зајакнува имунолошкиот систем.

Едно мало истражување на 60 машки пациенти со болест на крвните садови открило дека комбинацијата на омега-3 и витамин Е има благотворни ефекти на инсулинската резистенција. Истражувањата ја поврзуваат намалената отпорност на инсулин со развојот на срцеви болести.

5. Железо и витамин Ц

Железото е најчестиот недостаток на хранливи материи во САД.

Минералот е од витално значење за оптимално функционирање на човечкото тело – тој е главната компонента на хемоглобинот, протеинот во црвените крвни зрнца кој ја транспортира крвта заситена со кислородот од белите дробови во другите делови на телото. Недоволна количина на железо или анемија го попречува овој процес, што доведува до замор.

Некои лекари предлагаат комбинирање на железо со витамин Ц за да се максимизира неговата апсорпција. Клиничкото испитување од 2020 година на 440 луѓе со анемија не покажало разлика во апсорпцијата на железо помеѓу групата која земала железо со витамин Ц и групата која земала само железо. Покрај тоа, нема штета во комбинирањето на овие два суплементи, така што не може да штети ако пробате, пишува singlecare.com.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот