Овие 10 знаци со сигурност покажуваат дека шеќерот ви е надвор од контрола

дијабетес
Фото: Профимедиа

Луѓето со дијабетес тип 2 можат да ја контролираат својата болест со комбинирање на правилна исхрана, вежбање и лекови што им ги пропишал лекарот.

Секојдневното мерење на шеќерот во крвта и водењето на дневник за добиените резултати е неопходно за пациентите со дијабетес, бидејќи така лекарот најдобро ќе знае дали реагирате добро на пропишаната терапија и дали треба нешто да се промени во лекување.

1. Чувствувате неверојатна жед и интензивирано уринирате
Жедта и честото уринирање се два „училиштни примери“ за симптомите на дијабетесот кај кои шеќерот во крвта не е под контрола. Бидејќи бубрезите работат под оптоварување за да го исфрлат од организмот вишокот шеќер, на бубрезите им треба повеќе течност која ја повлекуваат од ткивата во вашето тело, и поради тоа вие ќе треба да одите во бањата почесто од вообичаено.
Жeдта е сигнал што ви го праќа вашето тело – ги исцрпил залихите со течности па има потреба од нови. Ако не одговорите на барањето што ви го испраќа вашето тело, може да дехидрирате.

2. Телото ви работи на резерви
Заморот е уште еден сигнал дека шеќерот во крвта не ви е под контрола. Кога шеќерот останува во вашиот крвоток, наместо да биде пренасочен кон секоја клетка во телото, мускулите не добиваат доволно гориво за енергија. Може да чувствувате малку замор, а можеби сте толку исцрпени поради што веднаш сакате да легнете. Луѓето со дијабетес често ги совладува замор по обилниот оброк.

3. Сѐ околу вас се врти како да сте на рингишпил
Чувство на вртоглавица или несигурност на сопствените нозе може да биде знак за низок шеќер во крвта или хипогликемија. Бидејќи на вашиот мозок му треба гликоза за да функционира, падот на шеќерот во крвта може да биде и опасен по живот, ако не го забележите навреме.
Чаша овошен сок може да обезбеди шеќер во крвта во краток рок. Ако имате такви симптоми, разговарајте со вашиот лекар. Можеби ќе треба да ги прилагодите лековите или исхраната.

4. Ви отекуваат рацете и стапалата
Ако имате висок крвен притисок и дијабетес, тие две состојби со текот на времето може да ја намалат способноста на бубрезите да ги филтрираат отпадните материи и течности од телото. Кога во вашето тело се акумулира водата, рацете и нозете може да отечат – ова е предупредувачки знак дека имате болест на бубрезите.
Здравјето на бубрезите можете да го зачувате со редовно земање лекови за дијабетес и крвен притисок како што ви е пропишано од лекар. Во тоа ќе ви помогне и промената на навиките за јадење. Разговарајте со нутриционист како да го контролирате нивото на шеќер во крвта.

5. Чувствувате вкочанетост и трнење во нозете
Оштетување на нервите (периферна невропатија) може да биде уште еден знак на хронично зголемен шеќер во крвта. Тоа доведува до вкочанетост или пецкање во рацете и нозете, или неможност да чувствувате болка или температурани промени. Лицето со невропатија можеби нема да почувствува дека се исекло или дека раната се инфицирала или пак, може да биде пречувствително на болка. Во тој случај, ќе чувствува тешка и константна болка поради инаку безболни стимулации.

6. Имате тешкотии со варењето
Дијабетесот исто така ги оштетува нервите кои му помагаат на желудникот редовно да се празни и непречено да ја префрла хранта во долниот дел на дигестивниот тракт.
Кога вашиот желудник не може да се испразни доволно брзо, доаѓа до состојба наречена гастропареза. Таа создава непријатни проблеми во областа на абдоменот, како што се гадење, повраќање, подуеност, киселини во желудникот или чувство на полност веднаш откако ќе почнете да јадете или долго потоа. Гастропарезата исто така може да ја отежне контролата на дијабетесот.

7. Имате тешкотии со видот
Високиот шеќер во крвта и високиот крвен притисок можат да го оштетат чувствителните структури во вашите очи и да го загрозат вашиот вид. Дијабетската ретинопатија – предизвикана од оштетување на крвните садови во окото – е една од главните причини за слепило кај возрасните. Заматен вид, дамки, линии или трепкање на светлината се знаци дека е време да посетите лекар. Проверете ги очите навреме, пред видот неповратно да ви се оштети.

8. Неконтролирано губите на тежина
Губитокот на вишокот килограми е добра одлука ако сакате да го држите под контрола дијабетесот тип 2. Меѓутоа, ако губите на тежина против своја волја, тоа може да биде знак дека вашиот шеќер во крвта е превисок. Кога гликозата во крвта е зголемена, таа се излачува од телото преку урината, притоа со себе земајќи ги калориите и течноста што ги консумирате.

9. Не успевате да се ослободите од воспалителниот процес во организмот
Честите или повторливи инфекции се понекогаш знак за висок шеќер во крвта. Често се јавуваат во форма на воспалителни процеси на непцата, инфекција на уринарниот тракт и бактериски или габични инфекции на кожата. Други инфекции може да вклучуваат рекурентна (повторувачка) пневмонија и респираторни инфекции, инфекции на бубрезите и жолчниот меур, како и тешки бактериски инфекции на средното уво и габични инфекции во синусите.

10. Исекотините и другите повреди тешко се лекуваат
Ако не го држите под контрола шеќерот во крвта, може да забележите дека и најобичната површинска исекотина тешко зараснува. Лекувањето на повреди, колку и да се мали, е важно бидејќи го намалува ризикот од инфекција кај луѓето со дијабетес. Самата инфекција може, исто така, да го влоши шеќерот во крвта, поради што на вашиот имунолошки систем му е уште потешко да се бори против инфекциите.

Контролирајте го својот дијабетес
Не треба да паничите поради компликациите предизвикани од дијабетесот – обидете се да ги избегнете внимателно следејќи го планот на лекување. Редовно земајте ги лековите, хранете се здраво и редовно вежбајте за да го одржите нивото на шеќерот во крвта на саканото ниво. Користите домашен уред за тестирање на шеќерот во крвта, така што ќе знаете дали тој е во препорачаниот опсег.
Најмалку два пати годишно направете тест HbA1C (тест за одредување на гликозираниот хемоглобин) – тој ќе му даде на вашиот лекар подобар увид во контролата на шеќерот во крвта за одредено време.

Кога мора да се јавите кај лекар
Секој нов или невообичаен симптом е сигурен знак дека мора да го посетите својот лекар. Кажете му ако чувствувате вртоглавица или пад на шеќерот во крвта или ако имате сериозни симптоми како што се неконтролирано повраќање, вкочанетост, пецкање, заматен или двоен вид. Исто така, информирајте го вашиот лекар ако со терапијата не успевате да го држите нивото на шеќер во крвта под контрола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот