Ова се најважните намирници за развој на детскиот мозок, за концентрација, побрзо учење и подобро помнење

pixabay

Сите добро знаеме дека децата не обожаваат здрава храна и дека одбиваат да јадат одредени намирници. Сепак, овие намирници треба да се најдат во детската чинија зашто се исклучително важни за развој на мозокот. 

Исхраната во периодот на детсвото влијае на развојот на мозокот и здравјето, а науката докажа дека некои намирници значајно влијаат на развојот на мозокот и подобрување на концентрацијата. Сите родители се свесни дека зеленчукот и овошјето се многу важни, но треба да се размисли и за некои други, можеби уште поважни, намирници за децата да имаат доволно енергија за дневните обврски, но и за мозокот добро да се развива.

Нутриционистот Емер Делани за “Би-би-си фуд“ истакна кои пет намирници задолжително треба да се вклучат во редовната исхрана на детето.

Јајца

Детскиот мозок се развива со значајна брзина, посебно во првите години на животот. Колинот е многу важен нутриент кој многумина го сметаат за витамин, иако тоа не е. Игра многу важна улога во создавање на клетки за меморирање длабоко во мозокот. Жолчката од јајцето е богата со колин и ги задоволува сите дневни потреби на детето до осум години. Јајцата се исто така богати со протеини и содржат железо и витамин А кој е важен за растот, обновувањето и развојот на клетките. Поради тоа децата треба да јадат јајца редовно, освен ако не се алергични на јајца.

Масна риба

Масната риба е богата со омега-3 масни киселини и важна е за развој на мозокот и воопшто за доброто здравје. Омега-3 масните киселини се многу важни компоненти за развој на мозочните клетки. Некои студии тврдат дека овие масни киселини помагаат дури и во решавање на проблемот во однесувањето поради улогата во функционирање на невротрансмитерите. Други студии пак, ја поврзуваат лошата способност за читање со низок степен на омега-3 масни киселини. Лососот, скушата, свежата туна, пастрмката, сардините и харингата се одличен извор на омега-3 и детето треба од овие риби да јаде најмалку еднаш неделно.

Интегрален леб и житарки

Интегралните житарки се полни со јагленохидрати кои создаваат енергија за мозокот и помагаат за регулирање на нивото на гликозата во крвта. Полни се со витамин Б, важен за здравиот нервен состав. Бројни истражувања покажаа дека појадокот полн со интегрални житарки ја подобрува краткорочната меморија и внимание, а тоа не е случај при конзумирање на рафинирани јагленохидрати или кога ќе се прескокне појадокот. Интегралните житарки помагаат и за регулирање на нивото на шеќерот во крвта.

Грав

Гравот е одличен избор на храна за деца зашто содржи многу протеини и полн е со витамини и минерали. Содржи омега-3 масни киселини кои се важни за развојот на мозокот. Оваа намирница ќе им помогне на децата полесно да се концентрираат, но и во телото постепено да се ослободува енергијата што е важно за извршување на обврските во текот на денот.

Јогурт, млеко и сирење

Млечните прозиводи како млекото, јогуртот и сирењето се хранливи и преполни со протеини и витамин Б, неопходни за развој на мозочното ткиво, невротрансмитерите и ензимите кои играат важна улога во мозокот. Калциумот, исто така, е важен за здравите коски и заби. Децата имаат различна потреба за калциум и тоа зависи од возраста, но важно е да се вклучат барем два до три извори на калциум во текот на денот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот