Ова се 13-те најчести: Симптомите на кардиоваскуларните болести се разликуваат во зависност од состојбата што ја имате

Фото: Профимедиа

Кардиоваскуларните болести (КВБ) се болести кои го зафаќаат срцето или крвните садови (вените и артериите).

Тие можат да бидат предизвикани од комбинација на бихевиорални, социоекономски и ризик-фактор од животната средина, вклучувајќи неправилна исхрана, употреба на тутун, физичка неактивност, штетна употреба на алкохол, загадување на воздухот, висок крвен притисок, висок холестерол, дијабетес, дебелина, болести на бубрезите и стрес. Семејната анамнеза, етничката припадност, полот и возраста исто така може да влијаат на ризикот од кардиоваскуларни болести.

Кои се различни видови кардиоваскуларни болести?
Срцева болест

Коронарната болест на срцето, која понекогаш се нарекува и коронарна артериска болест или исхемична болест на срцето, е најчестиот тип на болести на срцето. Се однесува на проблемите со срцето предизвикани од стеснети коронарни артерии кои го снабдуваат срцевиот мускул со крв. Кај некои луѓе, првиот знак на коронарна срцева болест е срцев удар.

Срцев удар

Срцев удар или инфаркт на миокардот настанува кога, обично поради формирање на крвно згрутчување, прекинува протокот на крвта во срцето. Без кислород и хранливи материи, срцевиот мускул почнува да умира. Срцевиот удар може да предизвика трајно оштетување на срцето, а може да биде фатален, особено ако не се пружи итна медицинска помош и лекување.

Мозочен удар

Мозочниот удар настанува кога протокот на крв во мозокот е прекинат, поради што мозокот го губи своето витално снабдување со кислород и хранливи материи. Мозочниот удар може да биде предизвикан од згрутчување на крвта во мозочната артерија или со пукнување на крвен сад во мозокот и крвавење, оштетувајќи го мозочното ткиво.

Други состојби:

– Аритмија – неправилно или абнормално работење на срцето
– Болест на аортата (вклучувајќи аневризма на аортата) – болест која предизвикува ширење или пукање на аортата
– Кардиомиопатии – болести на срцевиот мускул
– Конгенитална болест на срцето – проблеми со срцето или крвните садови кои се постојат при раѓање
– Длабока венска тромбоза и белодробна емболија – крвни згрутчувања во вените на нозете, кои можат да се ослободат и преку крвотокот да стасат до срцето и белите дробови
– Затајување на срцето – состојба во која срцето не пумпа крв како што треба
– Болест на срцевите залистоци – болест на срцевите залистоци кои го одржуваат протокот на крв низ срцето
– Болест на перикардот (перикардитис) – воспаление на тенката обвивка на ткивото кое го опкружува срцето
– Ревматска срцева болест – оштетување на срцевиот мускул и срцевите залистоци од ревматска треска, предизвикано од стрептококна бактерија
– Васкуларна болест (болест на крвните садови) – секоја состојба што влијае на системот на крвните садови
– Периферна васкуларна болест (вклучувајќи периферна артериска болест) – болест на крвните садови што ги снабдуваат рацете и нозете
– Цереброваскуларна болест – болест на крвните садови кои го снабдуваат мозокот

Кои се симптоми на кардиоваскуларни болести?

Важно е да се знае дека кардиоваскуларните заболувања долго не мора да бидат придружени со симптоми, а првиот знак може да биде срцев или мозочен удар.

Симптомите на кардиоваскуларни болести варираат во зависност од состојбата што ја имате и може да вклучуваат:

– болка во градниот кош, стегање, притисок и непријатност во градниот кош
– болка, слабост или вкочанетост во нозете и/или рацете
– болка или непријатност во рацете, вратот, рамената, вилицата и грбот
– краток здив/отежнато дишење
– брзо заморување за време на вежбање или други активности
– промени во срцевиот ритам

– многу брзи или бавни отчукувања на срцето, интензивно чукање на срцето или треперење во градниот кош
– вртоглавица, зашеметеност или несвестица
– слабост или замор
– отекување на рацете, нозете, глуждовите или стапалата
– треска
– осип на кожата или невообичаени дамки
– сува или упорна кашлица

Најчестите симптоми на срцев удар кај мажите се интензивна болка во градниот кош, болка во левата рака или вилица и отежнато дишење.

Иако жените може да имаат некои од истите симптоми, нивната болка е почесто дифузна, се шири на рамената, вратот, рацете, стомакот и грбот. Жените може да почувствуваат болка повеќе налик на пречки во варењето и болка која можеби нема да биде постојана. Можно е и отсуство на болки, но може да се појави необјаснива вознемиреност, гадење, вртоглавица, чукање на срцето и ладна пот. На срцев удар кај жените може да му претходи необјаснет замор. Жените исто така почесто имаат потешки први срцеви удари што доведуваат до смрт, во споредба со мажите.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот