Ова интервју со Александар Прокопиев ВРЕДИ да го прочитате

Често има повод за разговор со Александар Прокопиев, еден од најпродаваните наши писатели во странство – час награда ваму, час таму, час објавена книга ваму, час таму – па дури и, во меѓувреме, кога нема повод, Сашо е секогаш интересен соговорник за слушање и читање. Овојпат, повод за закажаниот разговор беше големиот успех во странство на книгата „Човечулец: бајки од левиот џеб“, која е прогласена за најпродавана книга од балкански автори во Хрватска (Čovječuljak, во издание на Фрактура). Инаку, со оваа збирка на современи бајки за возрасни, Прокопиев ја освои и престижната меѓународна книжевна награда „Балканика“. А на пат за лансирање на хрватскиот книжевен пазар е и книгата „Делфинот“ („Делфин“, во издание на ВБЗ од Загреб).

А вие, сте ја прочитале „Човечулец“, нели? Е, како не сте ја прочитале. Ако сè уште не сте ја прочитале, не го пропуштајте задоволството да дознаете што се случува со маргиналните ликови во бајките, според перото на авторот, кои се тие во суштина, кои се нивните мотивации, како, на пример, ловецот во „Снежана и седумте џуџиња“ или загубените момчиња во „Петар Пан“.

Сепак, наместо разговор со Сашо, одлуката „падна“ да му дадам предност (и простор) на разговорот кој го направија две супер девојки, односно новинарки од Хрватска, Ива Перковиќ и Лора Томаш. Зашто знаете веќе, кога две жени ќе се здружат, и ќе „засвират“ складно на ист иснтрумент, и ќе сплетат цела пајакова мрежа од прашања, ви нема спас. Ќе ве разоружаат. Ќе ве расоблечат до гола кожа. Па, не ви преостанува ништо друго освен великодушно да ѝ се предадете на искреноста во одговорите. Е, такво е ова интервју со Александар Прокопиев.

– Книгата во Македонија е примена добро, но многу подобро е примена надвор. Мислам дека „Човечулец“, иако не е моја најдобра книга, сега е преведена не само на многу јазици, туку и на континенти. Во Европа, Африка, Азија, ако Турција ја сметаме за дел од Азија. Таму имам неколку изданија на „Човечулец“. Во Македонија ми е најприфатен еден роман кој се вика „Ѕиркачот“, всушност, кратка новела. Оној што набљудува, ѕирка. Напишан е многу порано, но сега гледам дека има многу изданија кај странците. Италијанците сега повторно ми го објавија, а го сакаат и Словенците, – вели Прокопиев во интервјуто.

Разговорот се проширува на повеќе теми, од писателството, до музиката, до културната размена меѓу земјите од поранешна Југославија, до дехуманизацијата на која сведочиме и за тоа што луѓето им прават на луѓето…, а вметнати се и две композиции инспирирани од „Човечулец“.

Повелете ЛИНК за интервјуто со Александар Прокопиев кое вреди да го прочитате.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот