Ова е старт каков што посакувавме: Македонија преку пеналите ја урна Ерменија (ФОТО)

фото: Драгaн Митревски

Фудбалската репрезентација на Македонија победнички го започна новото издание од Лигата на нации совладувајќи ја Ерменија со 2:1 на Националната Арена „Тодор Проески“.

Победата над добро познатиот ривал значеше и реванш за убедливиот пораз во Ереван од 0:4 во минатото издание од Лигата на Европа. Истовремено триумфот на првиот репрезентативен настап по пауза од повеќе од девет месеци е добра најава за тоа што ги очекува фудбалерите идниот месец кога го играат најважниот натпревар во историјата –  полуфиналниот бараж дуел со Косово за пласман на Европското првенство. Сепак, според прикажаната игра ќе треба многу работи да се корегираат пред дуелот со Косово.

фото: Драгaн Митревски

Избраниците на селекторот Игор Ангеловски, рутински ја остварија победата, уште во почетните минути постигнаа гол преку Езгјан Алиоски, а потоа средината на теренот и контролата на топката им ја препуштија на Ерменците кои не можеа да најдат начин како да дојдат до голот на Дамјан Шишковски. Ерменија почесниот гол го постигна во 93. минута преку Тигран Барсегјан и тоа повторно преку пенал.

фото: Драгaн МитревскиМакедонија поведе уште во петтата минута откако во шеснаесетникот на Ерменија беше фаулиран Елис Елмас, а сигурен реализатор од белата точка беше Езгјан Алиоски.

До крајот на првото полувреме, „црвено-жолтите“ зголемија на 2:0 на идентитен начин. Елмас беше фаулиран пред голот на Јурченко, а овој пат улогата на изведувач на пеналот наместо Алиоски беше Илија Несторовски кој прецизно шутираше во левиот агол.

фото: Драгaн Митревски

Во второто полувреме, Ерменците  ја имаа контролата на топката, но не успеаја посериозно да се заканат кон голот на Шишковски, додека избраниците на селекторот Ангеловски умешно го чуваа сопствениот гол, но и силите за натпреварот кои ги очекува за три дена во Тбилиси, против селекцијата на Грузија.

МАКЕДОНИЈА – ЕРМЕНИЈА 2:1 (2:0)
Национална арена „Тодор Проески“, Скопје. Главен судија: Ирфан Пељто (БиХ). Стрелци: Алиоски 5′(п), Несторовски 37′(п) – Барсегјан 93′ (п).
Македонија: Шишковски, Ристовски, Муслиу, Велковски, Ристевски (од 70′ Спировски), Адеми, Николов (од 75′ Трајковски), Барди, Алиоски, Елмас, Несторовски (од 61′ Пандев).
Еменија: Јурченко, Калисир, Хамбарџумјан, Харојан, С. Григорјан (од 46′ Бабајан), Вбејмар, Бајрамјан (од 46′ Барсегјан), Корјан, Ховханисјан, Карапетјан (76′ Бриаско), А. Григорјан.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот