Отворено писмо до Ѕвездан Георгиевски

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

На колегата Георгиевски и на Фондацијата „Славко Јаневски“ им предлагам да го заборават – да употребам пристоен израз – градоначалникот Шилегов и што поитно да објават жиро-сметка на која, според принципот на приватни донации од поединци, а и фирми – крауд фандинг, во кирилична транскрипција – би се собрале средства за финансирање на наградата Роман на годината.

Го следам напорот со кој колегата Ѕвездан Георгиевски со недели, од петни жили, се обидува да го сочува континуитетот и дигнитетот на наградата „Роман на годината“, признание воспоставено пред 21 година од некогашниот угледен дневен „Утрински весник“, по чие згаснување во 2017 година традицијата ја превзема Фондацијата за промоција и унапредување на културата „Славко Јаневски“. Годинава, за финансиска поддршка на наградата – во висина од неверојатно „големи“, нецели 5.000 евра! – на конкурсот на Град Скопје во име на Фондацијата конкурирал Културно-информативниот центар.

Последните информации што Ѕвездан ги сподели со јавноста се дека градската управа, без посебно објаснување, ја повлекол поддршката за наградата, иако Градот од минатата година самиот ја иницирал таа соработка. Процесот за доделување на наградата, традиционално во месец март секоја година, е во полна пареа, бидејќи петчленото жири на наградата веќе ја врши селекцијата меѓу 38 добиени дела кои конкурирале годинава.

Сега Ѕвездан, во име на Фондацијата, е доведен во ситуација јавно да го повикува Градот – читај: Петрета Шилегов, нашиот амбициозен и самоуверен Градски Татко – да ја ревидира одлуката за откажување на поддршката за наградата, ставајќи се и себеси и доблесната мисија што се труди да ја негува оваа Фондација во непристојна состојба да се „мољака“ пред градската администрација која, сигурно, има многу основани причини тие 5.000 евра да ги потроши на некои непроценливо поважни и приоритетни градски проекти.

Јас, пак, на колегата Георгиевски и на Фондацијата „Славко Јаневски“ им предлагам да го заборават – да употребам пристоен израз – градоначалникот Шилегов и што поитно да објават жиро-сметка на која, според принципот на приватни донации од поединци, а и фирми – крауд фандинг, во кирилична транскрипција – би се собрале средства за финансирање на наградата. До месец март, со поддршка на сите информативни медиуми кои ќе сакаат да се вклучат во акцијата, на таа сметка можеби ќе се соберат 500 евра, а можеби и сите 5.000, но тие ќе бидат донирани од искрени поддржувачи на љубителите на литературата.

Тоа, сигурен сум, ќе биде далеку поголема сатисфакција за наградениот автор/ка, отколку „искамчувањето“ на наградниот фонд „низ“ милоста на бирократските постапки и политичките преференции на актуелниот Градоначалник.

Ѕвездане, убаво би било оваа идеја, ако ја прифатите во Фондацијата, да биде новата традиција со која секоја година ќе помогнеме да се одржи наградата „Роман на годината“. Ако смеам да се надевам, ќе има во тоа и една повисока симболика во поддршката на македонската култура и уметност, а и наша, граѓанска, заедничка инвестиција во „човечкиот капитал“, што би рекла власта, во годината во која се потврдува дека токму културата и уметноста се најдобрите производи што се создаваат на овие простори.

Поздрав.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот