Отворено писмо до Макрон: Блокадата на Франција ќе биде нож во грб за сите граѓани

Група на македонски интелектуалци му испратија отворено писмо на францускиот претседател Емануел Макрон, во кое тие ги кажуваат своите стравувања за француската блокада за процесот на евроинтеграции на нашата држава.

Потпишувачите Александар Тортевски, Мирјана Најчевска, Марко Дамевски, Татјана Олумчева, Самуил Стојановски, Виктор Стевиќ, Сенад Аруч и Виолета Димитровска сметаат дека Преспанскиот договор и промената на името се преседан дотогаш невиден во историјата на меѓународното право, и нешто што како услов Европската унија го нема поставено спрема ниту една од земјите членки при нивниот прием.

Во прилог, целосното писмо упатено до Макрон:

Почитуван Претседателе,

Г-не Макрон,

Ние како група македонски интелектуалци, вистински поддржувачи на системот на вредности врз кои што се темели Европската унија, би сакале да Ви укажеме дека блокирањето на процесот на евроинтеграции на нашата држава само од страна на Франција, е некореткно и нечесно и во голема мера опасно. Со огромен напор и учество на голем број граѓани нашата држава успеа да излезе од рамката на затвореното општетсво. Со уште поголем напор и по цена на големи внатрешни превирања изврши уставни измени со што се преименува од Република Македонија во Република Северна Македонија, прифаќајќи преседан дотогаш невиден во историјата на меѓународното право, и нешто што како услов Европската унија го нема поставено спрема ниту една од земјите членки при нивниот прием. Меѓу другото искрено прифаќајќи ги Вашите сугестии упатени до нашите граѓани на 22.09.2018 година, на само неколку дена пред референдумот, верувајќи Ви како на Претседател на земја која на светот му ги подари француската револуција и Liberté, égalité, fraternité.

Потписниците на ова писмо искрено ја посакуваа Вашата победа на изборите, водени од Вашиот систем на вредности кој го прокламиравте пред јавноста, Вашата цел за унапредување на ЕУ, човековите права и слободи. Во секоја држава, па и во Франција постојат сериозни сили кои посакуваат крај на обединета Европа, шират ксенофобија и ги повикуваат сеништата кои ја втурнаа Европа во Првата и Втората светска војна. Истото е можеби поизразено кај нас, како земја која неполни 30-триесет години практикува граѓанско-демократски систем на функционирање. Факт е дека, господине Макрон, нашите институции не се на ниво на европските, дека во многу сегменти заостануваме зад европските стандарди, меѓутоа, би сакале да ве потсетиме дека како држава која произлезе од распадот на СФР Југославија, нашата јужна граница и пристапот на море ни беше блокиран од страна на Грција, што секако е спротивно на сите акти на Унијата и принципите на меѓународното право. Исто така, Македонија го почитуваше ембаргото кон остатокот на Југославија кој го наметнаа ЕУ и ОН, што заедно со економската блокада од Грција многу придонесе за наша економска стагнација и пад на животниот стандард. Сепак, мнозинството наши граѓани упорно опстојуваат на ставот дека ЕУ беше и останува наша стратешка определба.

Господине Макрон, Вашиот амбасадор во Република Северна Македонија, неговата Ексцеленција, господинот Тимоние, излезе со соопштение дека нашата држава и процесите во неа се контролирани од 10-ина семејства и дека такви земји не се пожелни во ЕУ. Голем дел од Потписниците на ова писмо се согласуваат со оваа констатација, меѓутоа, не сме сигурни дека знаете дека Вашата блокада всушност ќе ја зацементира позицијата на овие 10-ина семејства, а ќе биде нож во грбот на сите правдољубиви и слободоумни граѓани кои искрено ги почитуваат европските вредности, морални норми и стандарди и се обидуваат да изградат систем во кој токму овие вредности ќе бидат вгардени во политичките и правни темели.

Од друга страна, може да се каже дека Грција е заложник на помалку од десет големи семејства, па сепак е пожелна за ЕУ. Се плашиме дека многу набргу, ќе се отвори прашањето дали всушност и повторно Франција е инструментализирана токму од Грција, а со тоа ќе се доведе под знак прашање токму Преспанската спогодба зад која и Вие лично застанавте.

Независно од тоа, ние остануваме доследно и автентично посветени на ЕУ вредностите и нивната имплементација во нашата држава, меѓутоа тоа може да влијае на желбата на граѓаните и понатаму да бидеме перцепирани како дел од франкофонијата.

Александар Тортевски
Мирјана Најчевска
Марко Дамевски
Татјана Олумчева
Самуил Стојановски
Виктор Стевиќ
Сенад Аруч
Виолета Димитровска

Според информациите, писмото на француски јазик ќе биде доставено и до француските медиуми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот