Отворено писмо до Кирил Петков

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Да останете запишан во историјата на балканската политика како големиот државник од Бугарија кој ја отворил новата, современата, досега невидената и ненаучената страница на почитување, добрососедство и пријателство помеѓу нашите два соседни народа и држави.

Почитуван министер-претседател на Република Бугарија, Кирил Петков.

Во последните неколку години активно партиципирам во јавниот дискурс преку изјави, интервјуа и колумни со кои ја коментирам актуелната внатрешна и надворешна политика на мојата држава, Македонија. За жал, во изминативе година и половина моите анализи и колумни најчесто се сосредоточуваат на „македонско-бугарските односи“, односно на проблемот со ветото што официјална Софија го наметна и го испречи пред нашите евроинтеграциски процеси, вето кое за мене значи потпкопување и закана по безбедноста и државноста на мојата земја, исто како што значеше до пред малку децениското грчко вето.

Како човек што целиот свој живот, на своја волја неформално се образовал на односната тема за сложените, заплетканите, неразбраните и многу емоционалните јазично-идентитетски односи помеѓу Македонците и Бугарите, јас и формално магистрирав на таа тема, за конечно да си го дадам себеси одговорот  на прашањето – каде згрешивме?! Без да навлегувам поподробно во длабока интерпретација на историските настани, личности и собитија и како тие со целосно различна диоптрија се гледаат од „историските очила“ на бугарските, а како од македонските политичари, историчари, но и од обичното население, само ќе констатирам дека суровите интереси на великите сили, во тој историски меѓник кога се создавале националните држави на балканските нации, не дозволувале да се создаде голема балканска држава на сметка на својата сосетка, бидејќи тоа ќе претставувало нарушување на балансот на распределбата на сферите на влијание, па оттука Санстефанскиот, никогаш непрежален и неотсонуван сон на сите Бугари, за Бугарија „од Дунав до Белото Море, од Охрид до Црното“, не се осуштестви уште на самиот почеток. За тоа вина носат, како што нагласив, големите сили во прв ред Русија, Австро-Унгарија и Велика Британија.

Вината не е во нас Македонците!

Од тој момент (Берлинскиот конгрес во 1878 година), почнуваат сите национални голготи на бугарската држава кои во вашата историографија се нарекуваат „национални катастрофи“, т.е. сите изгубени големи војни во суштина водени за „ослободување на Македонија и на македонските територии“ и нивно присоединување кон матицата Бугарија. Таквиот заплет на настаните кон крајот на 19 век донесе и исклучително негативен расплет пак за нас Македонците: после Балканските војни нашата етногеографска целина Македонија беше раскината помеѓу соседните монархистички држави, а дотогаш компактното македонско население ги изгуби природните врски на општење помеѓу себе, бидејќи се најде во сосема различни државно-административни управи на владеење. Повеќе од сто години, населението кое живее по долината на реката Вардар, по разврската на историските премрежја и околности, живее под доминантното влијание на еден команден центар (Белград) и истото се обликува(ло), по тој тертип.

Особено, по завршувањето на Втората светска војна, во новата тоталитарна држава  СФР Југославија во која ние се одржавотворивме како конститутивна државна едница СР Македонија и се еманципиравме како посебен народ, природно кодифицирајќи наш посебен македонски литературен јазик и изградивме наши автентични македонски образовни институции. За жал, наметнатата од поголемиот центар на моќ на север од нас и жестокоста на пропагандата кон Бугарија и сѐ што е бугарско ги испра мозоците на Македонците и од нив направи најголеми Бугаромразци. Од друга страна, националните фрустрации и комплекси на бугарската политичка елита, академско-научна, а со тоа и на населението, за „изгубената Македонија“, ги држеа и сѐ уште ги држат Бугарите во една фиксација дека „Македонија е бугарска“ и дека може да се поврати.

Почитуван премиере,

Историјата е мелница што неповратно меле сѐ пред себе. Националните прашања на Балканот во однос на создавањето на мечтаено големи држави се затворени. Уште повеќе тие, како камен врз вратот ни тежат на сите, на нас  балканските нации, да ги уредиме нашите односи и да зачекориме во модерниот, развиен, цивилизиран свет кон кој ѓомити се стремиме. Од тој во кој вие сте живееле, сте се еманципирале и сте се образовале, за денес да станете политички прв извршен човек на соседна Бугарија. Во апогејот на целосно нарушените и досега на историско ниво најниските и најзатегнатите односи помеѓу нашите братски, како што често вие милувате да кажете, народи, во вас и во вашата промисленост и политичка цивилизираност ја гледам единствената шанса и зрак на надеж дека може да се вразумиме и да го решиме „спорот“, кој во суштина и не постои и е измислен за да се задоволат интересите на Кремљ и на Москва.

Знам, имено, вашите претходници Борисов и Каракачанов во „наследство“ ви оставија проблем (употребено вето), наелектризирана атмосфера во националниот амбиент и знам дека секој обид за тргнување на ветото, ќе значи и намалување на вашиот рејтинг. Но, во тоа се гледаат државниците и нивната големина. Еден таков од нив можеби плати со своја политичка цена, но ќе остане вековно впишан и запомнет во историјата на Балканскиот Полуостров, како човек кој го пресекол „Гордиевиот јазол“ на Балканот, решавајќи го можеби најтешкото балканско прашање, македонско-грчкиот „спор“ околу употребата на уставното име Македонија, а тоа е поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас. Кога го стори тоа (потпишувањето на Преспанскиот договор), тој кажа дека го прави само и исклучиво во интерес на генерациите што доаѓаат после нас, оставајќи во наследство колку-толку нормализирани односи и уредена иднина помеѓу нашите две соседни земји. Од вас го очекувам истото.

Да бидете новиот, бугарскиот Алексис Ципрас, бидејќи ги имате сите предиспозиции за тоа: не сте оптоварен со балканските национализми и фантазмагории, сте високообразован со западната политичка мисла и знаете што во суштина значи вистински и прав патриотизам, сосема спротивно од манипулативниот на сите ваши претходници во посттоталитарна Бугарија, од Андреј Луканов до последниот Бојко Борисов, а тоа е свесно мамење и играње со чувствата на граѓаните со национални теми, кои во суштина се параван за бескрупулозно крадење и корупција од невидени размери. Така Бугарија, вашата земја, чиј премиер сте денес, ја доведоа до тоа да биде најсиромашната, најкорумпираната и земја со најиселено население во рамките на ЕУ. Тоа е „оставината“ на сите ваши претходници кои водеа „патриотска“ политика кон Македонија и македонското прашање.

Време е за вистинска патриотска политика, која знам дека ја знаете, само треба малку повеќе храброст да се спроведе. Вие и вашата сопруга сте духовно, професионално и материјално реализирани луѓе, за разлика од секој балкански политичар, кој политиката ја гледа само како средство за брзо (криминално) богатење и уживање во привилегиите кои таа ги носи. Затоа верувам во вас и вашите замисли. Минатата година, пред да се употреби ветото од страна на владата предводена од двоецот Борисов/Каракачанов, упатив отворено писмо до официјална Софија, со кое наивно верував дека со чисти аргументи и здрав разум ќе упатам порака на исклучителната погрешност на тоа вето и колку истото ќе ги дорасипе и доуништи и онака историски уништените односи и врски помеѓу нашите народи.

Од разделено минато, да направиме заедничка европска иднина!

Оттука, преку ова писмо до вас, како на човек во кој искрено верувам дека има желба да се издигне над балканското националистичко блато, во кое сме потонати сите, и да нѐ извади од калта, упатувам силна порака, во наредниве шест месеци преку еден интензивен, искрен и отворен дијалог, без омаловажување, дискредитирање, навредување, потценување и заканувачки тонови, да седнеме преку предвидените комисии и да ги уредиме нашите взаемни односи. Пред сѐ во сферата на економијата, културата, науката, образованието, спортот, инфраструктурата и во стопанството. Во кои имаме толку многу потенцијал за да си дадеме повеќе. За жал, тука политиката е испречена како жив ѕид и го оневозможува тоа.

Време е квалитативно да ги уредиме нашите односи на долг рок. Време е да го потпишеме „Дојранскиот“ договор, ако треба. На малото езеро на јужната граница на Македонија, во близина на Бугарија, во која се одиграла историски за вас толку важната „Дојранска епопеја“. За да дадеме и симболичен тон на новиот почеток во нашите односи. Седум децении живеевме подвоени како со Берлински ѕид во тотална омраза. Можеби толку ќе бидат потребни за да се „обединиме“ во големото семејство на европските народи. Но, тоа зависи од нас. Мораме од некаде да почнеме. Нултата точка е, тргнувањето на ветото на годинашниот јунски самит и релаксирање на односите. Сѐ друго е катастрофа и за Македонија и нашите граѓани, но и за Бугарија и бугарските граѓани, кои ќе бидат мултиплицирано замразени тука. Националниот интерес што ни го навре како „патриотски“ еден бивш соработник на ДС службите под кодно име „Иван“, ексминистер за одбрана во претходната влада, не е да се мразиме и да се навредуваме, напротив, да ги изградиме мостовите на доверба и соработка. Тој национален интерес е на Москва и на Белград, за кој односниот има официјално досие дека им служел како агентурен соработник. Но, не и на официјална Софија, ниту пак на официјално Скопје. Долга ќе биде борбата со агентурно-удбашките структури и кај нас и кај вас кои три децении по падот на комунизмот сѐ уште се командуваат од  два центри на моќ: Белград (кон нас) и Москва (кон вас). Наше е на тоа од петни жили да им се спротивставиме. Со помош на браќата Американци. Вие, имате и таква моќ тоа да го направите. Затоа, во името на Димитар Талев, Димитар Благоев, Андреј Љапчев, Симеон Радев и стотици и илјадници други политичари, општественици, писатели, уметници, доктори, научници, кои во своите вени носеле македонска крв, а со своите животи и дела се вградиле во современата историја на Бугарија, во името на стотиците илјади бугарски граѓани, во чии вени тече делумно македонска крв од сите три поделени етногеографски области на Македонија, а денес се современици на  бугарската нација, поставете го патот на искрена соработка, удрете ги темелите на повторна изградба на претходно срушените мостови, кои и така беа пред распад, и конечно после седумдецениското лудило, да го фатиме патот на развојот, добрососедството, соработката и пријателството, како два соседни, блиски народи со измешано и испреплетено минато.

Обичниот политичар станува со помислата како да ги спечали наредните избори и да остане на власт, вистинскиот државник ја гледа и ја предвидува иднината однапред со децении. И носи одлуки за да стане таква. Верувам во вас и во вашите исправни одлуки. Да останете запишан во историјата на балканската политика како големиот државник од Бугарија кој ја отворил новата, современата, досега невидената и ненаучената страница на почитување, добрососедство и пријателство помеѓу нашите два соседни народа и држави. Бидејќи го заслужуваме сите ние тоа, во кое веруваме со децении.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот