Отворена постапка за одземање на лиценци на 6 компании: Се произведувал штетен мазут од гуми, не се чувале залихи

Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Постапки за одземање на лиценци има за компаниите „Блу технолоџи“ „Санс АГ“, „РКМ“, „Супертрејд“, „Пертинакс“ и „Ли-оил ДБИ“ , а за 7 фирми е изречена вкупна глоба од 55.510 евра.

Се произведувал мазут од стари гуми, кој не ги исполнува стандардите за квалитет, се пронашол мазут каков што не постои во нашиот правилник за течни горива, се открил мазут во кој состојките на штетни материи се над дозволените, а имало и компании што во складот не го чувааат законскиот минимум на мазут на кој се обврзале со лиценцата, како и такви чие сметководство покажало пропусти. Ова е епилогот од тринеделните контроли на мазутот од страна на државните институции, а исход од овие заклучоци се постапки за одземање на лиценци на 6 компании, и тоа на 2 компании за интегрирана Б дозвола за работа преку Министерството за животна средина и на 4 компании-увозници и трговци со мазут за кои решава Регулаторната комисија за енергетика. Прекршочна постапка и парични казни има за 7 компании.

Предлог за одземање на лиценцата за работа до Министерството за животна средина има за компаниите „Блу технолоџи“ и „Санс АГ“ во однос на интегрираната Б дозвола.  Имињата на компаниите што манипулирале со мазутот, конечно ги соопшти министерот за економија Крешник Бектеши. Тој рече дека „Блу технолоџи“ продавала мазут ППД што не е деклариран во Правилникот за течни горива. Компанијата „Санс АГ“, пак, произведувала мазут од отпадни гуми што не го задоволувал стандардот за квалитет.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски ги соопшти компаниите кои се во нивна надлежност за лиценците и за кои е почната постапка за одземање на лиценци. Станува збор за „РКМ“, „Супертрејд“, „Пертинакс“ и „Ли-оил ДБИ“ поради непоседување на оперативни резерви на мазут.

– Во Правилникот за ниво и начин на пресметка на оперативна резерва е утврдено дека задолжителното ниво на мазутот треба да биде 5-дневна резерва, при што се зема предвид потрошувачката од минатата година. Компаниите што ова не го обезбедуваат прават и нелојална конкуренција, затоа што едни имаат резерва и затвораат пари, а други не го прават тоа. Апелирам до сите компании кои работат со нафтени деривати да го почитуваат Правилникот. Ние почнавме постапка за одземање на лиценци, а компаниите имаат право во рок од 7 дена да се жалат – рече Бислимоски.

Во однос на другите анализи, на компанијата „Евротим“ ѝ се вратени две цистерни од граница затоа што примероците од анализите покажувале отстапување од граничните вредности.

– Државниот пазарен инспекторат му забрани на „Евротим“ секакво пуштање во промет на мазут – појасни Бислимоски.

На компанијата „Супертрејд“, пак, ѝ се вратени 5 цистерни затоа што анализите покажале повеќе вода од дозволеното во мазутот. Како што е познато, оваа вест веќе се објави во јавноста, а компанијата излезе со соопштение и со фотографии според кои мострите земени од акредитираната лабораторија на „Макпетрол“ биле земени во обични тегли, како за зимница, и компанијата ги оспоруваше тие резултати. „Супертрејд“ излезе и со резултати од друга, странска лабораторија, и тврдеше дека тие не покажуваат отстапувања од пропишаните параметри. Но, според министерот Бектеши, фотографиите од земените мостри во тегла се стари.

– Тоа се стари фотографии. Сега не се земени така примероците. Суперанализите од странската лабораторија ќе бидат земени предвид, но и нашата лабораторија е акредитирана – рече Бектеши.

Бектеши објасни и дека е направена контрола кај сите увозници на мазут, во целиот процес од увоз до складирање и 7 увозници заработиле казна од вкупно 55.510 евра. Притоа, прекршочни казни за тоа што не чувале 5-дневна залиха на мазут како што налагаат прописите, изречени се на „Супертрејд“, „Евротим“, „Пертинакс-Скопје“ и на „Ли-оил ДБ“ Кавадарци, а „РКМ“ ДООЕЛ добил прекршочната казна и за залихите и за неточна сметководствена евиденција, додека казната за „Блу технолоџи“ се однесува само на сметководствената евиденција. „Ка-оил енерџи“ од Кавадарци, пак, вршела трговија на мазут без лиценца од Регулаторната комисија за енергетика.

Добро е да се рециклираат гумите, но во мазут со добар квалитет

Во светот не е непознато производството на мазут од гуми. Во Финска, на пример, постои огромен погон за рециклирање гуми и може да се прочита дека тамошните власти се горди што гумите место да завршат како отпад што ја загадува околината, завршуваат како мазут што се користи за затоплување.

Компанијата „Санс АГ“ има дозвола за горење отпадна гума и пластика во затворен процес со пиролиза на температура од 450 до 500 Целзиусови степени, при што доаѓа до хемиско разложување и добивање течна фракција – нафта и цврст остаток. Но, она што е констатирано во анализите за кои се бара и одземање на лиценцата е дека произведениот мазут не ги задоволува стандардите.

Бектеши: Сите наоди ги предадовме во Јавното обвинителство

Сите наоди од тринеделните анализи на мазутот се предадени во Јавното обвинителство, рече министерот Крешник Бектеши, како одговор на новинарско прашање каде е одговорноста на државните институции во врска со случувањата со мазутот и дали ќе има индивидуална одговорност.

Вицепремиерот задолжен за борба против корупција Љупчо Николовски рече дека сѐ што е утврдено досега јавно го објавуваат, а дека во однос на барањето на одговорност, ќе продолжат со испитувањата.

– Утврдени се и системски пропусти и веќе разговараме за законски измени – рече Николовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот