Отворен стечај за штипски „Бетон“, најголемиот корисник на тендерите за проектот „Скопје 2014“

Судијата од Основниот суд во Штип, Маја Џорлева на денешното рочиште донесе одлука да се отвори стечајна постапка за компанијата „Бетон“ АД Штип. Оваа одлука доаѓа по барањето на тројца доверители, односно фирми.

Според извештајот на привремениот стечаен управник, трите фирми од „Бетон“  побаруваат над 76 милиони 760 илјади денари  или над 1.233.000 евра.

Судијата и портпаролот на Основниот суд во Штип, Јулијана Неткова изјави дека на денешното рочиште присуствувале доверителите кои го доставиле барањето и привремениот стечаен управник.

-На денешното рочиште отворена е стечајна постапка врз имотот на должникот – градежната компанија „Бетон“ АД Штип. Оваа одлука за отворање на стечајна  постапка ќе биде објавена во Службен весник. Одлуката ќе биде објавена и на огласна табла во Основниот суд во Штип, а стечајниот управник ќе ја објави одлуката и во два весници, истакна Неткова.

Откако судијата од Основниот суд во Штип ќе ја објави одлуката во Службен весник во рок од 15 дена, побарувања ќе може да достават и други фирми, банки, институции и вработени.

Стечајниот управник во наредниот период ќе има задача да направи и попис на команијата „Бетон“ со цел да ја утврди неговата вредност со која ќе се подмируваат побарувањата кон доверителите.

„Бетон“ од Штип во изминатите десет години беше еден од најголемите корисници на тендерите за проектот „Скопје 2014“. Градеше вкупно седум објекти, а заработи 55 милиони евра. Оваа фирма беше споменувана и во „бомбите“. Проблемите во градежната компанија почнаа од лани при изградбата на новата Клиничка болница во Штип, кога вработените ја прекинуваа работата заради неисплатени плати по што кон крајот на 2018 година, грчката фирма „Интеркат“ го раскина договорот со „Бетон“ кој во овој случај беше подизведувач во изградбата на болницата. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот