Отворен час по физичко за децата со атипичен развој во општина Ѓорче Петров
Отворен ден на час по физичко и здравствено образование под мотото „Заиграј со нас“, каде што учествуваа деца со типичен и атипичен развој организираше Општина Ѓорќе Петров по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
Низ низа активности кои вклучуваат стимулација на физичкиот развој, социо-емоционалниот развој, ориентација, координација, прецизност, брзина, рамнотежа и визуелна интеграција, уште еднаш се покажа дека сите деца, без разлика на нивните способности, заслужуваат поддршка и можност за напредок.
Овој ден не потсетува дека интеграцијата на лицата со попреченост во сите аспекти на животот – политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот, не е само наша обврска, туку и наша заедничка придобивка. Секој ден е можност за поддршка, но 3 декември е денот за гласност и посветеност – рече градоначалникот Александар Стојкоски кој се обрати пред присутните во спортската сала „Христо Батанџиев“.
Како општина, додаде Стојкоски, секогаш стоиме на страната на инклузијата.
Со гордост можеме да кажеме дека токму кај нас функционираат најголем број центри за поддршка и развој на лицата со попреченост. Нашата заложба е јасна – никогаш нема да дозволиме овие наши сограѓани да бидат заборавени или оставени на маргините – истакна градоначалникот.