Отвараме пат со нов јазик кој не ја брише историјата

Драги Ѓорѓиев и Ангел Димитров/ Фото: МИА

Мудри одлуки или нови 27 години во блокада – вака накратко премиерот Зоран Заев викендов ја сублимираше состојбата во која се наоѓа РС Македонија по бугарското вето, откако претходно најави политика на помирување со источниот сосед со бришење на квалификативот „бугарски“ пред „фашистички окупатор“ во учебниците и од спомениците. Премиерот појасни и дека конкретните чекори ќе се случат откако Бугарија ќе ја отстрани блокадата, што се очекува на Советот на ЕУ на 22 декември.

Копретседавачот во мешовитата комисија Драги Ѓоргиев овие најави од премиерот ги протолкува како пораки кон бугарската страна за деблокада на дијалогот, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ, предупреди дека СДСМ со актуелизација на темата всушност сака да ја дефокусира јавноста од тетовската трагедија со пожарот во ковид-болницата и ја потсети власта на Резолуцијата што Собранието ја усвои во јули.

Заев: Прво деблокада, па конкретни чекори

Премиерот Заев го потврди ставот на вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров дека со двете вета Бугарија го прекрши членот 2 од Договорот за добрососедство од 2017 година.

– И сега можеме ние да живееме 27 години со блокада, како што беше со Грција, зошто не, тоа зависи како ќе одлучиме сите ние. Или, како што ни кажува нашиот народ според истражувањата, со мудри политики, водејќи грижа за целокупното достоинство на македонскиот народ, почитувајќи ја историјата, нашата земја да продолжи да се движи кон европското семејство – рече Заев.

Тој повтори дека со бришењето на зборот „бугарски“ од формулацијата „бугарски фашистички окупатор“ се отвора пат за решавање на спорот, но тоа не значи бришење на историјата дека тогашната влада на Бугарија во Втората светска војна донесела одлука да стапи во пакт со фашистичките земји, а Македонија донела одлука за антифашистичка борба.

– Најскоро во декември годинава очекуваме зелено светло од Бугарија и тогаш ќе можеме да го направиме следниот чекор. Сè што ќе се постигне како договор и сè што ќе се земе како обврска ќе биде паралелно и обострано спроведувано откако ќе ја добиеме поддршката – рече премиерот.

Во интервју за австрискиот весник „Стандард“ тој попрецизно објасни дека се направени чекори поблиску до решение кое се очекува на Советот на ЕУ на 22 декември, бидејќи Бугарија дотогаш ќе избере нов парламент на 14 ноември, а вториот круг од претседателските избори ќе се одржат една недела подоцна, па смета дека во Софија ќе имаат повеќе од еден месец да донесат одлука. „Министрите за надворешни работи напорно работат на тоа. Ние се обидуваме да ја разбереме позицијата на Бугарија и тие се обидуваат да ја разберат нашата позиција“, изјавил Заев за „Стандард“, како што се посочува во соопштението од владината прес-служба.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, го опомена Заев да ја почитува Резолуцијата која го третира спорот со Бугарија и со која се утврдени црвените линии за што не смее да се разговара.

„Не очекуваме ништо повеќе од тоа Заев да ја почитува Резолуцијата што ВМРО-ДПМНЕ ја предложи во Собранието, а ја поддржаа сите партии, вклучувајќи го и СДСМ. Сè друго што кажува Заев, а е поврзано со прашањето со Бугарија, има за цел да го дефокусира вниманието на јавноста од 14 изгорени луѓе, за што истрагата ја попречува токму власта. Ниту една друга екскурзија на Заев не смее да ја попречи истрагата“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.

Ѓоргиев: Заев упатува покана за помирување

Копреседавачот во македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев викендов го поддржа премиерот Заев, разбирајќи го како негова порака до Бугарија дека за историско помирување помеѓу двата народа треба да се разговара. И тој вели дека е неприфатливо бугарскиот историски наратив да се наметнува над македонскиот и смета дека науката мора да ја победи политиката, но „со ваков тврд и помалку уценувачки став на Бугарија нема да постигнеме резултати“.

– Кога станува збор за т.н. политики на сеќавање на една нација за своето минато, кое обично се сведува на она што пишува на спомениците, видено преку очите на политиката, тогаш потребни се многу дебати, разговори, консензус во јавноста за да се донесе одлука на кој начин ќе биде претставен одреден настан или личност. Изјавата на премиерот не ја гледам како најава која веднаш ќе биде спроведена и со која веднаш од утре ќе се тргне на терен да се бришат некои придавки. Повеќе е обид, порака до другата страна дека за историското помирување на македонскиот и бугарскиот народ треба да се разговара за сите болни прашања меѓу нас – рече Ѓоргиев во интервју за „Сител“.

Според него, вистинските зборови се „простување, но не заборавање“.

– Ако кажеме само фашистичка окупација, треба да имаме предвид дека имало и италијанска фашистичка окупација. Затоа треба да се разговара, со цел да најдеме јазик со кој ќе се помириме, но нема да ја менуваме историјата. Никој не може да негира дека Бугарија била дел од коалицијата на фашистичка Германија. Никој не се ни обидува да го прави тоа што не може да се избрише ни од меморијата, ни од учебниците. Но, треба да се најде разумен јазик за помирување, а тоа помирување неминовно оди преку историјата, која треба да ја доведеме на ниво да биде прифатлива, без да влијаеме на фактите и на документите – рече Ѓоргиев.

Според него, досега сите обиди што ги направила нашата Комисија во Бугарија наишле на многу тврд ѕид, односно од другата страна не слушаме ништо друго освен отворено негирање на нашата историја, идентитет и на македонскиот јазик. Главниот проблем за тоа „е што во бугарската историографија преовладува мислењето дека Македонија е историски бугарска земја“.

– Тоа е присутно и во учебниците во Бугарија и ние тоа го нотиравме и го дадовме како забелешка која треба да се примени и тоа да се измени во бугарските учбници. И оттука произлегува ставот и на сегашната бугарската историографија и политика дека Бугарија не може да биде окупатор на земја која според нивното гледање на минатото историски е бугарска земја. Затоа тие себеси се гледале или како ослободители на оваа територија, бугарска според нив, или како админстратори. Зборот окупатор за нив е оној болниот збор кој не може да го прифатат – рече Ѓоргиев.

Рајков: Македонските Бугари не се малцинство во своја земја

Македонските Бугари не се и не можат да бидат малцинство во својата земја, изјави викендов бугарскиот амбасадор во Велика Британија и поранешен МНР Марин Рајков.

– Тие македонски Бугари не се и не можат да бидат малцинство во својата земја. Тие се државотворен народ, дел од бугарскиот етнос на територијата на новата држава. Заедно со целата бугарска нација, тие се носители на општата историја на Бугарија и РС Македонија. Тие треба да се видат себеси во Собранието, во власта, во учебниците по историја и во медиумите. Децениските репресии против нив треба да бидат разобличени, а архивите на УДБА отворени. Семејствата за жртвите треба да добијат обештетување – вели Рајков во интервју за бугарски „Капитал“.

Според него, земјите од ЕУ почнуваат да ги разбираат настојувањата на Бугарија.

Ноев: Фер попис и Бугари во уставот се предуслов

Поранешниот министер за одбрана на Бугарија Бојко Ноев вели дека позицијата на Бугарија нема да се промени и со новата влада.

– Лажна надеж е да се очекува дека ќе дојде некаква нова стабилна Влада и некаков нов парламент што ќе ја сменат позицијата на Бугарија. Тоа нема да се случи. Односите меѓу Бугарија и РС Македонија се наоѓаат во точка за која што е неопходно принципиелна висока политичка одлука. Истата треба да биде на полето на запирање на дебугаризацијата, признавање на правата на Бугарите таму, рамноправно со сите останати народи. Нивно вклучување во Уставот, дозвола да се вклучат во политичкиот живот и фер и коректен попис. Тоа значи резултат близок до бројката што се наоѓа во нашите регистри, а таа изнесува 120 илјади луѓе – изјави Ноев, кој кај нас е познат по тоа што во негово време Бугарија ѝ подари тенкови на Македонија за време на конфликтот од 2001 година.

Заев: ЕУ да го забрза процесот на донесување одлуки

Членките на ЕУ понекогаш ја забораваат причината зошто работиме заедно, а тоа е затоа што сме заемно корисни. ЕУ е најдобриот проект во светот што гарантира демократија и слобода и затоа треба да го забрза процесот на донесување одлуки и тоа значи дека малите држави не треба да се третираат на ист начин како и големите држави, рече премиерот Зоран Заев во интервју за австрискиот весник „Стандард“, соопшти владината прес-служба.

– По 16 и пол години чекање, нема веќе што многу да се направи со оглед на тоа што нашата земја беше добар пример кога станува збор за однесување на европски начин. Сигурно не сме најдобри, но ние сме добрата вест од Западен Балкан. Во моментов, ЕУ размислува за препораките што ќе бидат дадени на Самитот за Западен Балкан на почетокот на октомври, а има држави од ЕУ кои дури и не сакаат Унијата да продолжи да се фокусира на Западен Балкан – рече Заев, истакнувајќи дека кога станува збор за управувањето со континентот, ЕУ е заинтересирана да нè  има таму, бидејќи Кина и Русија, исто така имаат економски интереси на овој простор, што не мора нужно да имаат врска со европските и демократските вредности.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот