„Отровни стрели“ меѓу поранешните партнери: Се скараа ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса

Фото: Христијан Мицкоски / Фејсбук

Сѐ поизвесно е дека Алијансата за Албанците, како што се најавуваше со недели наназад, ќе ѝ се приклучи на актуелната влада, а како што се доближува очекуваниот исход од преговорите со владејачките партии, се разжестија препукувањата меѓу опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот поранешен коалициски партнер – АА.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, изрази разочарување од лидерот на АА, Арбен Таравари.

„Јас овој Арбен Таравари не го препознавам. Познавам еден друг Таравари и навистина ми е жал што го гледам во вакво издание. Една од најсмешните тези е дека влегува во Владата за обезбедување на уставно мнозинство од 80 пратеници, иако сите се свесни дека такво уставно мнозинство нема. Мислам дека сака да влезе во Владата заради математика. Сега дали математиката е бурек или нешто друго треба самиот да одговори, но јасно е дека сакаат да влезат заради математика. На крајот, тоа е нивна или негова одлука, можеби е уценет има и такви работи коишто се слушаат во политичката чаршија, но јас не би сакал да шпекулирам повеќе од ова – изјави Николоски во гостување на ТВ „Алфа“.

Од АА остро возвратија, обвинувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ е виновна за лошите состојби во кои се наоѓа државата.

„Ги повикуваме Николовски и другите како него да се отрезнат и да размислат, бидејќи лидер на македонската опозиција, според анкетите на ИРИ, е Никола Груевски. Тоа се должи на нереформираната партија во нејзината идеологија и кадровско управување и ова е срам за македонската политичка сцена. Вие сте, исто така, виновници за изолацијата на земјата во овие десет години, правејќи ја неиздржлива за живеење и за над 700.000 раселени луѓе. За среќа, вашата реторика замина во азил и со овој пристап останувате фактор на нестабилност за Северна Македонија. Не го хранете македонскиот граѓанин со поезија, барајте помош за да излезете од калта во која ве потона Левица“, реагираа од Алијанса.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот