ФОТО: Големи количества канцероген отпад слободно се влева во Вардар, ги загадува и подземните води!

Токсичен индустриски отпад од Југохром/Фото: архива на Слободен печат

На само еден километар од тетовското село Јегуновце се наоѓа индустриската депонија на некогашниот металуршки гигант, фабриката „Југохром“, која е затворена во 2016 година.

„Слободен печат“ тргна по трагите на информациите од очевидци, добиени неодамна, дека од старата депонија на „Југохром“ веќе подолго време се излева поток полн со токсични материи, пред сѐ, шествалентен хром што непречено се влева во реката Вардар, лоцирана во непосредна близина.

Токсичен индустриски отпад од Југохром/Фото: Слободен печат

Она што го видовме на самото место ги потврдува најцрните претпоставки, а тоа е дека никој не контролира што се излева од депонијата со опасен индустриски отпад во близина на Јегуновце и дека големи количества од опасната канцерогена супстанција веќе долго време го загадуваат Вардар, а, сосем извесно, и подземните води.

„Планина“ од индустриски отпад

Во текот на петдецениското работење на „Југохром“, технолошките процеси на фабриката создале цела „планина“ од индустриски отпад, полн со остатоци од метал, таканаречен бихромат, ферохромат, отпад од согорување на фабричките печки, карбонатна прашина и други материи. Според научните студии што се правени за оваа индустриска депонија, бихроматот во својот состав има високи концентрации на шествалентен хром, кој е високотоксична канцерогена супстанција.

Токсичен индустриски отпад од Југохром/Фото: Слободен печат

Надлежните институции одамна се свесни за опасноста од излевањето на шествалентниот хром од депонијата на „Југохром“, како во водите на реката Вардар која се наоѓа во непосредна близина на депонијата, така и за неговото продирање во подземните води, за што сведочат и неколку достапни научни студии. Причина за стравувањата се спецификите на почвата на која лежи целиот регион на овој дел од Полошката Котлина, како и конфигурацијата на теренот, поради што повеќепати во студиите била нотирана реалната опасност отровите да ги загадат подземните води што одат под планината Жеден и ги хранат изворите на Рашче, главниот извор за вода за пиење на Скопје. Јегуновце од Скопје, според расположливите податоци, е оддалечено одвај 27 километри воздушна линија.

Шествалентниот хром – директно во реката!

Причина за излевањето на канцерогени супстанции во Вардар и во подземните води, како што ни беше кажано, лежи во затворањето на фабриката „Југохром“, субјект што бил одговорен за одржувањето на работата на препумпната и на пречистителната станица за отпадните води од депонијата. Дополнително, тревогата ја вклучи фактот што не успеавме да стапиме во контакт со сегашниот сопственик на затворената фабрика – „Југохром Алзар“, како и неодредениот немушт одговор што го добивме минатата недела од Министерството за животна средина (МЖСПП) на прашањето каков е сегашниот статус на депонијата и кој се грижи за отпадните води:

„Бидејќи фабриката од 2016 година не работи, обврските што ги има според договорот за одржување на пречистителната станица се остваруваат со големи тешкотии. Притоа, МЖСПП вложува напори да им помогне во реализација на задачите, сѐ со цел да не се дозволи прекин на работата на пречистителната станица“, ни одговорија од МЖСПП.

Жеден презаситен од отрови

Локацијата што ни беше посочена од локални жители како критична се наоѓа на околу еден и пол километар од центарот на селото, на магистралниот пат што оди кон селата Радуша, Рашче и Кондово. Најпрвин наидувате на рид од сивкаст чакал и земја, ограден со ’рѓосана метална жица, на кој расте ретка и обрасната вегетација, за потоа патот да ве однесе до мал објект, исто така ограден со искривена и ’рѓосана ограда, капија со катанец и неколку изгладнети кучиња што талкаат наоколу. На објектот, одвоен од оградата на депонијата само со патот, нема никаков знак што би укажувал на неговата функција или на неговиот сопственик. Целиот напуштен простор личи на каптажа за вода или на пумпна станица до кој има и мала градба за сместување работници.

Токсичен индустриски отпад од Југохром/Фото: Слободен печат

Зад него е глетка како од хорор-филмовите: каллива површина од неколку стотици квадратни метри, полна со отпадоци, неколку големи калливи езерца и потоци во сите нијанси – од црвеникаво-кафеаво, до жолто-зелено и сино. Обоената валкана вода непречено се влева во реката Вардар, која е буквално на 20 метри од објектот. На другата страна на брегот од реката, речиси на дофат, стрмно се издига планината Жеден.

Можевме со свои очи да се увериме дека поточињата со валкана вода веќе формирале калцифицирано корито на своето течение во Вардар и дури и на неопитен му е јасно дека овие води веќе подолго време течат директно во реката. Не се гледа никаква трага од човечка активност во насока таа вода на некаков начин да се сопре, собере или земјиштето да се дренира. Целиот предел како да е препуштен на заборавот, иако во непосредна близина се куќи од крајот на селото Јегуновце, како и на нивите на кои уште стои необрана пченка.

Токсичен индустриски отпад од Југохром/Фото: Слободен печат

Пречистителната станица со катанец

Од она што можеше да се види на самото место, повеќе од очигледно е дека објектот во чија близина се разлева отпадната вода веќе подолго време не е во функција, а дека некој повремено доаѓа во обиколка, бидејќи во оградениот простор сѐ уште има живи кучиња. Се потсетуваме на објаснувањето на МЖСПП за „одржувањето на пречистителната станица кое се одвива со големи тешкотии“ и се прашуваме кога надлежните воопшто дошле на самото место за да видат какви се, всушност, „тешкотиите“ со кои станицата работи, односно не работи.

Токсичен индустриски отпад од Југохром/Фото: Слободен печат

Заминуваме откако темелно ги измиваме обувките од отровната зелено-кафеава кал, која се напластила. Останаа да лебдат прашалници – колкав пат досега поминал шествалентниот хром од ова морничаво место, под планината Жеден и по течението на Вардар, откако институциите заборавиле дека тој непречено истекува?!

Никој пет пари не дава за шествалентниот хром од Југохром

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот