Отповикувањето на претседателот Трамп

Извесно е дека Републиканската партија нема да дозволи Трамп да биде првиот сменет претседател во уставната историја на САД. За да биде сменет, против него треба да гласаат најмалку 20 сенатори од редовите на републиканците и независните сенатори. Тоа би се случило ако сенаторите би биле повеќе Американци отколку републиканци и ако Уставот на САД би го толкувале на ист начин како и неговите творци.

Уставот на САД предвидува одредба според која претседателот може да биде отповикан и сменет предвреме ако направи предавство на земјата, ако подлегне на корупција или ако стори друго потешко кривично дело или сериозен прекршок. Одговорноста на претседателот на САД се утврдува во две последователни фази. Првата е отповик на претседателот (импичмент), а втората е негова смена од претседателската функција. Во првата фаза се обвинува за кршење на Уставот, а во втората се казнува, односно се оддалечува од претседателската функција. Слично на кривичната постапка пред редовните судови која почнува со обвинителен акт, а завршува со пресуда. Според Уставот, Претставничкиот дом на Конгресот на САД (Долен дом) е надлежен за отповик на претседателот, а Сенатот (Горен дом) за негова смена. За време на судењето, сенаторите се преобразуваат во судии-поротници, со задача да го разгледаат обвинението и да донесат конечна одлука. Со сенатската седница раководи претседателот на Врховниот суд на САД.

Правилата за отповик и судењето ги утврдуваат самостојно домовите, од еден до друг импичмент. Тие се променливи, во зависност од тежината на повредата на Уставот и од степенот на партиската поделба на членовите на Конгресот. За истрагата на Трамп формирани се три комитета на Претставничкиот дом, со остра спротивставеност на нивните членови. Отповикот на претседателот се врши со мнозинство гласови од вкупниот број претставници (пратеници) во Претставничкиот дом (218), а смената од функцијата со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број сенатори (67). Претставничкиот дом брои 435 претставника, а Сенатот 100 члена. Претседателот на Врховниот суд раководи со судењето, но не гласа за одлуката.

Од вкупно 45 претседатели само против четворица е прифатен импичмент, од кои тројца беа подложени на судење во Сенатот. Станува збор за Ендру Џонсон, Бил Клинтон и Доналд Трамп. Ендру Џонсон е наследник на Абрахам Линколн. Него претседателот Хари Труман го сметал за претседател кој најдобро го познавал Уставот на САД. Обвинет е за кошкање со Конгресот, за често користење на претседателското вето и за кршење на законите. Обвинет е во 1868 година со 11 точки за отповик за „аферата Едвин Стентон“, но не е сменет поради недостиг на само еден глас во Сенатот. Бил Клинтон е обвинет за „аферата Моника Левински“. Постапката траеше подолго од една година, од јануари 1998 до февруари 1999 година. Врз основа на собраниот материјал, Правниот комитет утврди четири основи за импичмент, од кои две беа усвоени, а две отфрлени. Клинтон беше отповикан од функцијата за кривоклетство и опструкција на Конгресот, но не беше сменет поради кусок од 12 гласа. Случајот со Ричард Никсон е поинаков. Против него се отвори постапка за отповик поради „аферата прислушување“ (Вотергејт). Постапката траеше подолго од две години. Обвинет е за злоупотреба на власта, попречување на правдата и непочитување на Конгресот. На 8 август 1974 година доброволно се повлече од функцијата пред Претставничкиот дом да одлучува за негов отповик. Неговиот наследник Џералд Форд го помилува за сите кривични дела што ги сторил за време на претседателската функција.

Импичментот на Трамп почна на 24 септември 2019 година. Постапката ја отвори Ненси Пелоси, спикер на Претставничкиот дом. Поводот се телефонските разговори од 25 јули 2019 година помеѓу Трамп и Володомир Зеленски, претседател на Украина. Од разговорите може да се заклучи дека Трамп извршил притисок врз украинскиот претседател во врска со испораката на воената помош што Конгресот на САД и ја доделил на Украина во износ од 391 милион долари. Помошта е условена со барањето на Трамп украинската влада да го објави случајот со корупцијата на синот на Џо Бајден во укринската енергетска компанија „Бурисма“. Трамп наводно издал „итна директива“ на неговите соработници – воената помош да се изврши врз принципот на „дајмидајството“: на Украина воена помош а за Трамп дискредитација на неговиот политички ривал Џо Бајден на претседателските избори во 2020 година (quid pro quo).

На предлог на Правниот комитет, Претставничкиот дом утврди две основи за одговорноста на Доналд Трамп. Првата е злоупотребата на власта, а втората е опструкцијата на Конгресот на САД. На 18 декември 2019 година, Претставничкиот дом го отповика Доналд Трамп од претседателската функција со мнозинство на гласови. За прифаќање на првата точка од обвинението гласале 230, а против 197 претставника. За втората точка се определиле 229, а против 198 претставника. За првата точка биле воздржани 7 а за втората 24 претставника. Демократите го обвинија Трамп за коруптивно однесување, директно или преку своите агенти. Обвинет е дека функцијата ја злоупотребил на начин што сакал Украина да ја инволвира во изборниот процес во САД, со цел за себе да обезбеди бенефит на штета на неговите политички противници.

Претседателската власт ја искористил како средство за наметнување на личните интереси на штета на националните, не водејќи сметка за безбедноста на САД, за рамнотежата на законодавната и извршната власт и за слободните и фер избори. Со таквите дејства ја загрозил американската демократија и станал нејзин непријател број еден.

Трамп е обвинет и за опструкцијата на Конгресот – досега незабележана во американската историја. Одбил лично да соработува во постапката за импичмент. Во исто време издал усмена наредба на сите делови од извршната власт да не учествуваат во таа постапка, да не сведочат и да не ги даваат бараните документи. Девет лица од неговото најблиско опкружување застанале целосна на страната на Трамп, игнорирајќи ги целосно судските налози што ги добиле од Претставничкиот дом. На тој начин Претставничкиот дом е попречен да го истражува случајот.

Трамп не е загрижен што опструкцијата на Конгресот е предвидена како кривично дело уште од 1857 година. Не е загрижен ни од тежината на стручното мислење на тројца професори по уставно право, Ноа Фелдман од Харвард, Памела Карлан од Стенфорд и Мајкл Џералд од Северна Каролина. Професорите потврдуваат дека претседателот Трамп сторил повеќе кривични дела, дека со злоупотребата на власта удрил „во срцето на владеењето на правото“ и дека со опструкцијата ја „торпедирирал поделбата на власта“. Трамп не ги прифаќа обвиненијата, сметајќи ги за лажни. Убеден е дека разговорот со Зеленски бил „перфектен“ и добар за обете страни. Импичментот го поврзува со изборите од 2016 година, а не со воената помош на Украина.

Во писмото до спикерката Ненси Пелоси, Трамп тврди дека импичментот против него е под нивото на уставната теорија, стандардите на Уставот и јуриспруденцијата. Смета дека не излегол од рамките на Уставот, дека има „апсолутно право“ да држи одредени податоци во тајност и дека не мора да ги споделува со законодавната и со судската власт. Тој се повикува на „привилегираните права“ што му припаѓаат како носител на извршна власт. Во писмото што го испрати еден ден пред гласањето во Претставничкиот дом, импичментот го смета за неважечки, за нелегален и партиски, досега невиден во законодавна историја на САД. Трамп знае дека импичментот не е судски, туку политички процес. Знае дека мнозинството во Сенатот ќе биде на неговата страна: 53 сенатори – републиканци и 45 сенатори демократи. Неизвесно е како ќе гласаат двајцата независни сенатори. Но, извесно е дека Републиканската партија нема да дозволи Трамп да биде првиот сменет претседател во уставната историја на САД. За да биде сменет против него треба да гласаат најмалку 20 сенатори од редовите на републиканците и независните сенатори. Тоа би се случило ако сенаторите би биле повеќе Американци отколку републиканци и ако Уставот на САД би го толкувале на ист начин како и неговите творци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот