Отпишаните од Македонија!

Благојче Атанасоски

Нели е важен пописот за да видиме колку наши сограѓани се отпишале како резидентно население и врз база на тие бројки да направиме рестарт во планирањето на државниот развој во идните децении?

Целосната девастација и дезавуирањето на институциите на системот кај нас во последните три децении, колку што сме независна и самостојна држава, што би се рекло, самите себеси се управуваме, доведе граѓаните масовно да не веруваат во ништо или пак сенешто да примаат со резерва. Не случајно Македонија, заедно со Турција, беше прогласена за држава во која лажните вести наоѓаат најмногу „плодна почва“ меѓу граѓаните. Недовербата во институционалниот систем се манифестира насекаде: од судско-обвинителскиот, образовниот и здравствениот систем, до секоја институција, која во суштина треба да претставува сервис на граѓаните, бидејќи самите вработени треба да даваат услуги на граѓаните, за што земаат плата благодарение на даночните обврзници (самите граѓани).

Сите се колнат во успешен попис!

Оттука, не само што не е за изненадување, туку беше и очекувано дека предвидениот попис на населението и домаќинствата, кој треба да се спроведе од 1 до 21 април годинава ќе биде однапред осуетен. Најавата на опозицијата за бојкот на пописот, односно за повикување на своето гласачко тело и симпатизери да не ги отвораат вратите за официјалните попишувачи, само ја дозамрсува и онака комплицираната операција, која реторички е најавувана како „обична статистичка операција“. Да, ама не во оваа и во ваква земја.

Етнополитизацијата на пописот кај нас се случува уште од одржувањето на првиот во далечната 1991 година кога референдумски станавме независна држава. Во едно балканско политичко милје, каде што етничките бројки живот (но и работа), значат, врз пописот секогаш се фрлале темни петна и никогаш никој не верувал во веродостојноста на крајните бројки. Уште полошо, што во 2011 година беше прекинат на половина операција, поради сѐ уште „неразјаснети“ причини; веројатно поради неможноста однапред да се договорат бројките?!

Затоа и сега во јавноста струи дилемата дали пописот ќе биде само обична фарса (не обична статистичка операција) во која најмоќните политички фигури – премиерот Зоран Заев и коалицискиот партнер, лидерот на ДУИ, Али Ахмети – однапред ги договориле етнобалансирачките бројки. Тоа, во неколку наврати, категорично го демантира и го отфрла како можност првиот човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, кој се колне во својата професионалност, велејќи дека неговиот интегритет, со повеќе од тридецениски стаж во оваа институција, нема да дозволи таква „операција триумф“ за засегнатите страни.

А што правиме со отпишаните од Македонија?! Тие 500.000 илјади (25 отсто од вкупното население), кои трајно се иселија од државата во изминатите 15-ина години, кои не сакаа(т) да живеат во ваква земја, најчесто од материјално-финансиски причини, бесперспективност, културолошко/менталитетни причини, поради загаденост на воздухот… Нели е важен пописот за да видиме колку наши сограѓани се отпишале како резидентно население и врз база на тие бројки да направиме рестарт во планирањето на државниот развој во идните децении? Зарем само етнонационалните бројки ќе ни се вртат во главите, и само за тоа ќе спроведуваме попис, кој нималку не е евтина институционална операција?!

Уште го носиме бајракот на срамот!

Во своите изјави сум нагласил дека спроведувањето на пописот е усложнето уште повеќе по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, поради вградениот системски фелер со кој се предвидуваат етнички/јазични и културолошки права на припадниците на помалубројните етнички заедници (особено албанската), и дека врз база на тој процентуален цензус нивните права ќе бидат повторно одземени. Во тоа никој не верува, а и самиот премиер Заев ја отфрли таа можност, нагласувајќи дека нема реверзибилност во тој процес. Но, како системска можност, како Дамоклов меч, тоа виси над нашите глави. Примордијалноста на поимањето и сфаќањето на мерењето на етничкиот сооднос во балкански примитивни услови, особено помеѓу две антагонизирани националности, кои живеат под ист државен покрив, уште повеќе ја комплицира пописната операција. Уште многу вода треба да протече низ Вардар во наредните децении – прашање е дали и тогаш ќе се сменат работите – додека почне пописот да се поима како обична банална операција, спроведена максимално професионално, и да биде прифатена од сите, без грам сомнеж.

Босна и Херцеговина, етничка федерација, која во деведесеттите години беше во три и пол годишна крвава етничко-граѓанска војна со преку 100.000 жртви и со околу 2 милиони внатрешно раселени лица, во 2013 година спроведе попис, кој беше прифатен од сите три конститутивни народи (Бошњаци, Срби и Хрвати), односно етничкосоодносниот процент не беше од никого дисквалификуван. Тоа е доказ дека оваа парализирана и дисфункционална земја изнедрила внатрешен капацитет за да ја спроведе најважната операција за скенирање на општеството и државата за да се добијат клучните бројки за населението, неговата територијалната разместеност, неговите социјални, образовни, материјални и други карактеристики, нужни за планирањето на развојот на секоја нормална земја.

За жал, доколку пописот, кој треба да се спроведе после две децении, биде проблематизиран и неуспешен, тогаш меѓу ненормалните, некапацитетни земји да спроведат попис на населението ќе останеме само ние и Сомалија, држава на рогот на Африка, распадната од крвави внатрешни судири и контролирана од пирати што оперираат во Арапскиот Залив.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот