Фото: Инстаграм

Ова се водителките на годинашната Евровизија: Едната е поранешна сопруга на Ерос Рамацоти, а друга веќе настапи на евровизиската сцена

На официјалните страници на Евровизија објавено е кој ќе го води ова музичко натпреварување во мај во Базел. Честа оваа година им припадна на три дами: Хазел Брјугер, Сандра Студер и Мишел Хунцикер. Тие ќе го водат големото финале на Евровизија во сабота, на 17 мај 2025 година.

Хазел Брјугер и Сандра Студер исто така ќе ги водат и двете полуфинални емисии. Интересно е дека едната од нив била претставничка на Евровизија, додека другата е познат поранешен модел и ТВ-водителка, многу ценета на швајцарската телевизија.

Хазел Брјугер е 31-годишна наградувана стендап-комичарка и водителка. Родена е во САД, пораснала во близина на Цирих, а сега живее во Германија. Добитничка е на Германската награда за комедија, Салцбуршкиот бик и Швајцарската награда за комедија. Германското жири ја нарекло „кралица на духовитоста“.

Мишел Хунцикер пораснала во Остермундиген, во близина на Берн, и е една од најпознатите личности во Швајцарија. Во моментов, 47-годишната Хунцикер работи како телевизиска водителка, а истовремено е и претприемач. Во младоста била еден од најпознатите модели, а на нејзината убавина не можел да ѝ одолее ниту славниот шармер Ерос Рамацоти, со кого била во брак од 1998 до 2009 година.

Бракот со Рамацоти ѝ донел на родената Швајцарка италијанско државјанство, како и многубројни водителски ангажмани во големите италијански ТВ-куќи. Заедно ја имаат ќерката Аурора. На неа Ерос ѝ ја посветил својата култна песна „L’aurora“, додека за Мишел ја напишал хит-песната „Più bella cosa“.

Нивната љубов била прекината поради култот „Воини на светлината“, чија членка Хунцикер била пет години, а строгите правила ѝ забранувале сексуални односи, алкохол, пушење, па дури и мастурбирање. Детали за сектата, која ја напуштила, открила во својата автобиографија „Еден наизглед совршен живот“, каде што, меѓу другото, напишала дека живеела во уверување дека е сестра на Исус. Рамацоти безуспешно се обидувал да ѝ укаже на лошото влијание на сектата, но на крајот тоа го уништило нивниот брак.

Сандра Студер ја започнала својата кариера во 1991 година како претставничка на Швајцарија на Евровизија. Под уметничкото име Сандра Симо го освоила петтото место со песната „Canzone per te“. Поради длабоката поврзаност со Евровизија, секоја година таа е водителка на националниот предизбор, портпаролка и коментаторка на Евросонг. За приватниот живот на Струдер не се знае многу, но е познато дека од 1998 година е во среќен брак со Лука Милер и има четири деца.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот