Откриени детали од мемоарите на Обама: Путин е неимпресивен, личи на шефче од Чикаго, а Саркози е како петел

Profimedia
Фото: Профимедиа

Во очекување на објавувањето на мемоарите на поранешниот американски претседател Барак Обама, најавено за следната недела, Си Ен Ен дојде до извадок од ова интересно четиво со оглед на тоа што Обама два мандати беше на претседателската позиција на САД и многу пикантерии се очекува да бидат обелоднети.

Барак Обама во првиот дел од мемоарите „Ветена земја“ кој ќе излезе во вторник се осврнува на четирите години од владеењето на неговиот наследник Доналд Трамп и смета дека во тој период настанале толку длабоки поделби во американското општество што самото заминување на Трамп од власт нема да помогне да се надминат.

– Можеби она што е најзагрижувачко е тоа што се чини дека нашата демократија е на работ на криза, Тоа е криза укотвена во судирот меѓу две визии – она што е Америка и каква треба да биде, наведува Обама.

– Знам дека изборите нема да го решат проблемот. Нашите поделби се длабоки, предизвиците огромни, наведува Обама, но и изрази надеж во подобра иднина со „напорна работа, одлучност и добра доза на фантазија“.

Тој во првиот том од мемоарите испишани на 768 страници, се осврнува и на самото пишување на книгите и тешкотиите со кои се соочувал во тој процес.

Една анегдота која самиот ја наведува се однесува на тоа дека во текот на неговиот осумгодишен престој во Белата куќа често на крајот на денот барал катче за на мира да испуши „вечерна цигара“. Неговата навика за цигари и подоцнежното одвикнување беше една од темите во текот на неговото претседателствување.

Обама во мемоарите ги опишува и лидерите со кои во текот на својот мандат ги решаваше проблемите во светот, па интересно е како го опишува рускиот претседател Владимир Путин.

– Физички беше неимпресивен, вели Обама за својот руски колега, додавајќи дека по потсетувал на жилавите, паметни шефови кои некогаш управувале со политичката машинерија во Чикаго.

Додека беше претседател, САД и Русија имаа напнати односи. Обама во 2014 година ги охрабри светските лидери да ја исфрлат Русија до Г8 поради нејзината анексија на Крим. Тој исто така признава дека бил свесен дека Русија се меша во претседателските избори во 2016 година кога победи Трамп. Дури и ФБИ покрена контраразузнавачка истрага на кампањата на Трамп за да утврди што подготвува Русија, што доведе до обвиненија од страна на Трамп дека „Обама ја шпионирал“ неговата кампања.

За тогашниот француски претседател Никола Саркази вели дека бил „со испрчени гради како борбен петел“. Ниту тие двајца немаа некој пријателски однос. Се скараа и првите дами Мишел Обама и Карла Бруни кога Французинката во својата биографија напиша дека Мишел и се доверила и ѝ рекла дека животот во Белата куќа ѝ е „вистински пекол“.

Обама пишува и дека се досадувал на состанокот со поранешниот кинески претседател Ху Џинтао, зошто Кинезот читал куп подготвени листови, толку монотоно што Обама сметал дека двајцата претседатели би заштедиле време ако едноставно тие листови би си ги размениле и прочитале во слободно време.

Поранешниот претседател ја опишува и својата прва победа над републиканците, потоа несогласувањата со нив околу здравствената реформа и работата со републиканските лидери во Конгресот. За Трамп вели дека многу го погодило тоа што тој шири лаги за него, посебно онаа дека не бил роден во САД.

Обама вели дека размислувањата на Трамп првобитно ги гледал како шега, но потоа сфатил дека тоа е дел од обидот на Републиканците да „удрат“ на стравот на белите Американци поради првиот претседател црнец.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот