Откако Трамп е во Белата куќа, симпатиите кон САД секоја година драстично опаѓаат

Меланија, Доналд и Иванка Трамп / Фото: EPA/PETER FOLEY

Анкетата покажа дека испитаниците имале помала доверба во Трамп отколку во кинескиот претседател Си Џинпинг или рускиот лидер Владимир Путин.

Симпатиите во светот кон САД се опаднати на рекордно ниско ниво, покажа најновото истражување спроведено во 13 земји од светот од американскиот истражувачки Центар „Пју”, а главните причини за тоа се незадоволството од одлуките на претседателот Доналд Трамп во надворешната политика и реакцијата на САД на пандемијата на коронавирусот.

Истражувањето „Глобални ставови”, на Центарот Пју од 15 септември, покажува дека огромното мнозинство анкетирани граѓани во периодот од јуни до август имале неповолно мислење за САД и претседателот Трамп. Имено, само 26 проценти од Германците и 31 процент од Французите изразиле позитивно мислење за САД. Ова ниво може да се спореди само со негативното мислење за САД во соодветната анкета од март 2003 година, во екот на ирачката криза.

Во Велика Британија, 41 отсто од учесниците во истражувањето изразиле симпатии кон САД, што е најниско ниво во последните 20 години, откако Центарот „Пју” го спроведува истражувањето.

Во него, покрај Германија, Франција и Велика Британија, се вклучени Белгија, Италија, Холандија, Данска, Шведска и Шпанија. Во традиционалното истражување учествуваа и граѓани на Канада, Австралија, Јапонија и Јужна Кореја.

Кога станува збор за американскиот претседател Доналд Трамп, процентот на симпатизери е уште помал. Само еден од десет Германци велат дека му веруваат на Трамп. Во Франција, процентот е сличен, со 11 проценти. Највисоко ниво на доверба во Трамп во анкетата покажале Британците со 19 проценти.

Анкетата покажа дека испитаниците имале помала доверба во Трамп отколку во кинескиот претседател Си Џинпинг или рускиот лидер Владимир Путин.

И додека угледот на Трамп продолжува да опаѓа, европските лидери уживаат релативно високо ниво на доверба, според истражувањето на Центарот Пју.

Најголема доверба ужива германската канцеларка Ангела Меркел, за која просечно 76 проценти од граѓаните веруваат „дека ќе ја направи вистинската работа во меѓународните односи”.

На второ место е францускиот претседател Емануел Макрон, со просек од 64 проценти, иако тој ужива нешто помалку доверба во својата татковина – 52 проценти.

И покрај сериозните полемики околу Брегзит, 48 проценти од сите учесници во анкетата имаат доверба во одлуките во надворешна политика на британскиот премиер Борис Џонсон, наспроти 46 проценти кои не го делат тоа мислење.

Откако Трамп дојде во Белата куќа во 2016 година, симпатиите кон САД секоја година драстично опаѓаат во повеќето европски земји, за разлика од високото ниво на поддршка за време на администрацијата на Барак Обама. Сепак, бројките од оваа година покажуваат нагло опаѓање дури и во споредба со минатата година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот