Отфрлена и интерпелацијата за работата на Панче Тошковски

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во Собранието

Собранието вечерва со седум гласа „за“, 63 „против“ и без ниту еден воздржан ја отфрли интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поднесена од пратениците на ДУИ, односно Европскиот фронт.

Селективното дејствување врз етничка основа за случувањата на 28 ноември, негарантирањето еднаквост и безбедност за сите граѓани, неспособност за праведност и реторика која ја продлабочува етничката поделба, се само некои од причините за интерпелацијата против министерот Тошковски што ја поднесе коалицијата „Европски фронт“.

Како што рече вечерва пратеникот Елми Езири, образложувајќи ја интерпелацијата во Собранието, Тошковски не ги исполнува своите обврски и затоа треба да понесе одговорност.

Во дисусијата се вклучи и пратеникот Павле Арсоски од Движењето ЗНАМ, кој е и претседател на Комисијата за одбрана и безбедност, и рече дека е испровициран со некои констатации кои се наведени во интерпелацијата, како на пример дека е нарушена безбедноста и меѓуетничките односи, дека има селективен и едностран пристап на полицијата во инцидентите само кон Албанците, дека не било преземено ништо за запаленото албанско знаме…

– Интерпелацијата е полна со невистини, извртени констатации и спинови. Ова е обичен дефокус од борбата против криминалот и корупцијата која во моментов се случува во државата, рече Арсоски.

Според него, нема нарушени односи, а проблемот е ДУИ која по 20 години е надвор од власта.

Тој додаде дека интерпелацијата е комплетно неоснована и за Тошковски и за неговиот заменик-министер и дека полицијата ефикасно ја спроведува работата. Во тек е последната од четирите интерпелации поднесени од ДУИ, за работата на заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот