Отец Стефчо: Да не може да се оди на гробишта и во црква е изживување со народот

Верниците навалиле во црквите со леб пченица и вино, додека не чукнал полицискиот час! Откако владата забрани да се оди на гробиштата претстојниот викенд и откако воведе полициски час за цело Скопје од вечерва во 21 часот, до понеделник до 5 часот наутро, свештеници на МПЦ велат дека верниците денеска го искристиле слободното движење, додека не чукнал полицискиот час, да дојдат во црквите со лепче, пченица и вино, за да им бидат споменати покојните. Инаку Владата на седница донесе одлука од вечерва во 21 часот се до понеделник во 5 часот наутро да се забрани посетата на сите гробишта на територијата на целата држава, освен за погреби.

Отец Стефчо од Скопската епархија на МПЦ за ,,Слободен печат” вели дека одлуката да нема можност да се оди во црква и на гробишта е ,,изживување со народот кој досега ги почитувал препораките”.

-Буквално сме запрепастени од синоќешната одлука на владата. Слушнавте дека се воведува тридневен карантин. Значи, нема можност да се оди на гробишта па дури ни во црква. Ние свештениците ќе ги правиме светите литургии во црква во кои ќе бидат застапени молитвите за покојните. Не ја гледам превентивата во таквата одлука, затоа што еве ги гужвите уште од синоќа и денеска по пазарите и маркетите а таман народот почна културно и нормално да се однесува почитувајќи ги заштитните мерки. Сите сме свесни дека ова не е превентива туку иживување со поголемиот дел од народот кој ги почитуваше сите мерки до сега. Верниците почнаа денеска во црква да си носат леб и пченица за да им бидат споменати покојните, изјави за ,,Слободен печат” отец Стефчо од Скопската епархија на МПЦ.

Пред да се донесе одлуката за забрана на посета на гробиштата, од Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) апелираа верниците да одат на гробишта да бидат со маски и на дистанца, по што владата веднаш наложи да се затворат гробиштата комплетно освен за погреби.

Отец Горан Стојчевски од скопската епархија вели дека утринава во Соборниот храм имало верници што дошле за намена да им оддадат почит на покојните со лепче, пченица и вино и дека свештениците го обавиле ритуалот.

-Забрането е движење во полициски час, така што сите што би го прекршиле би биле казнети. Не ја гледам смислата некој да биде на гробишта викендов. Точно е дека имаше соопштение од МПЦ верниците на гробиштата да носат маски и да се на дистанца, но тоа беше дадено еден ден пред да се одлучи дека ќе има полициски час. Така што, ние не живееме надвор од државата, туку во државата. Мое лично мислење е, дека оние верници што сакаат, може да дојдат денеска во црква со лепче, пченица и вино и свештеник ќе ги пречека. Досега, од сабајле до сега, во Соборниот храм имавме барем петмина што дојдоа со таа намена, објасни отец Горан.

По зголемениот број новодијагностицирани случаи со Ковид-19 во земјава и за ефикасно спречување на ширењето на коронавирусот, Владата донесе одлука да се воведе целосна забрана на движењето на сите граѓани во Скопје, во сите сите скопски општини и во Куманово, Липково, Штип, Карбинци, Тетово, Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце. Забраната на движењето почна синоќа во 21 часот и ќе важи се до понеделник, до 5 часот наутро.

В петок, сабота, недела за градовите во кои нема комплетен полициски час, забраната започнува од 16 часот и трае до следниот ден до 5 часот наутро. Петок е прогласен за неработен ден за сите граѓани. Владата ја донесе оваа одлука согласно препораките на Комисијата за заразни болести. Аптеките ќе работат непречено, исто како и здравствените установи. Забраната не важи за полицијата, армијата, здравствените работници, за маркетите и рестораните што доставуваат производи до дома. Сите дозволи за движење во време на полициски час кои беа издадени на почетокот на пандемијата, важат и понатаму. Милениците може да се прошетаат од 8 до 8 и 30 часот наутро, од 15 до 15 и 30 часот на пладне и од 20 до 20 и 30 навечер. Забраната за движење не важи за лицата со попреченост и нивните придружници ако имаат дозволи.

Министерот за здравство Венко Филипче, рече дека групирањата, непочитувањето на мерките и неказнувањето се причина за раст на заболените и враќањето на полицискиот час.

Овој нов бран е директна последица на непочитување на јасно пропишаните мерки и задоцнетата или слаба активност за казнување од страна на МВР. Се надевам дека и на последните скептици ќе им стане јасно дека вирусот не е шега. Вирусот нема да замине и сите мора да прифатиме дека е закана за секој кој не ги почитува заштитните мерки. И после 100 одржани прес конференции и илјадници пати повторени апели и пораки, дел од граѓаните одбиваат да ја прифатат реалноста, дека одговорноста е на секој поединец, рече министерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот