Осврт кон претставата „Народен непријател“ во МНТ: Најсилен човек е тој што се бори сам

Премиерата на „Народен непријател“ се одржа на 9 мај на големата сцена во МНТ / Фотографија: Кире Галевски

Претставата „Народен непријател“ од норвешкиот автор Хенрик Ибзен, поставена во режија на Нина Николиќ, а во рамките на проектот „Патиштата на хероите“, во прв план ја става борбата за вистината и за правдата.

Громогласниот аплауз на премиера на претстава е, речиси, вообичаена појава. Тоа е аплауз што трае по неколку минути. Но, дали навистина претставата го погодила нервот на публиката, може да се дознае од уште една појава. Доколку публиката и по завршувањето на претставата долго време остане во театарот и сака да разговара со актерите што настапиле на сцената, тоа е знак дека навистина им се допаднала. Доколку публиката брзо-брзо го напушти театарот, тоа може да значи дека аплаузот бил долг, но меморијата за таа претстава ќе биде кратка.

Во случајот со премиерата на „Народен непријател“ во Македонскиот народен театар и аплаузот беше долг и публиката остана до доцна во ноќта во театарот. Причините за таквата реакција се повеќеслојни.

На прво место е изборот на текстот на Ибзен, кој иако е напишан пред 140 години, носи тематика што е актуелна и денес. Почетоците на либералниот капитализам и трката за правење профит наспроти грижата за здравјето на граѓаните од тогашното и сегашното општество се речиси исти. За ставањето на личните пред интересите на заедницата слушаме речиси секојдневно. Борбата за заштита на природата веќе станува азбука на современото живеење. Игнорантскиот однос на власта, клиентелизмот, „независните медиуми“, притисоците поединецот да се потчини на волјата на мнозинството се присутни и во драмата на Ибзен, но и во современото општество.

Тука се појавува вториот слој што оваа претстава ја прави атрактивна, а тоа е фантастичниот кастинг во кој се вклучени 11 актер(к)и и каде стожерниот лик на човекот што за вистината и правдата се бори против сите го игра Никола Ристановски. Самоуверено, со силна волја, упорност и посветеност на науката и на професијата, Ристановски фантастично го доловува ликот на докторот Томас Стокман, кој место да стане херој што сака да ја спаси заедницата од опасноста што се заканува станува „народен непријател“ поради личните интереси на мнозинството во заедницата.

Драмскиот конфликт почнува помеѓу двајца браќа, а се развива помеѓу заедницата и целото семејство на докторот Стокман, кој како поединец што инсистира да оди по патот на вистината и правдата станува опасен за интересите на заедницата.

Во реализацијата на претставата режисерката Николиќ вклучува и меѓународна уметничка екипа, која го дава својот професионален максимум во однос на целокупниот дизајн на претставата. Драматургот Тамара Барачков дава точен и прецизен правец на дејството, преводот на текстот од Маја Трајановска Ивановска е актуелен и современ, сценографијата на Вишња Вујовиќ не ја оптоварува сцената и дава можност за израз на актерите, костимите на Ивана Каранфиловска-Угуровска се модерни и елегантни, светлото на Крис Јегер на моменти создава атмосфера на напнатост, но дава и динамика на амбиентот, а музиката на Јоргос Дусос е употребена во вистинска мерка.

Околу стожерниот лик од сцена во сцена свој придонес во развојот на приказната даваат Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, младите Јана Вељановска и Мартин Ѓоргоски, малечката Ана Арсовска, како и искусните Петре Арсовски, Благој Веселинов, Нино Леви, Сашка Димитровска и Александар Михајловски.

Претставата вреди да се погледне, пред сѐ, заради надежта што ја дава дека има прогресивни поединци што сакаат да го повлечат општеството напред, иако заедницата им лепи етикети на „народни непријатели“. А, секогаш вреди да се има надеж за прогрес.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 128, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот