Освојувањето на власта поважно од преговорите со ЕУ

Фотo: Слободен печат/ Драган Митрески

Власта ќе се обиде на сите можни начини што ѝ стојат на располагање да го донесе, а опозициската партија да го спречи донесувањето на законот за Јавно обвинителство, што е еден од условите, иако не нужен, за добивање зелено светло за отворање преговори со ЕУ пред изборите во април.

Ќе има ли трета среќа за законот за Јавно обвинителство или и третиот предлог-закон ќе пропадне како претходните два, ќе мора да се знае до крајот на неделава, бидејќи од следната треба да почнат собраниските процедури за да има време да се завршат до 11 февруари, денот пред распуштањето на Собранието да се изгласа законот со двотретинско мнозинство.

Откако пропадна предлогот на лидерот на СДСМ Зоран Заев деновиве да се организира лидерска средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Заев вчера најави дека за потребните гласови ќе разговара со независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и ако е потребно законот ќе го изгласаат без најголемата опозициска партија.

Според тврдите ставови на ВМРО-ДПМНЕ, ниту третата варијанта нема да биде изгласана, затоа што на неа гледаат како на „уште еден обид на Заев да купува политички поени пред изборите и уште еден обид да донесе закон со кој ќе ги гони политичките неистомисленици“.

Сепак, дали ќе омекнат ставовите на опозицијата и дали власта дополнително ќе отстапи, ќе се знае денеска по средбата на Бојан Маричиќ од СДСМ и Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ, кои на експертско ниво ќе дебатираат за забелешките од третиот предлог. Според Министерството за правда, кое е предлагач на законот, во собраниска процедура сè уште е втората верзија на која опозицијата поднесе амандмани и таа ќе биде повлечена кога ќе бидат обезбедени 80 гласа за усвојување на новиот закон.

Заев: Ќе обезбедам мнозинство

По изјавата на Мицкоски викендов во Охрид, дека не сака лидерски средби „ради реда“, лидерот на СДСМ Заев вчера информираше дека ќе разговара со сите пратенички групи за да обезбеди двотретинско мнозинство. Ако ВМРО-ДПМНЕ опстои на ставот дека го одбива законот, мнозинството ќе го гради со независната пратеничка група.

– Кога ќе ја слушнете изјавата на Мицкоски, не знаете дали да викате лидерска средба или не. Човекот нит се води нит се гони. Јас сум спремен на сè, се сметам себеси за лидер и за одговорен, а човек што не сака да најде решение, на ваков начин бира зборови за да одврати каква било желба за разговори. Да, јас ќе се обидам прво со осумте пратеници за двотретинското мнозинство, затоа што тие чувствуваат одговорност и гласаа за интеграција во НАТО и ЕУ. Станува збор за структурен системски закон што ќе се носи во време и амбиент кога предметите на СЈО се осигурани и тие се во судски процес под надлежност и контрола на републичкиот јавен обвинител. Тоа создава обврска на сите да го најдеме најдоброто решение, секако согласно со укажувањата на Венецијанската комисија и на Европската комисија – рече Заев и додаде дека донесениот закон ќе биде силна алатка на еврокомесарот за проширување пред донесувањето на одлуката за датум за почеток на преговорите.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски веднаш одговори дека ниту оваа варијанта на законот нема да ја гласаат.

– Постојано предлагаат реформски закони, но нема ништо од реформите. Ајде да донесеме вистински европски закон, а не пред избори Заев да купува политички поени. Ваков закон нема да биде донесен, а нашите пратеници во Собранието ќе останат на политиката што ја водиме. Треба реформи и дебата и ќе разговараме со СДСМ, но нема да дозволиме да се донесе закон со кој Заев повторно ќе уценува и ќе гони политички противници – рече Мисајловски и остави простор денеска партиските претставници да разговараат за забелешките.

Мицкоски: Уште ни е замрзнат имотот

Донесувањето на законот за ЈО беше централна тема во годината зад нас, но досега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не ги усогласија ставовите. СДСМ за целото време тврди дека носи реформски закон со кој ќе ја заокружи реформата во правосудството и кој, иако не е услов, е важен за добивање датум за преговорите со ЕУ. Министерката за правда Рената Дескоска во одбивањето на опозицијата гледа обид „да се заштитат криминалците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ“, а опозицијата, пак, во предлозите на Дескоска препознава скриени намери за „политичко гонење“.
Според Заев, станува збор за комплексен структурен закон со кој ќе се заокружи правосудната реформа, по носењето на законите за судовите, за Судскиот совет и за Советот на јавни обвинители.

– Сега сме растоварени затоа што предметите од СЈО се обезбедени и можеме во парламентот да договориме структурно, суштинско решение за Јавното обвинителство, што би било поддржано од сите. Навистина верувам дека ќе имаме двотретинско мнозинство заради обврската и одговорноста што ја имаме пред народот и државата – рече Заев.

Според Мицкоски, пак, предложената варијанта треба да ги штити криминалните структури на СДСМ што по 12 април ќе заминеле во опозиција. Тој во изјавата во Охрид го истакна најголемиот проблем во партијата – замрзнатиот партиски имот.

– За нас најголем проблем е што веќе втора година по ред на нелегален начин е замрзнат имотот на партијата на 85 дена пред предвремените парламентарни избори. И покрај целокупната злоупотреба со државните средства, буџетот, вештачките вработувања, ВМРО-ДПМНЕ уште влегува во овие избори со замрзнат имот – рече Мицкоски.

„Бомбите“ ќе ги чува ЈО, ќе се уништат по три години

„Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ќе ги преземе надлежностите на СЈО, а обвинителите на СЈО што ги застапувале предметите, ќе продолжат да ги водат. Во рок од 30 дена од гласањето на законот, ќе се прошири бројот на обвинители во ЈОГОКК и ќе биде распишан оглас на кој ќе може да конкурираат сите обвинители што ги исполнуваат условите. Материјалите од незаконското прислушување кои не се предадени како докази во судовите, ќе се чуваат во Јавното обвинителство. По истекот на три години од правосилното завршување на постапките, материјалите ќе бидат уништени во согласност со закон. Очекуваме опозицијата да ги земе предвид интересите на граѓаните, а не нечии лични интереси“, се вели во соопштението од Министерството за правда.

Оттаму објаснуваат дека суштината на сите три предлози е имплементација на меѓународни стандарди за ефикасна борба против криминал и корупција и создавање правни основи за продолжување на сите започнати постапки пред Јавното обвинителство, вклучувајќи ги и постапките пред СЈО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот