Осудени на преговори

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Нема сомнение дека на долг рок нашата кауза ќе превладее, а бугарската е осудена на неуспех, но прашање е колку сме спремни на такви долги рокови. Токму затоа, мора да се преговара „до последен здив“, дури и тогаш кога е јасно дека просторот за преговори е многу мал или воопшто го нема.

Добро е што Македонија го испраќа својот специјален пратеник, експремиерот Владо Бучковски, на средби во Софија, иако на секој малку поупатен му е јасно дека изгледите за успех на неговата мисија опасно се блиску до „апсолутна нула“. Она што македонската страна реално може да го прифати се мери во промили во однос на она што Бугарија го постави како „стартна позиција“, во манифестот на БАН, во нивниот „прирачник“ за европските партнери. Уверен сум истото тоа до последна буква е содржано и во т.н. анекс, протокол, нон-пејпер или како и да се нарече, за кој зборува Каракачанов, а Мицковски бара да се објави. (И токму затоа Заев може слободно да го објави, зашто неговите 12 точки се веќе стопати објавени во овие спомнати документи).

Од она што го знаеме, да не го повторува, тука нема никаков простор за „напредок“. Но, преговарањето, е добро за да му се демонстрира на цивилизираниот свет дека македонската влада има волја цивилизирано да го реши „спорот“, во кој едвај има „ц“ од цивилизираност.

Колку и да се изгледите мали, сепак, оваа дипломатска активност ѝ ја овозможува на Македонија поддршката од европските и од меѓународните фактори, ја претставува како „кооперативна страна“. Тоа, пак, им дава на странските дипломати орудие да извршат притисок врз Софија да се откаже од своите бизарни политики и да ги одблокира преговорите на Македонија со ЕУ. Некој ќе рече, какво фајде, но не е така. Тивката вода брег рони.

Се разбира, Бугарија сега се гордее со тоа дека „не попушта под притисок“, но тоа е само националистичко јуначење и потценување на ситуацијата. Ние, од ексјугословенските простори сме го виделе тоа многупати, но за нив е ново искуство. Никој не може долго да плива наспроти глобалната матица, ниту во поглед на она што е прифатено како пристојно политичко однесување, ниту во поглед на универзално прифатеното толкување на некои историските настани. Ако не сакаат да ги прашаат Србите како поминаа тие со фамозниот меморандум на САНУ, може да го прашаат Никола Груевски како се „усреќи“ со неговата антиквизација. Така ќе помине и нивниот „ракурс“ во кој тие во Втората светска војна биле само „администратори“ на Хитлерова Германија, а „ослободители“ на Македонија, дека Тито бил злосторник и диктатор, како Сталин и Мао, а Тодор Живков олицетворение на демократ. Не ја бива таа работа, зашто некои историски позиции и улоги се бетонирани во светската свест и бугарското „солирање“ нема да ги измени.

Нема сомнение дека на долг рок нашата кауза ќе превладее, а бугарската е осудена на неуспех, но прашање е колку сме спремни на такви долги рокови. Постои опасност на Бугарија сето ова да ѝ е многу јасно, но свесно да игра на картата на исцрпување на Македонија, во надеж дека недефинираната европска иднина ќе ги зголеми внатрешните тензии, заедно со сиромаштијата, и ќе ја доведе државата до колапс, а македонскиот идентитет во „криза“.

Шансите за успех на оваа малициозна и нималку „добрососедска“ стратегија не треба да се тестираат во практика, иако Македонија како земја, и македонскиот национален идентитет, се покажаа многу пожилави и повтемелени од она што го очекуваа и нејзините најпесимистични недобронамерници. Токму затоа, мора да се преговара „до последен здив“, дури и тогаш кога е јасно дека просторот за преговори е многу мал или воопшто го нема, а од друга страна мора постојано да се нагласува дека решение е неопходно што побргу, такаречи уште вчера.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот