ОСУДЕН ПРВИОТ СЕРИСКИ УБИЕЦ ВО КИПАР: Не можам да го избришам направеното
Денеска судот во Кипар донесе пресуда против Никос Метаксас, кој е осуден на на седум доживотни казни за киднапирање и убиство на седум жени и девојчиња од странски земји.
Метаксас се изјасни за виновен на денешното изрекување на казната, пренесе АП.
Поранешниот воен капетан изјави дека нема јасен одговор на прашањето зошто ги извршил убиствата и дека се мачел себе си да си одговори на прашањата „како и зошто“.
Додаде дека соработката со полицијата е најмалку што можел да направи за да ја намали болката на семејствата на жртвите.
Метаксас уби четири Филипинки, меѓу кои и малолетно девојче, како и жена од Непал, а потоа и Романка со нејзината ќерка.
– Не можам да се вратам назад во времето и да го избришам направеното – изјави Метаксас во судот.
Од судијата побара да биде интервјуиран од експерти кои би можеле да утврдат што всушност се случувало во неговата глава и кои се причините за злосторствата што ги извршил.