„Остен арт Скопје“ е дел од интернационална групна изложба во Венеција

Групна фотографија на учесници и организатори на изложбата

Во палатата Албрици-Капело во Венеција од 20 мај до 24 јуни е поставена групна изложба со наслов „Уметноста го обединува светот“ на интернационални уметници, како паралелен настан на Биеналето на архитектура во Венеција.

Уметноста има моќ да ги надмине јазичните и културните бариери. За разлика од јазикот, кој може да биде извор на поделби и недоразбирања, уметноста е универзален јазик што може да го разберат и да го разменат луѓето од сите сфери на животот.

Со таа идеја во палатата Албрици-Капело во Венеција е поставена групната изложба со наслов „Уметноста го обединува светот“. На изложбата учествуваат уметниците Клара Афонсо (Португалија), Патриција Казагранда (Германија), Арлета Чехиќ (Босна и Херцеговина), Јулија Дјаченко (Русија), Хелга Елбен (Германија), Кенрио Хара (Јапонија), Марко Кусмук (Србија), Владимир Мартинов (Русија), Ана Монтанаро (Италија), Марија Павловска (С Македонија / САД), Дима Сухов (Русија), Улан (Русија), а гостин на изложбата е Мицко Мице Јункуловски (С Македонија).

Отворањето на изложбата беше проследено со музичка програма

Организатори на изложбата се Германско-италијанското друштво – ACIT (Associazione Culturale Italo – Tedesca) во Венеција по идеја на Маријана Гнездилова од Русија и во соработка со „Okxsa Projects“ (Оксана Жудина Бого, претседател и основач), „Остен арт Скопје“ (Корнелија Конеска, директор) и „Снег галерија“ Москва (Александар Филипов, директор).

– Сликите изложени во прекрасната Палацо Албрици-Капело, сместена во срцето на меѓународната уметност – Венеција, прикажуваат дела кои претставуваат широк спектар на стилови и традиции, од апстракција до фигурација, од традиционална уметност до поп-арт. И покрај нивната различност, сите овие дела имаат заедничка нишка: тие комуницираат со универзален јазик кој зборува за човечката состојба, без разлика од каде доаѓаме или во што веруваме. Секоја слика на оваа изложба покажува како уметноста може да биде катализатор за поврзување, комуникација и разбирање. Преку универзалниот јазик на боја, форма и емоции, овие дела нè повикуваат да го видиме светот низ нови очи и да ја цениме убавината и сложеноста на светот што го споделуваме. Во свет што често се чувствува поделен на толку многу нивоа, изложбата „Уметноста го обединува светот“ нè потсетува на моќта на уметноста, и покрај се, да нè зближи и да создаде чувство на заедништво.

Изложбениот простор на палатата Албрици-Капело во Венеција

Се надеваме дека посетителите ќе ја напуштат оваа изложба инспирирани, издигнати и поврзани со глобалната заедница на љубители на уметноста кои ја споделуваат нашата страст за креативност и убавина. Зашто, најпосле, преку обединувањето, уметноста ќе го спаси светот! – истакнува Корнелија Конеска, куратор и директор на „Остен арт Скопје“.

Изложбата се реализира под покровителство на Генералниот конзулат на Сојузна Република Германија, Милано, во соработка со АГИМУС Венеција, а особен придонес во реализацијата на проектот има Гете институт Италија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 181, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-4.6.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот