Оставка под притисок

Можеби дел од јавноста ликува на оставката и оправдани се критиките за ниската доверба во правосудството, но Дамева остана единствена која јавно проговори и се спротивстави на притисоците и на минатата, но и за упадот во судството што го прави новата власт.

Многу малку реакции од правосудната фела предизвика оставката на Весна Дамева од претседателската функција на Судскиот совет. И оние што редовно ја коментираа работата на ова тело, решија да молчат со образложение дека имаат многу малку информации и за оставката, но и за робусната акција на премиерот што ја најавуваше со денови, а требаше да почне од понеделникот.

Мицкоски вети дека власта нема да функционира како естрада пред камери и медиуми, да носи специјални полициски единици и да понижува луѓе. И навистина, немаше специјални единици, премиерот не се појави пред камери, но пред нив се појави Дамева.

И јасно и гласно кажа дека дава оставка под притисок на власта, која не престана да ја оцрнува откако Мицкоски седна на премиерската фотелја. Прво почна со закани за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, за оваа реторика да се претвори во директно и индиректно оцрнување на судиите и обвинителите кои не му се по мерка.

Дамева ја обвини за фалсификувани записници, за неспособност, за нестручност, а пратеникот Антонијо Милошоски дури и се закани со кривична одговорност. Во меѓувреме континуирано се објавуваа текстови за бизнисите на нејзиниот сопруг, а во своето обраќање Дамева ја спомена дури и безбедноста на нејзиното семејство.

– После сѐ, особено по оние директни закани од пратеник во Собранието, нема да ме изненади дека тука ќе се запре и убедена сум дека нема да имам мир. Тоа ќе го издржам, но нема да можам да издржам ако се посегне по безбедноста и сигурноста на моето семејство, мојата ќерка и мојот сопруг – рече Дамева.

Кога Дамева дојде на чело на Судскиот совет, се спореше тоа што никогаш не била судија, туку стручен соработник, се споменуваше нејзината фотографија со Зоран Заев, но поддршката од јавноста ја доби кога беше незаконски разрешена од мнозинството членови на Советот предводени од Селим Адеми, кој се поврзуваше со ДУИ.

Дамева ги издржа притисоците и со одлука на Управниот суд, но и со поддршка на меѓународната заедница се врати на претседателското столче. Сега, по нејзината оставка, ги нема изјавите на загриженост од амбасадите за притисоците на извршната врз судско-обвинителската власт.

Иако, можеби дел од јавноста ликува на оставката и оправдани се критиките за ниската доверба во правосудството, сепак Дамева остана единствена што јавно проговори и се спротивстави на притисоците и на минатата, но и за упадот во судството што го прави новата власт.

Но, нејзината оставка нема да го спаси судството, ниту ќе ја врати довербата. Особено, не по опасните најави на премиерот дека во советите треба да седнат „нивни“ луѓе, од тефтерчето на оваа партија.

За разлика од Дамева, Коцевски и обвинителите против кои немаше ангажирано полиција, но беа јавно понижени со дијагнози за дијареја, главоболки, температура, анксиозност и добиено, решија да молчат. Коцевски рече дека ќе работи чесно и посветено и дека власта може да го разреши ако има основи за тоа.

За власта тој е виновен затоа што не се гони за „епскиот“ криминал што го најавија. Токму овие обвинители за премиерот се продолжена рака на минатата власт и навистина, граѓаните не се воодушевени од нивните резултати, но ќе бидат уште поразочарани ако на нивно место, наместо послушници на минатата, дојдат послушници на оваа власт. Сега неизвесно е дали Коцевски ќе ги издржи јавните шиканирања и омаловажувања на власта, или робусната акција ќе заврши со оставки на зацртаните мети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот