Остануваме во надеж

александар шољаковски
Александар Шољаковски, Фото: Архива

Заев со оставката покажа значајна политичка и правна култура. Ја призна одговорноста. Дали таквата постапка ќе наметне поголема селективност во лансирањето политички кадри? Дали новата констелација ќе наметне и вистинска конкуренција на проекти и визии?

Има две корисни придобивки од последниве локални избори. Едната е дека е можно (конечно!?) да има регуларни избори без поголеми проблеми, иако далеку од фер поради одвратните, простачки, денунцијантски кампањи. Втората е дека со оставката на Заев се поставува ново ниво на одговорноста.

Кај нас како сè уште да не е сосема разбрано (но, на повидок е можеби некое просветление) дека во политиката има неколку нивоа на одговорност. Првата е одговорноста за она што е направено, но не излегло како што треба или било погрешно. Второто ниво е одговорноста за она што требало да се направи, но не се успеало да биде направено и тоа предизвикало последици. Третото, и најпроблематичното, ниво е одговорноста за она што некој друг го направил (или не го направил), а спаѓа во доменот на надлежностите и одговорностите на одреден политичар.

Текст со овие тези напишав  во „Нова Македонија“ во 1995 година, а во врска со неприфаќањето од страна на Црвенковски на оставката на Фрчкоски за атентатот врз Глигоров. Таму зборував дека неприфаќањето на оставката ќе биде лошо и за партијата, и за самиот Фрчкоски и за нивните внатрешнопартиски односи. Тоа и се случи. Се чини дека тоа проклетство(?!) го следи Фрчкоски до ден-денес. Моето настојување на одговорност ме чинеше работно место.

Ако има нешто корисно во овие актуелни случувања, тоа ќе биде поинаквиот начин на гледање на одговорноста на политичките лидери. Станува очебијно дека истекува времето на давање бланко-доверба за политичките водачи. Нема веќе на чесен збор, довербата треба да се спечали. А тоа значи, еве, на примерот на локалната самоуправа, дека веќе не може да се поминува со убави планови, со нацртани велосипедски патеки, со менување на горниот слој на асфалтот амбициозно наречено „реконструкција“, паркчиња кои тоа ќе станат по 15 или 20 години кога ќе израснат дрвјата), чистење улици со метли… Дали народот станал поселективен, па мери колку власта во суштина го менува и го подобрува нивниот живот, колку време губи поради бавноста на сообраќајот, колку чека пред шалтери, колку им треба за да најдат паркинг-место.

Зарем мислеше Шилегов дека повторно ќе биде избран со неговите нереални, пишман проекти: тунел под Кале, брзи автобуси, замислени паркови, канализација наречена „желба“, повторени планови за монструм зданија што ќе нè дозадушат во содејство со сè позагадениот воздух. Истите тие од кои очекуваше поддршка секојдневно газат по скапите, бргу испокршени плочници (а такви се зашто се лошо направени, а така е поради коруптивните договори со претприемачите на кои им се прогледува низ прсти), се провираат меѓу недовршените зданија од налудничавиот проект „Скопје 2014“, за кој и покрај ветувањата од неговата партија (и од Заев) не се најде решение. Не се направи ни каков-таков обид, всушност. И, генерално гледано, ниеден суштински проект со трајно значење не се заврши во овие пет години. Не се завршија ни проектите што претходната власт ги почна. И најважното – народот не живее подобро, но тоа е веќе тема за друг напис. Илузијата дека луѓето не бележат и не паметат е само утеха за политичарите чија преокупација се личната корист и коруптивните дејства. Не знам дали народот им верува на овие кои доаѓаат? Можеби, но овој пат тоа, се надевам, нема да биде „на поверење“.

Скопје немал среќа со своите први луѓе. Така е најчесто и во другите градови. Се паметат само оние што оставиле некое вредно наследство. Во Скопје тоа биле досега ненадминатиот Јосиф Михајловиќ меѓу двете војни, Благој Попов (по земјотресот) и Драгољуб Ставрев после него. Сите други ќе останат недостојни за паметење, поради отсуството на трајни белези и дела.

Заев со оставката покажа значајна политичка и правна култура.(Се разбира, ако опстои на неа.) Ја призна одговорноста. Дали таквата постапка ќе успее да наметне поголема селективност во регрутирањето и во лансирањето политички кадри во иднина? Дали новата констелација ќе наметне и вистинска конкуренција на проекти и визии, а не само тоа кој колку градинки ќе направи?

Остануваме во надеж.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот