Останува нејасно што се договорија Меркел и Макрон за датумот за преговори на Македонија

 Францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел вечерва во Париз имаа работна вечера, на која според најавите меѓудругото требаше да разговараат и за отворањето преговорите на Европската Унија со Северна Македонија, откако германскиот Бундестаг даде зелено светло за тоа.

Работната вечера на претседателот Емануел Макрон и канцеларката Ангела Меркел е пред се посветена на подготовката на идниот заеднички состанок на француската и германската во Тулуз во предвечерието на европскиот самит во Брисел. На менито многу отворени прашања: Брегзит, назначувањето на европската комисија и турската воена интервенција во Сирија, јавува дописникот на МИА.

Двајцата лидери непосредно пред вечерата се осврнаа на офанзивата на Турција против курдските сили во Сирија, која, како што рече Макрон пред Меркел вечерва во Селисејката палата „најверојатно ќе создаде неодржлива хуманитарна ситуација и ќе и помогне на групата Исламска држава повторно да се појави во регионот”. 

-Наша заедничка желба е оваа офанзива да престане. Ние сме уверени дека оваа офанзива го носи ризикот од една страна, на терен да се создаде неодржлива хуманитарна ситуација и од друга страна да и помогне на Даеш (Исламската држава) повторно да се појави во регионот, рече Емануел Макрон, кој од 22 часот вечерва заседва со Советот за одбрана.

-Зборував со претседателот Ердоган еден час, мора да ги земеме предвид интересите и безбедноста на Турција. Но, исто така сметаме дека мора да ставиме крај на оваа турска инвазија, затоа што има хуманитарни причини и не можеме да ја прифатиме оваа ситуација против Курдите , додаде Ангела Меркел.

Макрон нагласи дека соочени со оваа ситуација ќе останат координирани. Тој ги ги повика Европејците да се обединат во „овој тежок и понекогаш вознемирувачки европски и меѓународен момент”.

За тоа дали вечерва се разговараше и за датумот за преговори за Северна Македонија не успеавме да дознаеме. Според дипломатските извори од Брисел, Франција е единствената која смета дека „Северна Македонија не ги исполнува потребните услови” за почеток на преговорите. Ставот на Емануел Макрон е изолиран, бидејќи пред осум дена четворицата први луѓе на европските институции повикаа во заедничко писмо за започнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија. Ова одбивање предизвикува незадоволство кај европските дипломати, кои го обвинија Париз дека ја загрозува стабилноста на Балканот, за чија стабилност Париз официјално се залага. Ова уште повеќе што на два пати ЕУ одлучи да го одложи започнувањето на преговорите.

Официјален Париз и покрај нашето писмено и телефонско барање да реагира на пишувањето на светските новински агенции за блокирањето на почетокот на преговорите со нашата земја, се досега не одговори на нашите прашања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот