Останува да важи мерката за родителите кои што имаат деца до 10-годишна возраст

Фото: МИА

Остануваат во сила мерките со кои се ослободуваат од работните обврски родителите кои што имаат деца до 10-годишна возраст или активно четврто одделение, хронично болните лица и бремените жени, самохраните родители, родителите на деца со попреченост, соопшти Владиниот прес-центар.

Владата денеска заклучи дека по престанувањето на вонредната состојба, остануваат во сила мерките со кои се ослободуваат од работните обврски родителите кои што имаат деца до 10-годишна возраст или активно четврто одделение, хронично болните лица и бремените жени, самохраните родители, родителите на деца со попреченост кои што ја користат услугата дневен центар, како и лицата кои што на работа одат со придружба-потполно слепи лица, лица кои се движат со инвалидска количка и лица со умерена и тешка интелектуална попреченост, со можност, доколку е тоа остварливо да ги извршуваат работните задачи од дома, како и сите мерки и протоколи опфатени во Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирусот КОВИД-19, соопшти Владиниот прес-центар.

Владата на Република Северна Македонија на денешната 65-та седница донесе Одлука за измена и дополнување на Протоколот за редовна работа на моловите, со кои работното време на овие објекти се определува во периодот од 10:00 до 22:00 часот, со исклучок на недела кој останува неработен ден.

На денешната седница е усвоен Протокол за работа на автокамповите со цел спречување на ширење на КОВИД-19, како и Протокол за постапување за време на квалификационото тестирање на учениците кои имаат интерес за запишување во средните училишта во паралелките во кои се изучува германски јазик со шест часа неделен фонд, во паралелките во кои се реализира билингвална настава и во паралелката во која се реализира програмата за Меѓународна матура во Средното училиште на Град Скопје Гимназија „Јосип Броз Тито”, во учебната 2020/2021 година.

На оваа седница е усвоен и Протокол за државна матура, кој е наменет за учениците што во претходните учебни години положиле испити од училишна матура или завршен испит со четиригодишно траење и се пријавиле за полагање на испитите за државна матура во учебната 2019/2020 година.

На предлог на Агенцијата за млади и спорт, на седницата е донесена Уредба со законска сила за финансиска поддршка на здруженијата и фондациите за мерка за справување со КОВИД-19 кризата, насочени кон младите за време на траење на вонредна состојба, со која се уредуваат критериумите и постапката за финансиска поддршка за проекти за млади на оваа тема со исплата на грантови во износ од 300.000 денари.

На денешната седница се донесени измени и дополнувања на Уредбата со законска сила за примена на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица за време на вонредна состојба, со што се создаде можност физичките лица кои дале согласност за донирање на вратениот ДДВ во првиот квартал од 2020 година да го променат одговорот најдоцна до 30 јуни 2020 година и да се стекнат со право на враќање на ДДВ на нивните трансакциски сметки најдоцна до 30 јули 2020 година.

Оваа уредба е дополнета со одредба и заради поттикнување на прометот на домашни производи и услуги со што враќањето на ДДВ за промет на домашни производи и услуги се зголемува од 15% на 20%, а за останатиот промет враќањето на данокот се утврдува на 10% од пресметаниот ДДВ искажан во фискалната сметка.

Измена и дополнување денеска е прифатена и за Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза предизвикана од Коронавирусот КОВИД-19 за време на вонредна состојба, со што рокот за користење на финансиската поддршка на овие лица се проширува и за месец јуни.

Владата денеска ја дополни и Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на граѓани и вработени лица со низок доход, млади лица и здравствени работници преку издавање на домашна платежна картичка наменета за купување на македонски производи и услуги за време на вонредна состојба, и сега таа ги опфаќа и студентите од третиот степен во високото образование, односно и студентите што се на постдипломски студии на возраст до 29 години.

На оваа седница Владата ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба, со што се уредува воведувањето на коронавирусот КОВИД-19 во групата на заразни болести за кои Законот воспоставува обврска за пријавување од страна на лекарите и здравствените установи како причина за заболување или смрт.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот