Останете здрави и живи, после ќе му ја мислиме за изборите!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Вчерашната прес-конференција на Владата, со која се објави подигнувањето на нивото на рестрикциите во движењето на територијата на целата земја, и реакциите по неа, ме потсетија на една прочуена изјава на Роналд Реган, 40-тиот американски претседател, иконата на тврдиот американски конзервативизам. Имено, во 1986 година, критикувајќи ги обидите за мешање на власта во слободата на пазарната економија, на една своја прес-конференција Реган ги дефинираше „деветте најстрашни зборови во англискиот јазик“: “I’m from the government, and I’m here to help” („Јас сум од владата и тука сум за да помогнам“).

Контекстот е поинаков, но кај еден дел од македонската јавност односот кон власта кога таа најавува дека е „тука за да ни помогне“ се доживува токму како некое заканувачко мешање во нашите права и слободи, дури и кога се работи за заштита на масовното здравје.

Мешани се причините за негативните реакции на најавените мерки: некои (особено помладите) мислат дека, општо земено, се „посилни од судбината“ и дека целава приказна со светскава смртоносна пандемија се однесува на сите, само не на нив; други велат дека власта е неефикасна во фаќањето и казнувањето на оние кои ги кршат поблагите правила, па заради таа нејзина неспособност сега треба „сите да се казнат“, иако за таква драстични мерки немало потреба; трети, пак, ги интересира и другото, а не само здравственото преживување: „Ќе испоцркаме за леб“ е сентенцата со која бараат да се прифати ризикот од поширока зараза, макар по цена на неколку стотици (или илјадници?) мртви од таа зараза, наспроти ризикот од економска пропаст…

Има и такви, блажени езекилијанци, кои повеќе веруваат во Господ, отколку во здравствените експерти, одамна протерани од Градината на Еден (во народот попозната и под техничкиот термин: Рај) токму заради тоа што докторите имаат гризнато од „јаболкото“ на медицинското знаење и мудрост. Нема ни корона ни владини мерки што ваквите можат да ги спречат за Велигден да стапнат чекор поблизу до средбата со Севишниот!

Најподмолните се, сепак, оние со политичка агенда, кои не престануваат да произведуваат секојдневни лаги и манипулации, иако будното око на јавноста ги „лови“ уште во моментот кога ги изговараат. Вчера, на пример, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски запенавено тврдеше дека сме „држава со најголем процент заболен медицински персонал од корона“, иако не е тешко да се провери, ако се сака, дека, напротив, во таа неславна статистика Македонија, сè уште, процентуално спаѓа во „просекот“ од државите со заболен медицински персонал. Кога вака безочно лажат и шират паника портпароли и нивните партиски претседатели, што ли остана за обичното партиско членство распослано по социјалните мрежи?!

Во целата „бонанца“ на реакции и контра-реакции, забележлива е една, речиси, константа: оние кои се, по функција, надлежни за зачувување на здравјето на нацијата (здравствените власти на чело со најодговорните епидемиолози, министрите, градоначалниците, па и голем дел од медиумите) бараат строги и построги мерки; наспроти слободоумните здравствени аматери, помешани со оние со други проблематични агенди, кои се сомневаат дека власта ја практикува Регановата лажна парадигма дека е „тука за да ви помогне“. Дури, повеќе претставници (и добронамерни) на вториве не се воздржуваат да им порачаат на првите дека, кога ќе дојдат следните избори, гласачки ќе им се „одмаздат“ за ова еднонеделно заострено ограничување на демократските идеали за слободно движење, собирање и економско приходување.

Ајде вака: да останеме сите здрави и живи, макар и незадоволни или уплашени, а секако осиромашени, па после да му ја мислиме за изборното гласање? Оти, сè некако ми се чини дека и наредните избори ќе ги одлучи огромниот број на оние кои сега молчат, а на кои здравјето им е првата и најважна грижа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот