Осовременување на македонската дипломатија

Нано Ружин / Фото: Слободен печат

Заврши епохата на „салонската дипломатија“. Дипломатите мораат да комуницираат со разните институции, НВО-а, обични луѓе, уметници, интелектуалци, деловни луѓе од кои може да профитира државата.

Деновиве одлуката на Министерот за надворешни работи Бујар Османи да го конституира неформалното тело „Стратегиски совет за надворешна политика“, создаде вистинска бура на незадоволство поради составот на листата. Новинарската фела и провладиното јавно мислење   беа иритирани од поканата кон поранешниот министер, Срѓан Керим и поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Валентина Божиновска. Овие реакции малку ја замаглија идејата на министерот Османи, иако за првпат во историјата на МНР беше конституирана таков вид институција со советодавна и беневолна природа. Со овој чин Османи само направи чекор кон натамошно демократизирање на дипломатијата за која често се „лепат“ метафорите за нејзината „инклузивност и самодоволност“, за „тајни информации“, „затскриени средби“, „сомнителни дипломатски проекти“.

Независно од критикуваните решенија, чинот на создавање на Стратегискиот совет со својата важност го надминува сарказмот на кадровското ехо. Она што е многу позначајно е со каков „штоф“ за обработка ќе располага Стратегискиот совет за надворешна политика. Притоа, треба да се прави разлика помеѓу надворешната политика која претставува кохерентна стратегија, составена од долгорочните вредносни цели и амбиции на државата од една, и дипломатијата која ги содржи алатките, методите и кадровскиот потенцијал за реализација на надворешната политика од друга страна. Со кој интензитет и со каков вид теми ќе се ангажираат советниците? Дали ќе бидат повеќе декор или навистина ќе ги извадат своите искуствени и дипломатски прангии и ќе придонесат во неопходните анализи, а можеби и реформи за натамошно осовременување на македонската дипломатија.

Економската дипломатија неоправдано запоставена

На пример, темата за економската дипломатија, која неоправдано беше запоставена со оглед дека сите потенцијали беа насочени кон споровите со соседите и европските и евроатланските интеграции, се наметнува како приоритетна обврска. Соочена со окултната бугарска ревандикација, се прашуваме дали Владата има политичка волја и капацитет да ја впрегне дипломатската алатка во служба на македонското стопанство. Независно што македонската дипломатска мрежа е мала и соодветствува на големината на државата и населението, таа може да игра значајна улога во доменот на развитокот на стопанството. Идејата сигурно не е нова, но таа поседува име – економска дипломатија. Потребни ѝ се и ефикасни алатки, а тоа се „добрите односи, преговарањето, влијание со форми на лобирање, како и испраќање на специјални претставници, или попопуларно – економски промотори во клучните држави.

Дали Северна Македонија е способна да ги стави под „промоторска тензија“ сегашните  дипломати? Дали треба да се ангажираат други експерти во служба на економскиот развој? Тоа би била една Коперникова револуција, која можеби ќе дигне малку врева, што е наш домашен спорт, но постепено ќе воведе една нова култура и нови модалитети на дејствување на дипломатијата. Сигурно е дека и претходно постоеле одредени размислувања и рефлексии за економската дипломатија, но ако биле присутни тие не биле доминантни во АДН-от на нашите дипломати. Затоа Владата на ВМРО-ДПМНЕ се обиде со економските промотори да ја пополни празнината, но успехот беше половичен. За успехот на оваа операција потребни се дипломати кои имаат одредени искуства во деловниот сектор и трговијата, со цел да се зафатат со влоговите   на економската дипломатија. Воедно, вратите на Министерството за надворешни работи и на дипломатско конзуларните претставништва (ДКП) мора да бидат ширум отворени за деловните луѓе, компаниите, стартап фирмите, туристичките работници, инвеститорите.

Во фасадирање на меѓунариодниот имиџ на државата огромен придонес дава дипломатскиот   апарат со мрежата на ДКП во светот. Во целиот период од стекнувањето на независноста, дипломатијата беше потценувана, а Владата постојано ги ограничуваше финансиските извори   на МНР што резултира со редуциран дипломатски потенцијал. А кога би го парафразирале Ото Фон Бизмарк, „дипломатија без пари е како музика без инструменти“. Со промените во   општеството и меѓународната заедница, се промени и дипломатијата која стана глобална, мултилатерална и диверзифицирана. Современата дипломатија ја одбележуваат три карактеристики кои го отсликуваат духот на новата епоха. Дипломатија со целокупниот сопствен багаж се манифестира во континуитет, како во просторот, така и во времето. Таа се трансформира во перманентна релација и бескрајно преговарање. Како што забележува поранешниот француски министер Ибер Ведрин, „дипломатијата се претвори во перманентен процес кој се одвива без завршеток“. Таквата глобализирана дипломатија поседува свои привилегирани места, градови во кои се сместени главните меѓународни организации, како Брисел, Женева, Париз, Берлин, Њујорк, Вашингтон…

Следната карактеристика на современата дипломатијата е што таа прогресивно го прошири   својот делокруг на акцијата, и тоа не само во економскиот, трговскиот и финансискиот, туку и  во културниот домен, транснационалните прашања, човековите права, здравството, климата, долгорочниот развиток. Дипломатијата еволуира и низ мулитлатералните димензии, кои имплицираат повеќе актери, како јавни и приватни, така и индивидуални и колективни, економски, политички, културни. Дипломатијата ја надмина некогашната „вестфалската“ рамка (1648), кога ѝ се потчини на реалистичката концепција, а која се темелеше врз принципите на суверентитетот, силата и рамнотежата.

Еволуираше и позицијата на дипломатот

Со дипломатијата еволуираше и позицијата на дипломатот. Некогаш  грчкиот израз диплоус кој   означува дипломат и писател, според британскиот аналитичар Харолд Николсон бил основа за „писменоста на дипломатот и неговата активност“. На почетокот, чинот на предавање на писмото на странскиот крал создавал  извесен имунитет за амбасадорот. Таквата практика   продолжила и по кодификацијата на меѓународното јавно право до денешни дни. Вистинска конфузија илустрираше книгата Diplomacy (1994) на Хенри Кисинџер, која се занимаваше исклучиво со дипломатијата на државниците, додека улогата на амбасадорите ја сведе на обичини писмоносци. Амбиентот на Студената војна можеби ја диктирал таквата логика, но со паѓањето на Берлинскиот зид и демократизацијата во државите на реалниот социјализам се демократизира и дипломатијата. Таа повеќе не е строго и ригорозно гнездо на шпиони и информатори.

Јавното мислење масовно учествува и има потреба од информираност и транспарентнист. Тезата на Хенри Вотон дека „амбасадорите се чесни луѓе кои мораат од патриотски причини да лажат во државата-примател“, повеќе не се евидентни. Не важи и наследената формула од авторитарните режими дека „во депешите на диполоматите не треба да се пишува критиката кон домашното раководство, бидејќи ќе се навредил некој од државниците, а со тоа амбасадорот   ризикувал да биде повлечен“.

Амбасадорот во современата дипломатија останува „капитен на екипата“ кој раководи со сите   инструменти и актери. Ова е практика во државите на развиените дипломатии. Неопходно е да се прифати новата култура на меѓународните односи. Заврши епохата на „салонската дипломатија“. Дипломатите мораат да комуницираат со разните институции, НВО-а, обични   луѓе, уметници, интелектуалци, деловни луѓе од кои може да профитира државата.   Дипломатијата сè повеќе добива една антрополошка димензија како „пацифистичка алатка за надминување на тензиите“ и секако економско-трговската, културолошката, а во епохата на пандемијата и санитарна димензија. Ова се само дел од предизвиците, освен редовните. македонско-бугарски односи со кои ќе треба да се справи МНР Османи и неговиот советодавен тим.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот