Основен суд Скопје 2: Одлуката за промена на реисот не е правосилна

Oсновниот суд Скопје 2 преку соопштение ја информира јавноста дека промената на лицето на застапување на Исламската верска заедница го направил по нејзино барање, а врз основ на неотповиклива оставка која ја поднел Сулејман Реџепи, а ја констатирал Ријасетот на седница одржана на 30.03.2019 година. Одлуката на Судот се уште не е правосилна бидејќи тече рокот за жалба.

„Врз основа на поднесена неотповиклива оставка на Реис Ул Улема на Исламска верска заедница – Сулејман еф Реџепи, примена на ден 25.03.2019 година и заведена под број 15-13/174, Ријасетот на ИВЗ на РМ на ден 30.03.2019 година, одржал вонредна седница на која е прифатена оставката на досегашниот Реис Ул Улема и на истата седница за Реис Ул Улема е избран Скендер Бузаку. Врз основа на донесените одлуки на Ријасетот на Исламската Верска Заедница на ден 03.04.2019 година, до Основниот суд Скопје II Скопје поднесено е барање за промена на лице за застапување на Исламската Верска Заедница. Постапувајќи по поднесеното барање Основниот суд Скопје II Скопје, на ден 17.04.2019 година, донесе решение со кое барањето на Исламската верска заедница за промена на вршење на функција Реис Ул Улема е уважено и врз основа на поднесените документи извршена е промена на функција Реис Ул Улема, па како Реис Ул Улема е запишан г-дин Скендер Бузаку. Наведената одлука за промена на вршител на функцијата Реис Ул Улема не е правосилна, односно за истата течат рокови за жалба од 15 дена“, се вели во соопштението од Судот.

Оттаму потенцираат дека судот не врши промена, туку спроведува и потврдува одлуки на верската заедница што се донесени на вонредна седница на Ријасетот, а врз основа на член 36 и член 68 од Уставот на Исламската верска заедница.

„По однос на прашањето на дел од медиумите дали неотповикливата оставка на Реис Ул Улема Сулејман Реџепи е фалсификат или не, известуваме дека тоа може да биде предмет на друга постапка. Во постапка согласно Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, судот само врши потврда на одлуките донесени од верската заедница и истите ги изразува во Решение за промена. Наведеното дотолку повеќе што сите одлуки во барањето за промена на Реис Ул Улема се со печат на верската заедница и заведени под деловоден број на заедницата“, велат од Основен суд Скопје 2.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот