Османи во Приштина: Единствена алтернатива за регионот е членството во НАТО и ЕУ

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи допатува денеска во еднодневна официјална посета на Приштина, каде што претпаднево се сретна со шефицата на косовската дипломатија, Доника Грвала, по што беше примен и од претседателката на Косово, Вјоса Османи.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, шефовите на дипломтиите на двете земји, на заедничка прес-конференција во косовското МНР ја отфрлија, како мошне опасна, секоја идеја за промени на границите во регионот и ја нагласија важноста на соработката меѓу соседите.

Одговарајќи на прашањето за наводниот словенечки нон пејпер за „конечно решавање” на националните прашања во Западен Балкан преку промени на границите, Османи порача дека единствена алтернатива за регионот е неговото зачленување во НАТО и интегрирањето во Европската унија.

– Ние не смееме да упаднеме во таа стапица, бидејќи тој документ, за кој се тврдеше дека е изготвен од словенечкиот премиер, е демантиран од страна на Словенија и мислам дека не е во ред истиот да го поврзуваме со таа држава. Единствена алтератива е ширењето на НАТО за мир и интегрирањето во Европската унија, изјави Османи.

Неговата колешка, Грвала изјави дека и самото споменување на тие тези претставува опасност за стабилноста на регионот.

– Опасно е кога се појавуваат такви тенденции, со поделби и етнички линии, затоа е сосема јасно дека за нас нема значење тој документ, но е мошне опасен, бидејќи поттикнува конфликти, оцени Грвала.

Двајцата министри ги оценија односите меѓу Северна Македонија и Косово како исклучително добри и најавија нивно натамошно продлабочување

Османи информира за содржината на разговорите со неговата колешка, како и за дел од активностите на Владата на Северна Македонија во правец на регионалното поврзување.

– Ме радува добрата соработка меѓу двете суверени и демократски држави, за создавање длабоко и цврсто пријателство, бидејќи тоа отвара можности за двете земји. Разговаравме за многу конкретни прашања и фокусот беше на економски теми, зајакнати инфраструктурни врски, олеснување на транспортот на стоки и многу други работи. Информирав за работите на автопатот од Скопје до границата со Косово, како и за нашиот проект за поврзување на Блаце, преку Скопје, Тетово, Кичево, со Струга и Ќафасан, со што ќе се заокружи Коридорот осум, како што бараат нашите граѓани, изјави Османи.

Шефот на македонската дипломатија рече дека Скопје е подготвено да ги стави на располагање на Приштина искуствата со зачленувањето во НАТО и интегрирањето во ЕУ.

– Северна Македонија, како членка на НАТО целосно ја поддржува евроатлантската перспектива на Република Косово. Изразив задоволство што од годинава и припадници на Армијата на Северна Македонија се во составот на КФОР. Наша амбиција е целосното интегрирање на шесте земји од Западен Балкан во ЕУ и како земја преговарач со ЕУ спремни сме да ги ставиме на располагање на Косово сите наши досегашни искуства во тој правец, рече Османи.

Тој додаде дека Северна Македонија ги поддржува напорите за затворање на отворените прашања во регионот, вклучително дијалогот меѓу Приштина и Белград, до меѓусебно признавање на двете држави.

– Република Северна Македонија го поддржува дијалогот меѓу Косово и Србија и смета дека негова конечна цел треба да биде меѓусебното признавање на двете држави и европскиот пат на целиот регион, изјави Османи.

Шефицата на косовската дипломатија рече дека соработката меѓу двете земји е пример за регионална соработка и нагласи дека нивна заедничка цел е зачленувањето во ЕУ.

– Северна Македонија е меѓу стратешките партнери, со кој имаме околу 30 договори за соработка и слободно можеме да кажеме дека овие две држави се пример за соработка и добрососедство, давајќи добар пример за целиот регион. Косово и Северна Македонија се движат по истиот пат, а тоа е интеграцијата во ЕУ, изјави Грвала.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот