Османи – Варвициотис: Атина да продолжи со јасна и директна помош во лобирање за отворање на пристапните преговори

Милтијадес Варвициотис и Бујар Османи
Милтијадес Варвициотис и Бујар Османи / Фото: Фејсбук, Бујар Османи

Имајќи предвид дека Грција е стратешки партнер на Северна Македонија и дава голема поддршка во процесот на интеграција во Европската унија, очекувањата се сосема оправдани дека нашиот близок сосед и пријател ќе продолжи со јасна и директна помош во лобирање во претстојниот период, до формалниот почеток на преговори за членство.

Ова го истакна шефот на дипломатијата Бујар Османи, по денешната средба со грчкиот алтернативен министер за надворешни работи задолжен за европски прашања Милтијадес Варвициотис, кој престојува во работна посета на земјава.

Како што соопшти МНР, за време на пленарните состаноци на двете делегации, беше нагласено дека оваа средба се случува во значаен момент, веднаш по Самитот на ЕУ во Брдо кај Крањ и донесената Брдо Декларација, со која беше повторена поддршката за европска перспектива на земјите од Западен Балкан.

– Покрај фокусираноста на реформите и сеопфатната консолидација на своите европски капацитети, Северна Македонија останува посветена на верното и целосно спроведување на потпишаните договори, согласно политиката на градење на хармонични односи и соработка со нашите соседи, беше нагласено на средбата, се наведува во соопштението.

Министерот Османи истакна дека наспроти препознатливите остварувања за кои добиваме потврда за направени позитивни чекори, постојат и доста прашања кои треба да се решат и во таа насока, се додава, е и нашата изразена дипломатска активност, проследена со многу чести посети и средби на високо ниво на официјалните претставници, како и помеѓу работните тела.

– Следува период на ангажман и на зачестени средби на комитетите и комисиите, чија активност во изминатиот период беше поспора, најави Османи.

На средбата станало збор и за унапредување на економските односи и трговските релации, особено што по склучување на договорот за заедничка изградба на Интерконекторот со Грција, се наведува, се отворија широки перспективи што ќе овозможат гасна експанзија и развој во регионот со поврзување на Централна и на Југоисточна Европа.

Министрите разменија мислења и ставови за актуелните меѓународни случувања, идните инвестициски проекти, како и ангажманите за унапредување на регионалната инфраструктура, отворање на нови гранични премини и склучување нови договори.

Алтернативниот министер Варвициотис изрази уверување дека нашата земја ќе ја добие сета неопходна поддршка, за да конечно отпочнат пристапните преговорите за членство во Европската унија, стои во соопштението.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот