Османи: Соработката со Обединетото Кралство продолжува со несмалено темпо

Министерот за надворешни работи Бујар Османи оствари телефонски разговор со министерката за Европско соседство и Америка на Обединетото Кралство, Венди Мортон, на која изрази задоволство од долгорочното партнерство со Обединетото Кралство во изминатите 27 години, а кое, како што истакна, се рефлектира преку динамичен политички дијалог, силно развиена економска и секторска соработка, соопшти МНР.

-Претставува навистина импозантен факт што Обединетото Кралство во моментов претставува втор трговски партнер на Република Северна Македонија и еден од најголемите странски инвеститори во земјава, истакнал  Османи, укажувајќи на важноста на новиот Договор за партнерство, трговија и соработка кој обезбедува непречена транзиција на севкупните економски односи меѓу двете земји и по формално напуштање на Обединетото Кралство на Европската Унија.

Со потпишувањето на овој договор, посочил министерот за надворешни работи, обезбедивме предвидлива околина за бизнисите кои имаат воспоставено економски релации меѓу двете земји, како и солидни услови за уште поголем развој на економската соработка меѓу двете земји.

Во рамките на разговорот била отворена темата и за партнерството во рамки на НАТО, за кое соговорниците се согласиле дека продолжува со несмалено темпо. Османи нагласил дека од круцијално значење е силната британска поддршка која ја добива нашата Армија во функција на заедничко придонесување кон регионалната стабилност и глобалната безбедност.

Министерот се заблагодарил и за добиената поддршка од ОК за претседавањето со ОБСЕ во 2023, реафирмирајќи ги заложбите за промоција на нашата земја како стабилен меѓународен партнер кој ги поддржува човековите права, демократијата, владеење на правото…

Министерката Мортон потенцирала дека Северна Македонија успеала во изминатиот период да преземе храбри одлуки и да постигне исклучителни резултати, што, како што рекла, резултирало со официјализација на членството во Алијансата. Таа изразила уверување дека наскоро ќе се надминат и предизвиците поврзани со билатералните прашања и ќе биде усвоена Преговарачката рамка за отпочнување на ЕУ пристапните преговори со Северна Македонија. Иако Обединетото Кралство ја напушта Унијата, таа останува да ги поддржува реформските процеси во Северна Македонија. 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот