Османи: Со Проектот „Рефлексија 2030“ целиме кон стратешка артикулација на разните приоритетни области

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска одржа средба со претставници на Фондот за иновации и технолошки развој, стартап заедницата и иноватори, МАСИТ и научните институции кои работат на полето на иновацијата и технолошкиот развој.

Како што соопшти МНР, состанокот е продолжение на активните граѓански консултации на министерот Османи со заинтересираната и експертската јавност во рамки на првите два столба на Проектот РЕФЛЕКСИЈА 2030 што треба да резултира со изработка на Стратегија за надворешна политика. На состанокот беа разменети мислења во насока на градење на поробусна и подинамична стартап/иновациска заедница и промоција на нејзиниот потенцијал во пошироки меѓународни рамки.

– Денес ја имаме честа МНР за првпат да биде домаќин на претставници на стартап заедницата и фелата која работи на иновации, истражувања и технолошки развој. Би сакале денешниот настан да послужи како појдовна точка за подлабинска анализа како да го искористиме националниот иновациски потенцијал како продолжена рака во креирањето на позитивна надворешна перцепција за Република Северна Македонија; и дополнителен адут на нашата економска дипломатија, подвлече Османи.

Тој, истакна, се посочува, дека денешната тематска дискусија треба да биде извор на инспирација за натамошна диверзификација и иновирање на традиционалните дипломатски теми.

– Со Проектот „Рефлексија 2030“ целиме кон стратешка артикулација на разните приоритетни области и притоа инкорпорирање на разни прогресивни процеси и потфати кои ќе ни помогнат будно да го следиме (и бидеме во чекор) со духот на времето, да се потпреме на добрите традиции и пракса, но секако, со поглед свртен кон иднината. Во оваа смисла, размислувањата на иновациската заедница имаат критично значење, нагласи Османи.

Учесниците во дискусијата, се наведува, ја поздравија иницијативата за вклучување на стартап/иновациската заедница во Стратегијата за надворешна политика и изразија подготвеност за споделување на нивната експертиза со цел дефинирање на стратешките цели на државата во оваа област и нивна адаптација на модерните светски текови.

Притоа, беа разменети мислења за улогата на МНР во зајакнување на постојната и обезбедување на нова меѓународна сцена за продуктите на иновацијата, анализа на странските пазари и поддршка на стартапите во реализација на нивната агенда, партнерско вмрежување на иновативните компании, поттикнување на позитивна клима меѓу заедниците во дијаспората за инвестирање во македонските стартапи и позиционирање и промоција на Република Северна Македонија како регионален „стартап хаб“, стои во соопштението од МНР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот